Препукнувања меѓу УПОЗ и Владата за протестите
15 јануари 2025По дводневни препукнувања дали има или не политичка заднина зад протестите на администрацијата, којашто веќе два дена протестира барајќи колективни договори и зголемување на платите, Владата ги повикува синдикалците на разговори за да се најде прифатливо решение.
„Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување на договор со сите синдикални организации преку дијалог“, порачаа од Владата, откако вработените од шест министерства и од Државниот завод за статистика во вторникот (14 јануари) започнаа со предупредувачки протести коишто ќе траат секој ден пред институциите од 11 до 11.30 часот.
Тие во средата незадоволството го изразија пред Министерството за култура каде порачаа дека платите на 70 отсто од вработените се под просечната плата во државата, а разликата со платите на вработените на истите позиции во државните органи, кои го добија додатокот на основна плата, е 30 проценти. Во моментот висината на платите на вработените во овие институции кои протестираат почнува од 25.010 денари, просечната плата е околу 29.000 денари, додека просечната плата во државата е 42.124 денари. Со додатокот од 30 отсто, кој го бара синдикатот, овие вработени би добиле уште 6.000 денари.
Политички етикети
По започнувањето на протестите, синдикалците се пожалија на притисоци, а од Владата пак изразија сомнеж дека „протестите се малициозни и политички мотивирани“. Тие признаваат дека платите во институциите не се високи, но и дека можностите на буџетот се лимитирани.
„Владата останува посветена во носење на одлуки во интерес на сите граѓани и зголемување на платите на вработените, но најдобар начин за изнаоѓање на решение на проблемите и различните ставови е преку разговори. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност“, е ставот на Владата.
Од Синдикатот на УПОЗ ги отфрлија ваквите етикетирања. „Секој обид на Владата или на политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот ќе им биде залуден“, порача претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.
В петок протестот се сели пред Министерството за финансии, каде што во периодот од 11 до 12 часот, администрацијата ќе го изрази своето незадоволство.