1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повисоки плати за функционерите - луксуз во време на криза

ДТЗ
30 март 2023

Бројни реакции по одлуката на Уставниот суд: претседателот Стево Пендаровски бара да се стопира зголемувањето на платите на функционерите, Муцунски најави дека ќе ги донира средствата.

https://p.dw.com/p/4PWZJ
Уставен суд
Иницијативата била поднесена од адвокат од Скопје, а Уставниот суд одлуката ја донел на 21 мартФотографија: Petr Stojanovski /DW

Судиите се „почестија“ себе си и останатите функционери со повисоки плати, предизвикувајќи бројни реакции и незадоволство во јавноста. Додека здравствените работници добија ветување за зголемување на месечните примања од 2.000 до 3.000 денари, а незадоволството расте во сите останати сектори поради долгата криза и инфлацијата којашто ги „изеде“ платите, Уставниот суд со одлука за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. Со одлуката се опфатени и уставните судии, но и платите на премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции. Повисоки плати од идниот месец треба да „легнат“ и на сметките на заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.

Невкусно е да се покачат платите

Претседателот Стево Пендаровски експресно реагираше и ја повика Владата да најде законско решение со цел да не се реализира покачувањето на платите на функционерите. Според него, во овие кризни времиња невкусно е да се покачат платите на функционерите и затоа порачува владата да најде законски начин и истото да го спречи. Шефот на државата со најавеното покачување би добивал плата од речиси 2.500 евра.

Според пресметката на  на Синдикатот на работници од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), со оваа одлука на Уставниот суд, платата на претседателот од 93.000 денари ќе стигне до 165.000 денари. Платите на премиерот, Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе се зголемат на околу 2.500 евра. Месечните примања на министрите, пак, ќе изнесуваат околу 1.800 евра. Другите функционери и судиите ќе добиваат околу 1.600 евра. 

Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски ја повика Владата да најде законско решение со цел да не се реализира покачувањето на платите на функционеритеФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Иницијатива 

Иницијативата била поднесена од Бојан Стојевски, адвокат од Скопје, а Уставниот суд одлуката ја донел на 21 март, четири месеци по поднесувањето. Со одлуката на Уставниот суд основицата за пресметување на плата се зголемува од 26.000 на 47.700 денари.

Според Одлуката на Уставен суд се укинуваат член 4 и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со кои досега се одредувал фиксен износ кој служел како основа за определување на платите на функционерите. Останува во сила член 11 од истиот закон според кој, како основица се зема просечната плата исплатена во минатата година според Државниот завод за статистика, а којашто е значително повисока од фиксниот износ. Досега платата на функционерите се одредуваше со коефициенти според основицата од 26.700 денари, а сега таа ќе биде според просечната плата од 2022, која изнесува околу 32.000 денари.

Со член 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во земјата се определува дека основицата за пресметување на платата е просечната месечна плата по вработен за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Според член 10 став 1 платата се утврдува на начин што основицата се множи со утврдениот коефициент и се зголемува за процентот на работното искуство, а коефициентите, согласно член 12, изнесуваат 2,2 до 4,5.

Од Уставен суд за „Независен“ велат дека во овој предмет, судот не било поставено прашање за висината на платите, ниту за одредување на пресметки и проценти, туку дека се барала оцена на уставноста на конкретни одредби: член 4 од измените и дополнувањата на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица донесени во 2010 година и член 1 од измените на истиот закон донесени во 2014 година.

„Уставниот суд не е орган кој одлучува за зголемување или намалување на плата, или одредување проценти и пресметки туку единствено оценува уставност на оспорени одредби, па согласно ова погрешно е и неосновано тврдењето дека со своја одлука Судот зголемил или намалил плати на именуваните и избраните лица, за што е надлежно Собранието преку донесување закон, каков што е законот во кој беа содржани укинатите одредби“, велат од Уставен суд. 

Донација

Вицепремиерот Фатмир Битиќи одговарајќи на новинарско прашање за одлуката на Уставен суд за зголемување на платите на функционерите рече дека не може да не се почитува одлука на Уставен суд. „Владеењето на правото е неприкосновено. Ако има друга одлука со која што треба таму да се интервенира, јас сум еден од првите што ќе ја поддржи“, одговори Битиќи.

Градоначалникот на скопската општина Аеродром, Тимчо Муцунски, најави дека се откажува од зголемувањето на платата и ќе го донира во хуманитарни цели.

„Уставниот суд донесе одлука со која се предвидува зголемување на платите за носители на јавни функции. Јас морам да ја почитувам таа одлука бидејќи е донесена од страна највисокиот орган кој ја штити уставноста во Македонија. Но, можам разликата да ја донирам и тоа со задоволство ќе го направам“, порача тој на социјалните мрежи. 

Муцунски вели дека ова е само мал гест од негова страна кој се надева дека ќе помогне на голем број семејства што секојдневно се борат со различни предизвици и се справуваат со економски, финансиски и здравствени проблеми. „Воедно, ги повикувам и останатите мои колеги од сите политички партии, доколку се во можност да го следат овој пример“, напиша Муцунски.