Хамас подготвен за натамошни разговори за прекин на огнот
12 јуни 2024Терористичките организации Хамас и Исламски џихад соопштија дека доставиле одговор на американскиот предлог за прекин на огнот во Појасот Газа. Одговорот „ги става интересите на нашиот палестински народ на прво место и ја нагласува потребата од целосно запирање на тековната агресија врз Појасот Газа“, се вели во заедничката изјава на радикалните исламистички групи.
Хамас и Исламскиот џихад соопштија дека се „подготвени да се ангажираат за да се постигне договор што ќе стави крај на оваа војна“. Високи претставници на Хамас претходно изјавија дека организацијата доставила официјален одговор до посредниците Египет и Катар.
САД го разгледуваат одговорот на Хамас
Белата куќа соопшти дека го разгледува одговорот на Хамас на предлогот за прекин на огнот во Газа. „Го добивме одговорот што Хамас им го даде на Катар и Египет и во моментов го разгледуваме“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби .
Одговорот се однесува на планот што го претстави американскиот претседател Џо Бајден на крајот на мај за „итен и целосен“ прекин на огнот меѓу Израел и исламистичкиот Хамас. Планот, меѓу другото, вклучува и повлекување на израелската армија од населените области на Појасот Газа и ослободување на заложниците, киднапирани во Израел од страна Хамас на 7 октомври 2023 година, во замена за палестински затвореници. Според предлогот, првично ќе има шестнеделен прекин на огнот, кој би можел да биде продолжен, доколку бидат успешни преговорите за трајно завршување на борбите.