НБ: Инфлацијата ќе забави - економијата ќе живне
13 мај 2024Народната банка на Македонија во најновите пролетни макроекономски прогнози очекува економски раст од 2,6 отсто оваа година и 3,6 отсто наредната година. Инфлацијата ќе има просечна стапка од 3,5 отсто.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на прес-конференција најави постепено забрзување на економскиот и забавување на ценовниот раст, како и постепено забрзување на кредитната активност во следниот тригодишен период.
За 2026 година се очекува умерено забрзување на растот, во услови на поповолно надворешно окружување, постабилен амбиент и поголема склоност за потрошувачка и инвестиции.
Надворешната позиција на домашната економија и во рамките на најновите проекции се оценува како поволна, при подобри остварувања во 2023 година од очекувањата (остварен суфицит во тековната сметка), главно заради значителното намалување на увозот.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.
Ќе паѓаат ли цените на храната?
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска денеска оцени дека во земјава се уште нема позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната. Ако се спореди нивото на цените на храната со предпандемискиот период, тие се речиси двојно повисоки од нивото на светските цени на храната.
Одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на најновите макроекономски проекции, Ангеловска-Бежоска истакна дека е позитивно тоа што согласно меѓународните финансиски институции, се проектира натамошен пад на цените на храната оваа година, а стабилизирање на нивното ниво наредната година, што остава простор за одредени надолни корекции.
„Ако се погледне движењето на светските цени на храната од средината на 2022 година, има речиси континурано намалување, но според последните податоци, се уште не се вратени на предпандемиското ниво и се повисоки за околу 17 - 18 отсто. Доколку овие трендови ги споредиме со трендовите во домашната економија, може да констатираме дека не се целосно синхронизирани. Кај нас, растот на цените на храната почна подоцна од растот на светските цени на храната и уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната“, вели таа.