1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставни измени: Власта апелира, опозиција игнорира

ДТЗ
17 август 2023

Премиерот Димитар Ковачевски бара објаснување од опозицијата зошто е против уставни измени. Шефот на дипломатијата, Бујар Османи е дециден дека овој уставните измени не се прават под диктат на Бугарија.

https://p.dw.com/p/4VGk7
Бујар Османи
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи испрати писмо до пратениците во пресрет на седницата за уставни измени Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи испрати писмо до пратениците  во пресрет на седницата која што е закажана за в петок (18 август), на која треба да започне дискусијата за уставните измени. Потоа ќе следи гласање за, како што вели Османи, „второто најважно прашање што некој парламентарен состав требал да го донесе во историјата на земјата по независноста – по зачленувањето во НАТО, остварување на втората стратегиска цел на државата за приклучување кон напредното европско семејство на држави“.

„Во петок Вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите влади во изминатите 30 години. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на 'пасошизација' на граѓаните кои бараат европска иднина за себе“, им порача Османи на пратениците.  

Гаранција за мир и стабилност 

Тој е убеден дека секој од нив сака земјата да биде членка на Унијата, составена од најдемократски и најбогати земји во светот, која гарантира мир, демократски развој и економски просперитет.

„Во процесот на преговорите имавме за цел да го зачуваме и зајакнеме македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Одговорно тврдам дека во тоа успеавме. Македонскиот јазик за прв пат беше прифатен и гласан во Советот на ЕУ помеѓу земјите членки и е недвосмислено дел од европските јазици. Овој факт не може никој да го побие.

Јас ги разбирам сите оние што стравуваат од можностите за натамошни обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови. Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата. Со оваа промена на Уставот, ние само ќе ја зајакнеме нашата меѓународна положба и ќе ја зголемиме меѓународната поддршка за нашите цели. Низ преговорите, шансите да продолжиме да ја промовираме и унапредуваме македонската национална посебност, историја и култура ќе бидат значително подобри и зајакнати“, дециден е Османи. 

собрание Северна Македонија Димитар Ковачевски
Од вас зависи европската иднина - им порача Османи на пратеницитеФотографија: Petr Stojanovski /DW

Неопходен компромис

Со промена на Уставот, шефот на дипломатијата е убеден дека нема да се направи грешка, туку напротив ќе се отвори ново поглавје на развој и стабилност за граѓаните. „Оваа промена не менува ништо во положбата на Бугарите во земјава и во однос на правата што до сега ги имаа и им ги гарантираше Уставот. Оваа промена ни дава можност на Република Бугарија и на светот да им докажеме дека тие не се дискриминирани, бидејќи реално тоа е така. Ова е можност да ги одземеме сите аргументи, а потоа да се втурнеме брзо кон реформските процеси кои се најважни за нашите граѓани и во наш најдобар интерес“, вели Османи.

Тој на пратениците им порачува дека овој чекор не се прави под диктат на Бугарија, ниту заради уцена од нејзина страна. „Ова е компромис во преговорите откако нивниот меморандум до ЕУ за непризнавање на македонскиот јазик и нација не доби поддршка од земјите членки. Компромис со кој го заштитивме македонскиот јазик и идентитет“, вели Османи. 

Зацементиран став

Писмото на Османи доаѓа откако во средата (16.08), пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ соопштија дека остануваат на ставот дека измени на Уставот во ваков формат и под бугарски диктат не се можни. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека немаат притисоци за прифаќање на уставните измени, иако за тоа е потребно двотретинско мнозинство, односно гласови на 80 пратеници, кои владејачкото мнозинство засега ги нема.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека на Владата ѝ требаат 61 пратеник за да може да работи до следната влада. „Двотретинското мнозинство е императив за секој граѓанин во државата. Кога ќе кажеме 80 пратеници, тие не се потребни за Владата туку за граѓаните на оваа држава“, рече Ковачевски по посетата на компанијата „Дата Мастер“. 

ВМРО-ДПМНЕ да објасни зошто е против уставни измени

Премиерот Димитар Ковачевски денеска побара ВМРО-ДПМНЕ да објасни зошто нема да поддржат уставни промени.

„Кое е објаснувањето на ВМРО-ДПМНЕ зошто е против? Бугарски диктат е најновото. Од ЕУ излегуваат и велат – ова не е предлог на Бугарија, туку на ЕУ. Тие кажуваа ќе ја менувале преговарачката рамка, а сега не го зборуваат тоа, бидејќи од САД и ЕУ кажаа дека таа е одобрена од сите земји членки како најдобро компромисно решение“, додаде Ковачевски.

Опозицијата смета дека ако не се обезбеди мнозинство, нема да има друг логичен чекор освен распуштање на парламентот и одржување на предвремени парламентарни избори.

Првиот човек на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов предлага на седницата в петок пратениците да донесат одлука за распуштање на Собранието, со што ќе се создадат уставни можности во рок од 60 дена да се одржат вонредни парламентарни избори.  

Претседателите на Алтернатива, Движењето Беса, и Демократското движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити на заедничка прес-конференција пред Собранието побараа итно да се стави на гласање потребата од промена на Уставот. Тие од претседателот на Собранието Талат Џафери, побараа да ги стави и амандманите за измена на „навредливото именување на 20 проценти за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема