1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пошта штрајкува? Одлично, a ние штрајкуваме против Пошта!

20 март 2024

Граѓаните не им веруваат на солзите на поштенските работници бидејќи со години наназад не се задоволни од нивните услуги. Пишува Соња Крамарска.

https://p.dw.com/p/4dugC
Македонија Пошта
Штрајк на вработените во Македонски Пошти

Малку кој се загрижи за штрајкот во Пошта на Северна Македонија. Граѓаните со децении наназад се незадоволни од услугите на Пошта, но се чини дека компанијата која што е во државна сопственост (читај во сопственост на сите граѓани на Македонија) не беше загрижена за мислењето на корисниците. Молчешкум преминуваа преку критиките дека поштенските прати доцнат со месеци или често не стигнуваат на назначената дестинација, а за вредносни пратки или препорачани писма и да не говориме. Оваа институција која, во повеќето држави се смета за најсигурен начин да стигне една пратка, во Македонија е предмет на потсмев, а фактот што се случија неколку сомнителни грабежи на пари и пожар, додадоа и сомневања дека таму се врши криминал. 

Но сѐ додека платите стигаа на време, вработените во Пошта не придаваа важност на лошиот имиџ што компанијата го имаше во јавноста. За нив причина за аларм е само неколкудневното доцнење на платата. Темата, пак, за злоупотребите, непрофесионализмот, губењето на писмата, исчезнувањето на поштарите од улиците, не беа ниту еднаш причина 1.800 вработени да се запрашаат каква иднина ја чека Пошта и нивните работни места со такво лошо извршување на основната функција. 

На веб страницата на Пошта се поставени хумористични пароли како на пример: „Вашите пратки се во сигурни раце“, „мисијата на Македонска пошта е квалитетно и ефикасно да ги задоволи потребите на корисниците“ и „визијата на Македонска пошта е да биде високопрофесионална, кориснички ориентирана, конкурентна, препознатлива и почитувана компанија, одговорна кон корисниците и општеството“. Велиме „хумористични“ затоа што еден поглед е доволен да се фрли врз овие пораки за да измами насмевка на лицето бидејќи ништо од тоа не е точно. Пошта на Северна Македонија не е ниту професионална ниту кориснички ориентирана, а најмалку дека  пратките на граѓаните се во сигурни раце.  

Дипломатски скандал со поштенска марка  

И финансиските показатели зборуваат во прилог на непрофесионалноста: загубата на Пошта на крајот на 2022 година изнесувала 18,7 милиони евра. Тоа е поголема сума од капиталот на компанијата кој е проценет на 13,8 милиони евра. Но, управувачкиот тим на Пошта како да не го вознемируваат загубите кои раснат од година во година. Некои од нив во минатото си склучувале договори за менаџерско осигурување за што на осигурителната компанија ѝ платиле 45.000 евра од сметката на Пошта. Според ревизорскиот извештај на крајот на 2022 во Пошта имало 1.998 вработени, а денеска според синдикатот се 1.800. Сепак, кога на корисник ќе му пристигне известување дека неговата пратка стигнала во Пошта, таму нема вработен да го услужи, па често за пристигната пратка се добива одговор дека ја нема бидејќи немало кој да ги распредели стасаните пакети или писма. Врв на непрофесионализмот е што службеникот може да го „замоли“ корисникот сам да претура низ пакетите за да си ја најде пратката. 

Пошта - руина средe центарот на Скопје

Скандалозното работење резултира и со чести тужби, па така, според последните расположливи податоци, против Пошта се водат судски спорови во вредност од 890.000 евра. Тоа е и малку во однос на разочараноста на корисниците кои, кога ќе треба да испратат нешто веднаш бараат алтернативни начини бидејќи знаат дека нема да ја добијат услугата од државната поштенска служба. 

Јавноста уште памети дека Пошта еднаш издаде поштенска марка со географска карта на „Голема Хрватска“ која ги опфаќа териториите и на денешна Босна и Херцеговина и дел од Србија и Црна Гора. По многубројните реакции целиот тираж од 6.000 примероци беше поништен, а Македонија доживеа невиден срам бидејќи поштенската марка требаше да биде симбол на благодарноста на нашата земја за помошта од Хрватска на нашиот пат кон ЕУ. Тајмингот на издавањето беше темпиран за да се одбележи претседавањето на Хрватска со ЕУ. Случајот прерасна во дипломатски скандал бидејќи поштенската марка излезе на Денот на победата над фашизмот, а Србија вложи протестна нота против Македонија поврзувајќи ја поштенската марка со фашистичкото минато на Хрватска. 

За лошиот имиџ се виновни сите

Тоа е само мал извадок од богатото досие на оваа државна компанија кое секојдневно се дополнува со нови фрапантни податоци. Освен непрофесионалното работење кое се случува пред очите и на потенцијалните корисници на поштенските услуги и на сопственикот на Пошта – Владата на Северна Македонија, може да се забележи и нетранспарентноста. Платите на седумчлениот управувачки борд не се наведени на веб страницата на оваа државна компанија иако според правилата за транспарентност на фирми во сопственост на државата, примањата на директорската структура треба да бидат јавни и да се достапни во секое време. 

Последниот ревизорски извештај од пред неколку години изнесе на виделина и давањето и по 50 проценти попусти за поштенските услуги што довело до помали приходи од повеќе од еден милион евра, како и нераздолжени аванси на вработените, дадени за виза картички и службени патувања. Претпријатието меѓу другото продало и имот без да пресмета и наплати ДДВ, а нерегуларностите одат и дотаму што и вработени со пониско образование работеле на места предвидени за повисоко образование. 

Имајќи го предвид сето тоа, реакцијата на поштенскиот синдикат во понеделникот и во вторникот може да се смета и за оправдана, но ако сакаат проблемите да се решат треба сите заеднички најпрво да почнат со зголемување на квалитетот на услугите. Вкупниот имиџ на Пошта во јавноста е толку опаднат што од одговорноста за лошото работење не може да се исклучи никој, почнувајќи од поштарите до службениците на шалтерите па до директорскиот врв. Не е далеку времето кога на Пошта веќе „нема кој да ѝ пишува", а вестите за штрајкот ќе бидат игнорирани во јавноста како што со години, ако не и децении наназад, се игнорираат поплаките на граѓаните за изгубените и недоставени пратки.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи