1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлогот за амнестија по скратена постапка во Собрание

ДТЗ
3 октомври 2023

Предлог-законот за амнестија е испратен во собраниска процедура без европско знаменце и не е правен за личности, туку за дела од помал обем, вели премиерот Димитар Ковачевски

https://p.dw.com/p/4X4ZA
Собрание
Предлогот за амнестија по скратена постапка во СобраниеФотографија: Government of North Macedonia

Предлог-законот за амнестија пристигна во Собранието и веќе е доставен до пратениците од страна на собранискиот спикер, Талат Џафери. Владата предлага тој да се носи по скратена постапка. ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да го поддржат предлог-законот за амнестија и дека ќе го блокираат со амандмани.

Разногласие околу потребата за амнестија постои и меѓу министрите, откако првиот човек на МВР, Оливер Спасовски деновиве неколкупати повтори дека ваквото законско решение нема да ги даде потребните ефекти. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека за законот има различни мислења од кои дел се водат од хумани, а дел од рационални причини. Диверзитетот на различни мислења по овој закон, според него, покажува дека можат да се земат различни аспекти за неговото функционирање и низ демократска процедура да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите политички партии и за јавноста.

„Може да се дојде и до решение кое нема да биде прифатливо, бидејќи има најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат“, рече Ковачевски.  

Идризово
Во моментов се потребни 4.000 места за да се сместат сите кои чекаат за издржување на казна затворФотографија: Petr Stojanovski

Без европско знаменце

Предлог-законот за амнестија е испратен во собраниска процедура без европско знаменце и не е правен за личности, туку за дела од помал обем, со намера за релаксирање на пренатрупаните капацитети во затворот Идризово и во другите сместувачки објекти во рамките на Управата за извршување на санкции, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, при посетата на градинката „Парк“ во Скопје. 

Капацитетот на затворите е исполнет - во нив има околу 2.100 осуденици. На издржување на казна чекаат уште 2.200 лицашто значи дека во моментов се потребни 4.000 места за да се сместат сите кои чекаат за издржување на казна.

Димитар Ковачевски
Затворите се преполни, вели премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Стратешки пристап

Затоа Ковачевски предлага стратешки пристап од три дела. 

„Првиот дел е инвестирање во нови објекти, за што Владата преку ЕБОР има обезбедено 24 милиони евра за изградба на нов објект во рамки на затворот Идризово со сместувачки капацитет од 900 места и за реновирање на постојниот затворски капацитет. Второ е користењето на пробацијата, која што беше воведена во 2017 година кога четири лица беа предмет на пробација, а денеска се 450. Веќе се отворени такви центри со вработени стручни лица во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Битола, Струмица. Третиот е воведување на електронски алки за оние кои може да издржуваат казна во домашни услови“, вели Ковачевски. 

Веќе се набавени електронски алки и наскоро таква постапка треба да се спроведе во пракса.

Оливер Спасовски
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, смета дека со законскиот текст не се постигнуваат ефектиФотографија: Regierung Nordmazedoniens

Кој не може да биде амнестиран?

Предлог-законот за амнестија ги опфаќа македонските државјани кои се осудени од странски или меѓународен суд согласно кривичните закони на странска држава, а казната ја издржуваат во Северна Македонија откако пресудата е признаена од надлежен суд во земјата.

Со законот се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.

Во законот е прецизирано кои дела не можат да бидат амнестирани. Со оглед на чувствителноста на одредени случаи кои се случиле во минатото во државата, пратеничката група на СДСМ најави дека ќе поднесе амандман. Целта е да се стопира можноста да се амнестираат осудени лица од убиството кај Смилковско Езеро. 

Спротивставени мислења

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, смета дека со законскиот текст не се постигнуваат ефекти и треба да се размислува стратешки во правец на создавање на услови за издржување на казните, а не преку амнестија да се ослободува простор во казнено-поправни установи.

Координаторот на пратеничката група, Арбр Адеми, деновиве го изнесе својот став дека  законот има хумана димензија, наспроти позицијата на пратениците од албанската опозиција кои обвинија дека тој се носи од политички побуди и пред избори.