Политиката е чудесна работа. Вчерашната вистина може да биде денешна лага или нешто поумерено.
Има безброј случаи и овде и во светот. Да земеме само два од последно време. Сенаторот од Охајо, Џеј Ди Венс п,орано беше нареден во стројот „Никогаш трампист“ исфрлајќи пламени гневови против поранешниот претседател, а сега не само што е дел од најтврдокорното јадро „Засекогаш трампист“, туку стана и дел од билетот на Доналд Трамп, како негов кандидат за потпретседател.
Или настанот од пред ден-два. Францускиот претседател Емануел Макрон го избра десничарскиот политичар ветеран Мишел Барние за премиер по двомесечниот политички ќор-сокак, на ужас на победникот на парламентарните избори, панлевичарскиот Нов народен фронт. Едната приказна е што Макрон со оваа одлука ѝ ја предаде својата судбина и судбината на Франција во рацете на Марин Ле Пен. Другата е исто така интересна. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побрза да му испрати честитки на Барние. „Знам дека Мишел Барние ги има во срцето интересите на Европа и Франција, како што покажува неговото долгогодишно искуство. Му посакувам успех во новата мисија“.
Барние ги има во своето срце интересите на ЕУ и Франција, но ги нема интересите на Урсула фон дер Лајен. Барем досега. Годинава во март на конгресот на Европската народна партија во Букурешт Барние одби да ја поддржи Лајен за втор мандат на чело на Европската комисија. Тој како дел на голистичката партија Републиканци одлучи да се воздржи од гласањето. Запрашан дали има на ум подобар кандидат, тој рече: „Нема да давам друг коментар, ви го кажав мојот став“.
Поранешниот преговарач на ЕУ за „Брегзит“ го опиша како „необјасниво“ и „неразбирливо“ тоа што Фон дер Лајен се приклучила на настанот одржан од политичката партија на францускиот претседател Емануел Макрон Ренесанса во октомври минатата година. „Таа дојде да ја започне кампањата на конкурентна листа“, рече Барние.
Тоа беше тогаш. Сега политиката, ако владата на Барние ја добие поддршката во парламентот, ќе треба да биде најблискиот соработник на Фон дер Лајен, бидејќи без моторите на Берлин и Париз и не може да функционира. Нова ситуација, нова амбиција и нови светогледи.
Кај нас јавноста веќе ги исферментираше последнава година сите оние прелетувачи кои добро ја видеа ситуацијата која веќе беше многу извесна, дека СДСМ ќе ја загуби власта, па во чудесноста на политика побрзаа да излезат од тогашното јато и да застанат во редот за прием на новите членови во тогаш опозициската коалиција. Секако, за да добијат некаков вид надокнада. Дали министерски позиции, координаторски, дали некои места во третиот ешалон. Така е, чудата во чудесната политика треба да се случуваат.
Она што е помалку чудо, а повеќе еден вид научна трагедија, е како политиката ја почна и ја продолжува пресметката со науката. Онаа што ја претставуваше македонската држава во историската комисија со Бугарија.
„Професорите се непријатели“
Целата ситуација е дијаболична. Вообичаено во светот научниците (политички или економски) ја сецираат работата на политичарите кои добиле мандат да ги водат државите. Иако не секаде и не секогаш. Дури ни во САД.
Она што американскиот претседател Ричард Никсон му го кажа на неговиот тогашен советник за национална безбедност, Хенри Кисинџер, е влезено во аналите за однесувањето на политиката кон науката, и медиумите.
„Никогаш не заборавај, печатот е непријател. Естаблишментот е непријател; професорите се непријатели. Професорите се непријатели. Напиши го тоа на табла 100 пати и никогаш не заборавај го“, му рекол Никсон на Кисинџер.
Погоре споменатиот Џеј Ди Венс, пред три години, тогаш како кандидат за сенатор од Охајо, на конференцијата на Националниот конзервативизам ги повтори зборовите „Професорите се непријатели“, изрекувајќи големи пофалби за Никсон. За време на неговиот претходен мандат, Трамп предлагаше големи намалувања на науката и технологијата речиси секоја година, но неекстремистичките конгресни републиканци ги блокираа овие буџетски намалувања. Овој пат, ако победи би било поинаку, бидејќи Републиканската партија стана личен култ на Трамп. Уште полошо, партијата прогласи џихад против американските универзитети, вклучително и водечките институции кои ги поместуваат границите на знаењето.
Новата власт во Македонија не прогласи џихад кон некои од македонските историчари во комисијата, но кампањата што против нив се води барем две години, личи на систем на прогонство, во кое науката треба да се прогласи за непријател на нацијата. Подготвувајќи ја јавноста за смена на некои членови на комисијата, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека бил разочаран од некои од македонските историчари во комисијата затоа што не биле заштитници на „националните интереси на македонскиот народ“, а претседавачот Драги Ѓоргиев го омаловажи велејќи дека „коленичел пред министерски и премиерски кабинети“.
Политиката ја навреди науката и ги определи рамките во коишто таа треба да работи и да размислува. Како во советско време – темата е зададена и науката треба да работи да ги задоволи желбите на политичарите, кои, пак, мислат дека нивните ставови и размисли ја претставуваат целата јавност, народот, па и историските факти.
Академик Ѓоргиев во интервјуто за БИРН оваа изјава на премиерот ја оцени од научен дискурс: „Неодговорна, па дури и опасна, бидејќи со неа крајно неодговорно се дехуманизираат припадници на академската средина. Притоа, таа се базира на лични видувања, кои, всушност, стануваат државни и праќа порака дека секој што не ги брани националните интереси согласно тие видувања, ќе биде етикетиран и ќе сноси последици. Конечно, таа е полна со популизам, затоа што премиерот се претставува себеси како познавач и заштитник на народните интереси, кој точно знае кои се тие и на кој начин треба да се бранат“.
Додека трае потрагата по нови членови на историската комисија со Бугарија, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, побрза да го ископира премиерот, велејќи дека и тој бил „разочаран“.
Конфузна изјава со јадец
Младиот министер бил „прилично изненаден што деновиве гледам еден научник, кој е коректно платен од страна на државата да си ја врши својата работа, како се обидува себеси политички да се профилира. Ние политичарите, министрите, имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве“, рече Муцунски.
Тој дури даде и совет: „Би дал еден совет. За да бидеме успешна држава сите треба да го работиме она за што сме избрани да го работиме и да бидеме внимателни, бидејќи природата на работата на овие комисии е таква што со мали гестови може да се направи сериозна штета по интересот на нашата држава. Ние имаме обврска да креираме надворешна политика, а тие кои доаѓаат од научната фела при нивниот ангажман да внимаваат да ја вршат својата работа од научна гледна точка по која се ангажирани од државата“.
Изјавата е конфузна, но во неа има јадец. Дали државата сака од научниците да спроведуваат наука или политика. Има доволно луѓе кои би сакале историјата да ја моделираат или да ја толкуваат онака како што би преферирал политичкиот дискурс. Но што ќе биде тоа тогаш – историска наука сфатена низ мултиперспективноста на настаните или политичко пледоаје што треба да се брани со „историски факти“. Дали Французите биле Французи во времето на Карло Велики, како владетел на Франките од династијата на Каролинзите. Или во тоа време - дали Англичаните били Англичани или англосаксонци сотавени од различни видови германски племиња, со кои подоцна се измешале Норманите за време на инвазијата на островот. Или како да се наречат Германците, кога во тоа време и некој век претходно тие земји биле населени од Визиготи, Остроготи, Вандали, Бургундијци, Саксонци, Франки. Што треба сега македонската наука да го прикаже како непобитен факт, онака како што сака политиката и со децении така образованата јавност – дека цар Самуил бил Македонец, а не Бугарин. Можеби бил, а можеби и не бил, само што тешко се наоѓа доказ за тоа. А можеби не бил ни Бугарин, ни Македонец.
Бугарската историографија е испреплетена со политиката, не само во однос кон Македонија. Кога поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов изјави дека „Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја“ за нас тоа изгледаше како несфатлива, чудна изјава, покрај многуте моменти од историјата на Бугарите со кои тие можат да се гордеат. При работата на Историската комисија некои аспекти од таа изјава на Стојанов (која всушност искрено го претстави бугарскиот поглед, според кој беа обучувани генерации и генерации Бугари), станаа појасни.
Премногу текстови се напишани за чудната закоравеност на бугарските членови на комисијата, за нивната неподготвеност да се вклучат и странски научни авторитети во работата на историчарите (со врвно познавање на историјата на регионот), за обидот да се наметне софиската вистина за историјата, за ќор-сокакот во кој е влезена нејзината работа и целосната непродуктивност во последниве четири години.
Проблемот со неможноста историската комисија да продуцира резултати нема да се реши со промена на дел од македонските историчари во неа. Новите кадри што ќе влезат ќе имаат ѓаволска работа да им угодат на политичарите (на овие што сега се на власт) и да ги „штитат националните интереси“. Дали поради тоа ќе се откажат од штитење на нивното академско знаење е интересно прашање.
Членот на комисијата, Петар Тодоров, во интервју за порталот „Рацин“ изјави дека „комисијата може да продолжи да работи само доколку владите во Скопје и Софија официјално се обратат до УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ чии експерти ќе помогнат во усогласување на методологија на работа која на Комисијата ќе ѝ овозможи да работи врз основа на јасни научни и академски принципи“. Тоа во овој момент изгледа како невозможна работа. Бугарските историчари ќе ги штитат националните интереси на својата земја, македонските историчари ќе ги штитат националните интереси на македонскиот народ. На чија штета за иднината ќе биде ваквиот ќор-сокак не е тешко да се погоди.
Најдобрата работа што може сегашнава власт да ја направи околу новиот состав на комисијата е да ги остави да се занимаваат со науката, а не со националните интереси. Некаде пред крајот на комунизмот во Бугарија некои од тамошните историчари ја продуцираа тезата дека и Кристофер Колумбо бил Бугарин. Откако тоа наиде на општ академски потсмев таа тема во јавноста беше повлечена. Во првите години од независноста на Хрватска таму се промовираше тезата дека Хрватите имале историска врска со со Персијците уште од времето на Ксеркс. По еден ужасен коментар во „Интернешенал хералд трибјун“ за приземната хрватска злоупотреба на историјата тогашниот претседател Фрањо Туѓман (самиот историчар) ги пресече како со меч таквите фантастични тврдења.
Наместо да се разочарува и да им дава совети на докажаните историчари Тимчо Муцунски треба да ја ангажира дипломатијата за преку УНЕСКО да се ангажираат странски експерти да помогнат да се усогласи методологија на работата на комисијата. Таков предлог имаше од Германија, но Софија го одби.
Улф Брунбауер, познат историчар од универзитетот во Регенсбург, Германија, кој го проучува регионов, во интервју за „Независен“ од март 2023, на прашањето дали би прифатил, ако му биде предложено, да биде надворешен член на комисијата и таа да работи поефикасно, одговори:
„Веројатно да, иако како надворешен член би бил само како набљудувач и советник, кој не треба да се вклучува во одлуките и да не се однесува како арбитер. Само резултатите со кои двете страни можат да се идентификуваат ќе помогнат да се усогласат различните гледишта, тоа не може да се наметне однадвор“.
Тоа е еден од можните модели на кои треба да работи министерот или премиерот, а не да се разочаруваат од историчарите кои не ги штителе националните интереси. Затоа што на одреден начин одзвонува и ќе одзвонува советот на Никсон: „Професорите се непријатели“.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.