1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседател на бугарски клуб на суд поради расизам

ДТЗ
12 декември 2022

Претседателот на клубот „Иван Михајлов“ од Битола е осомничен за расизам и во петок треба да се појави на суд. Љупчо Ѓоргиевски за ДВ вели дека ќе ги искористат сите правни механизми за да ги заштитат своите права

https://p.dw.com/p/4Kp9I
Битола
Клубот во Битола нема да го промени името. Најавуваат дека ќе ја бараат правдата и во Стразбур. Фотографија: DW/F. Schmitz

Претседателот на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола е осомничен за ширење расизам и ксенофобични дејствија на социјалните мрежи. Љупчо Ѓоргиевски за ДВ вели дека изутринава ја дознал веста кога добил покана за в петок да се појави на распит во судот во Битола. Вели дека не знае кој стои зад пријавата, ниту пак очекувал дека превирањата околу отворањето на бугарски клубови во земјата ќе добијат ваков тек. 

Георгиевски на 16 декември, кога треба да се појави во обвинителството во Битола, очекува да слушне повеќе детали околу случајот којшто е покренат против него. Доколку не дојде сам, во поканата му е посочено дека ќе биде присилно донесен во судот. 

Закани и санкции 

До ваквиот развој на настаните доаѓа откако изминативе неколку месеци бугарските клубови во Битола и во Охрид предизвикаа незадоволство и критики во јавноста, по што беа иницирани и законски измени со коишто се ограничи нивната понатамошна регистрација.

„Цар Борис Трети“ Охрид протести
Бугарските клубови во Битола и во Охрид предизвикаа незадоволство и критики во јавностаФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Бугарскиот клуб „Иван Михаилов“ е формиран пред три години, но по неговото официјално отворање во април годинава, беше нападнат и опожарен. На почетокот на октомври беше отворен и вториот бугарски клуб во Охрид, кој предизвика немир и бурни реакции во Градот. Тој неколку пати беше каменуван, а пред две недели имаше и пукање од огнено оружје врз бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. 

По правда во Стразбур 

Во меѓувреме македонското Собрание донесе одлука со која се отвара вратата за нивно згаснување доколку за три месеци не ги променат спорните називи на клубовите. Роковите истекуваат, а клубовите се уште немаат поднесено барање за промена на името до Централен регистар. 

Од Фондација „Бугарско сеќавање“ на бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски, којшто финансиски ги помага овие здруженија, преку медиумите неодамна најавија дека ќе направат сè што е потребно за да продолжат да постојат во согласност со сите закони во Северна Македонија. 

Но, Ѓоргиевски за ДВ вели дека нема промена во нивниот став - сегашните имиња на клубовите и понатаму остануваат. „Нема да го промените името и ќе ги искористиме сите правни алатки за да ги остварите нашите права, ако треба ќе оди и пред судот во Стразбур“, вели тој. Претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“ најавува дека ќе го оспорат и Законот за регистрирање на здруженија и клубови, којшто сметаат дека не треба да важи ретроактивно.  

Бујар Османи Николај Милков
Шефовите на македонската и бугарската дипломатија, Бујар Османи и Николај МилковФотографија: Government of North Macedonia

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи во повеќе наврати посочи дека не гледа добри намери во отворањето на клубови со спорни имиња во земјата, коишто не придонесуваат за добрососедските односи меѓу Скопје и Софија. Неговиот бугарски колега, Николај Милков, пак, по средбата со Османи во Скопје на 7 декември, изрази надеж дека овие клубови во земјата ќе имаат можност да функционираат нормално.

„Нивниот број се зголемува, и тоа е според мене е добар знак затоа што гледаат можност во овој тип на организација да ги истакнуваат своите интереси поврзани со нивната етничка идентификација. Очекуваме од Северна Македонија да биде обезбедена нормална средина за функционирање на тие клубови во духот на разбирањето, да бидат мостови меѓу нашите две земји, да не бидат повод за дополнителни поделби и за говор на омраза. Очекуваме да има реакција и од страна на Владата, така што треба да се постигне едно европско решение и европско функционирање на овој вид здруженија“, рече Милков.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи