1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоУкраина

Пресуда за МХ17: Што треба да се знае за процесот

Михаил Бушујев
17 ноември 2022

По повеќе од осум години од соборувањето на авионот Боинг на Малезија Ерлајнс со ознака МХ17 над источна Украина, судскиот процес против главните осомничени е пред крај.

https://p.dw.com/p/4JefX
Местото на несреќата на авионот МХ17 во источна Украина
Местото на несреќата на авионот МХ17 во источна УкраинаФотографија: picture-alliance/dpa/Z. Dzhavakhadze

Денеска, 17 ноември, судот во Хаг треба да ја објави пресудата против четворица обвинети од Русија и Украина во кривичната постапка за падот на цивилниот авион МХ17 – осум години по катастрофата која се случи на 17 јули 2014 година. Авионот од типот Боинг 777 на Малезија Ерлајнс кој леташе од Аместердам кон Куала Лумпур на овој ден се урна над Донбас во источна Украина. Никој од 289 патници и членови на екипажот не преживеа. Меѓународната истрага покажа дека на авионот е стрелано од земја. До денес никој не ја презеде одговорноста за нападот. Повеќе земји, од кои потекнуваа жртвите, меѓу кои и Холандија и Австралија, побараа истрага за случајот пред меѓународен трибунал.

Случајот не стаса пред суд на ООН, бидејќи  Русија со вето во Советот за безбедност ја блокираше иницијативата.  Холандската влада потоа реши да покрене постапка според домашното право, бидејќи 193 од 298 жртви беа по потекло од Холандија.

Трагите водат кон Русија

По катастрофата, петте најмногу погодени земји – Австралија, Белгија, Холандија, Малезија и Украина – формираа Заеднички истражен тим, ЗИТ (Joint Investigation Team, JIT). Истражителите дојдоа до заклучок дека Боингот 777 во 16.20 часот по локално време бил погоден од минофрлачка ракета од советскиот тип „Бук“. Според истрагата се претпоставува дека била испукана од регионот Донбас, кој е контролиран од проруски сили.  Ракетниот систем „Бук“ таму бил донесен од Русија  и кусо по падот на авионот повторно вратен назад преку граница, велат експертите од ЗИТ.

Според експертите, ваквите наоди се темелат на изјави на очевидци кои го набљудувале лансирањето на ракетата, остатоците од авионот и од ракетата „Бук“, сателитски снимки, податоци од радарите, како и фотографии и снимки од транспортот на рускиот ракетен систем на местото во Донбас од каде се претпоставува дека е истрелана ракетата. Освен тоа има и снимки од телефонски разговори меѓу обвинетите, од кои дел објави ЗИТ. Пред почетокот на судењето главниот холандски истражител Фред Вестербеке беше уверен дека судењето ќе ја докаже вмешаноста на Русија во трагедијата. 

Траекторијата на соборениот авион на Малезија Ерлајнс МХ17
Траекторијата на соборениот авион на Малезија Ерлајнс МХ17

Главните осомничени

Меѓународните истражители досега именуваа  четворица главни осомничени. Тројца од нив се Руси: Игор Гиркин (со прекар „Стрелков“), поранешен „министер за одбрана“ на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, генерал-мајор Сергеј Дубински (со прекар: „Мрачниот“) и полковник Олег Пулатов (со прекар „Леванте Видра“). Четвртиот осомничен е Украинецот Леонид Харченко (со прекар„Крт“). Сите четворица негираат каква било вина. Гиркин, еден од водечките политичари во Донбас во тоа време, остана активен во јавноста и по неговото повлекување од борбената зона. Во едно од неговите интервјуа, тој рече дека чувствува „морална одговорност“ за смртта на лицата во авионот.

Инспекторите го сомничат и Владимир Земах, поранешен командант на сепаратистичката противвоздушна единица во градот Снижне во источна Украина. Но, тој и беше предаден на Русија во размена на затвореници. Инспекторите не исклучуваат дека ќе има и понатамошни обвиненија. Тие би можеле да ги вклучуваат неименуваните членови на екипажот на ракетниот систем „Бук“ и врховниот командант на 53-та руска бригада за воздушна одбрана, кој командувал со тој екипаж.

Никој од осомничените нема да се појави во судницата. Русија не ги екстрадира своите граѓани, а можно е и Украинецот Чартченко да добил руски пасош. Неговата судбина и каде се наоѓа останаа непознати по неговото апсење во украинскиот град Доњецк, контролиран од Русија, во март 2020 година. Игор Гиркин, пак, тврди дека повторно се обидува да се бори како доброволец против украинската армија. Се вели дека во Украина веќе се понудени повеќе од 100.000 американски долари за фаќање на осомничениот воен злосторник.

Проруските сепаратисти го собориле авионот МХ17

Политички бризантно е тоа што во фокусот на истрагата е и висок руски владин функционер: Владислав Сурков, кој неодамна поднесе оставка како советник на рускиот претседател Владимир Путин. Сурков неофицијално се сметаше за одговорен за курсот на Кремљ кон Украина. Во 2019 година, тимот на ЗИТ објави бројни снимки од телефонски повици за кои истражителите веруваат дека се поврзани со соборувањето на МХ17. Еден од прислушуваните е и Сурков.

Почеток на процесот и главна расправа 

Постапката во случајот со МХ17 ја преземаа судиите од судот во Ден Хаг. Процесот започна на 9 март 2020 најпрво со процесни прашања. Заради јавниот интерес, рочиштата се одржуваа во комплексот во Скипол наместо во близина на истоимениот аеродром. Рочиштата се пренесуваа во живо на интернет - исто така и носењето на пресудата. 

Обвинителната клупа сега ќе остане празна, но еден од обвинетите, Олег Пулатов, пред судот е застапуван од адвокати. Тој лично во меѓувреме соопшти дека не е одговорен за падот на авионот МХ17. Но, снимките од телефонските разговори објавени во холандските медиуми меѓу него и обвинетите правно го ставаат во тешка положба. 

Се очекува дека судот во Ден Хаг ќе го прогласи за виновен. Обвинението во главната расправа претстави бројни докази за нивното учество во транспортот на рускиот БУК ракетен систем во Украина и назад во Русија, како и за користењето на оружјето со кое е извршено делото. 

Кремљ отфрла учество во ракетирањето на авионот МХ17 и во изминатите години и со помош на државни медиуми ширеше повеќе противречни верзии за тоа како се случил падот. Само делумно руската пропаганда ги ревидираше подоцна своите тврдења и ги означи како „грешка”. 

Остатоци од соборениот авион МХ17 во источна Украина - барање докази
Остатоци од соборениот авион МХ17 во источна Украина - барање доказиФотографија: Reuters/Maxim Zmeyev

Путин ја префрла вината на Украина

Соборувањето на цивилниот авион  во контекст на ескалацијата на борбата во источна Украина во летото 2014 доведе до тоа да има построги санкции против Русија од ЕУ и НАТО. Сомнежот дека има руски удел во катастрофата со МХ17 брзо се прошири во етерот. Борците поддржани од Кремљ во првите минути по ракетирањето го славеа наводниот „успех”. Тие - и Олег Пулатов - очигледно сметаа дека погодиле украински воен авион, што може да се заклучи од објавените снимки.

Дента по падот на авионот МХ17 Русија вината ја префрли врз претседателот на Украина. Ако тие се држеле до сопствениот воздушен простор, никогаш немало да се случи трагедијата, оцени тогаш Путин. Руските власти до денес отфрлаат било каква поврзаност со катастрофата. Ставот и информативната политика на Кремљ во однос на овој случај претрпеа промени низ годините.

Некои државни руски медиуми прво ширеа противречни верзии за падот на МХ17. Во ноември 2014 првата руска телевизија претстави „сензационални” снимки од авион ловец во близина на малезискиот авион. Но, според радарите таму немало авион кој би можел да го погоди Боингот.

Во интервју со американскиот весник „Њујоркер” директорот на еден од најголемите руски телевизиски канали, Константин Ернст, кон крајот на 2019 година призна дека неговата телевизија „направила грешка”. Подоцна производителот на системот „Бук”, рускиот концерн Слмас-Антеј, претстави своја верзија за паѓањето на авионот. Според нив, ракетата била испукана од локација под украинска контрола и Русија не ги признава резултатите од ЗИТ. 

Тужби пред Европскиот суд за човекови права

Во октомври 2020 Москва се повлече од консултациите околу причините за падот на авионот водени со Холандија и Австралија. Со тоа раководството на Русија реагира на тоа дека холандската влада случајот со падот на авионот го изнесе во јули 2020 пред Европскиот суд за човекови права.

Четворица роднини на жртвите  тужат пред судот и против Украина.  Од нивна гледна точка и тие сносат вина за смртта на патниците и екипажот, бидејќи рутата над конфликтниот регион на истокот на Украина не била целосно забранета. Де факто, дента кога се случи трагедијата имало во регионот забрана за летање, но само до висина од 8 илјади метри. Русија пак својот воздушен простор во пограничниот регион кон Украина го забранила за прелет до висина од 16 километри - и тоа само неколку часа пред падот на авионот МХ17. Оваа висина важи за максимален дострел на „Бук” ракетите. Оваа мерка се смета за индиректен показател за руското учество.