1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиАзербејџан

Претседателот на Азербејџан прогласи победа над Ерменците

ЕМФ | Тагесшау | дпа
21 септември 2023

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, прогласи победа над ерменските сепаратисти во конфликтот во Нагорно Карабах. Денеска треба да започнат разговори за „реинтеграција“ на Нагорно Карабах во Азербејџан.

https://p.dw.com/p/4Wchn
Азербејџанскиот претседател Илхам Алијев телевизиско обраќање до нацијата
Азербејџанскиот претседател Илхам Алијев ѝ се обрати на нацијатаФотографија: Press Service of the President of Azerbaijan Ilham Alijew/REUTERS

Азербејџан, според претседателот Илхам Алијев, го ставил под целосна контрола кавкаскиот регион Нагорно Карабах, населен со Ерменци. За само еден ден „антитерористичките мерки“ против сепаратистите таму беа успешно завршени и суверенитетот на земјата беше вратен, рече Алијев во говор до нацијата. Власта во Нагорно Карабах се согласила на прекин на огнот по жестоките напади на Азербејџан, што меѓу другото вклучува и разоружување на нејзините борци. Разговорите за „реинтеграција“ на Нагорно Карабах во Азербејџан треба да започнат денеска (21.09), се најавува од Баку.

Руските мировни сили посредуваа за прекин на огнот

Ерменија и Азербејџан се борат за Нагорно Карабах уште од советско време. Регионот е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година е контролиран од етничките Ерменци поддржани од владата во Ереван. Во 2020 година Азербејџан освои голем дел од регионот и околните области кои претходно беа под контрола на ерменските вооружени сили. Русија  во тоа време посредуваше за прекин на огнот и во регионот стационираше свои мировни сили. Сегашниот прекин на огнот беше постигнат со посредство на овие мировни сили.

Извештаи за најмалку 200 загинати

Конфликтот повторно ескалираше во вторникот. Азербејџан со артилерија и беспилотни летала бомбардираше позиции на етничките ерменски сили во Нагорно Карабах, кои не само што беа драматично помалубројни, туку и недоволно снабдени поради повеќемесечната блокада на регионот. Омбудсманот во Нагорно Карабах, Геган Степанјан, информираше за најмалку 200 загинати лица, меѓу кои десет цивили и повеќе од 400 повредени. Овие бројки не може да се проверат од независен извор. Според Москва, убиени се и неколку руски војници.

Оштетувања на згради од воената интервенција во населба во Степанакерт
Оштетувања од воената интервенција во населба во Степанакерт, 19.09.2023Фотографија: TAR-TASS/IMAGO

Илјадници луѓе во бегство

Илјадници жители на Нагорно Карабах избегаа во камп на руските мировни трупи, додека други се надеваат на бегство од аеродромот во регионалниот главен град Степанакерт. Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека по стапувањето на сила на прекинот на огнот во средата (20.09) во 13 часот, интензитетот на непријателствата значително се намалил. Тој нагласи дека руските мировни сили се одговорни за безбедноста на Ерменците во регионот.

Протести во Ереван

Пашинјан рече и дека неговата земја не учествувала во разговорите за прекин на огнот, туку само ја примила на знаење одлуката на властите во Нагорно Карабах. Тој нагласи дека неговата земја не сака да биде вовлечена во борбите. Пашинјан повтори дека во регионот нема ерменски војници, иако според властите во Нагорно Карабах, повлекувањето на ерменските војници од таму е дел од договорот за прекин на огнот.

Протести во Ереван, 19.09.2023
Протести во Ереван, 19.09.2023Фотографија: SNA/IMAGO

Вечеравечер во Ереван многу луѓе демонстрираа со барање нивната земја да им помогне на Ерменците во НагорноКарабах. Демонстрантите фрлаа камења и шишиња кон полицијата, јави новинар на АФП. Безбедносните сили употребија шок-бомби и уапсија неколку лица. Во исто време, тие се заканија со преземање „посебни мерки“ доколку судирите продолжат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема