1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Детето е индикатор за дезорганизацијата на системот

6 мај 2023

Детето е индикатор за дезорганизацијата на системот, вели српскиот психијатар Драган Вукадиновиќ по трагичното убиство на девет лица во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.

https://p.dw.com/p/4Qwye
Србија Белград
Србија по трагичниот масакр во основното училиште во БелградФотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

Психијатарот во Специјалната болница за психијатриски болести во Горна Топоница кај Ниш, Драган Вукадиновиќ вели дека не е оптимист дека во српското општество нешто битно ќе се промени по масакрот во основното училиште во белградската населба Врачар, затоа што сѐ уште „не е создадена критична маса“. 

„Голем број луѓе и натаму не се чувствуваат загрозени поради она што се случи. За многумина тоа е далеку, 'тоа е во Белград, 200 километри оттука'. Како во Ниш да нема насилство, да нема бодење на млади луѓе, како половината млади на забавите да не се под дејство на наркотици. А се додека ја држиме главата во песок не можеме да поминуваме подобро“, вели Вукадиновиќ. 

Зборувајќи за масовното убиство во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, Вукадиновиќ рече дека е погрешно прашањето, како таткото, како здравствен работник, не забележал ништо. 

„Образованието воопшто не е гарант дали е некој добар родител. Родител може да стане секој, не ви треба ни лична карта, а камоли некоја потврда од лекар“, вели Вукадиновиќ. 

Тој објаснува дека изворите на агресија кај луѓето, и кај децата, можат да бидат многу различни, почнувајќи од тоа дека некој може да биде нарцисоидна личност која за себе има нереално убаво мислење и која влегува во конфликт со опкружувањето кое не сака да ја признае неговата субјективна проценка. 

Агресијата како социјален модел 

„Имаме и семејства каде искажувањето агресија се прифаќа како социјален модел за решавање проблеми. Имате и семејства на екстремно богати луѓе кои својот капитал го стекнале со искористување и злоупотреба на луѓето околу себе. Постојат големи шанси дете во такво семејство да израсне во предатор кој размислува и прави планови како некого да измами, убие или киднапира, а да не биде забележано“, вели Вукадиновиќ. 

Србија по трагичниот масакр во основното училиште во Белград
Денови на жалост во Србија по трагичниот масакр во основното училиште во БелградФотографија: Antonio Bronic/REUTERS

Според психијатарот, делото кое детето го сторило во училиштето во Белград е последица на „воспитната динамика и опкружувањето“. 

„Не можеме да кажеме дека проблемот е во детето, затоа што децата се 'аморфна маса' која ја профилираат родителите, училиштето, околината, општеството, улицата... Детето е индикатор за дезорганизацијата на системот“, вели тој. 

Во српското општество, додава Вукадиновиќ, се наметнува ставот дека децата се секогаш во право и „нишалото премина од една крајност во друга“. 

„Претераната, социјално необезбедена идеја за децата да се заштитат од насилство во семејствата и училиштата, го однесе нишалото на другата страна. Како општество на сила туркаме едно ниво на права на децата, а не обезбедуваме социјална инфраструктура за правилно распоредување на тој модел. Се задоволуваме со тоа дека некоја комисија постои на хартија, а како работи, тоа е приказна за себе“, изјави Вукадиновиќ за агенцијата Бета. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема