Топовско месо – руските војници се враќаат во ковчези
24 октомври 2022За Викторија, војната во Украина е многу блиска веќе речиси еден месец, дури и во нејзиниот мал стан во московскиот регион. Нејзиниот брат бил одведен од неговото работно место во областа Ростов од страна на руската армија.
„Треба да се бори во Донбас, каков кошмар“, вели оваа 37-годишна жена. „Веќе не можам да спијам“. Викторија плаче. Таа не се плаши само за својот брат, туку и за сопругот Андреј. Овој пар има син кој има една и пол година. Канцеларијата за мобилизација во областа Ростов на Дон, каде што Андреј сè уште е пријавен, веќе го бараше.
Резервите се трошат за панцири
Многумина во Русија се во таква ситуација. Низ целата земја, жените се жалат на владините форуми или на социјалните мрежи дека ги губат своите хранители. Не знаат како ќе врзат крај со крај, често ги трошат последните заштеди за да ги купат најпотребните работи за заминување на фронт. Панцирните елеци се особено барани, но тешко се набавуваат и плаќаат. Жените велат дека со заштедата купуваат ранци, лекови, топла долна облека и чорапи за своите сопрузи.
На видеата кои често се споделуваат на интернет, може да се видат групи мажи, од кои едниот апелира до властите да направат нешто за да го одложат отплатата на заемот. Вториот покажува група покрај воз на Руската државна железница, мажи кои реагираат дека не добиле храна и други потреби за патувањето. Група мажи го слушаат советот на една жена во воена униформа да понесат тампони за со нив да ги санираат прострелните рани. Нема ни доволно комплети за прва помош.
Недостиг на основна опрема
Но, мобилизираните резервисти се жалат дека понекогаш не добиваат шлемови или оружје. „Ни дадоа облека, обувки и гас-маска“, вели Алексеј во интервју за независниот интернет портал istories.media. Со своите пари купил и вреќа за спиење, изолациска подлога и војнички чизми.Интернет продавниците, но и продавниците на воена опрема и материјали за кампување известуваат дека нивните магацини се празни.
Немирите се толку распространети што во Русија гувернерите и парламентарците веќе долго време известуваат за проблеми со мобилизацијата. Претставникот на Думата, Андреј Гуруљов, член на Комитетот за одбрана, изрази револт: еден и пол милион комплети лична опрема исчезнаа и никој не објаснува како, рече тој. Шефот на Кремљ, Владимир Путин, всушност го разреши заменик министерот за одбрана Дмитриј Булгаков, кој е одговорен за опремување на армијата. Но, Гуруљов се жали дека тоа не објаснува „зошто мобилизираните не добиваат униформи“.
Гувернерите сега делумно сами набавуваат двогледи за ноќно гледање за мобилизираните, надвор од буџетот на Министерството за одбрана. Познатиот пратеник Леонид Слуцки беше груб: „Тоа е срамота“. Понекогаш недостасува дури и муниција и оружје. Покрај тоа, мобилизираните се жалат дека ветените плати на војниците, кои се меѓу 100.000 и 300.000 рубљи (1.600 и 4.900 евра). во зависност од регионот, доцнат или воопшто не стигнуваат.
Многумина парализирани од страв
Додека стотици илјади луѓе ја напуштија земјата, многумина сè уште се послушни. Има Руси кои решително се борат за целите на Путин во Украина. Сепак, многумина се приклучуваат на армијата, бидејќи не гледаат алтернатива во бегството од земјата или во затвор. Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано ги повика руските резервисти да не се жртвуваат за Путин како топовско месо, да се предадат на фронтот и да одат во украинско заробеништво.
Во меѓувреме, многумина се парализирани од страв, не се осмелуваат да излезат на улица. Видео надзорот, кој често се среќава во Русија, според властите, сега се користи и за пронаоѓање на оние кои избегнуваат мобилизација. Во главниот град Москва е забележливо дека улиците, рестораните, спортските сали сега се попразни отколку пред да започне делумната мобилизација. А, луѓе воопшто и во јавниот живот има помалку. Во исто време, се повеќе има вести дека многу мобилизирани луѓе починале многу брзо по доаѓањето на фронтот.
Минатата недела со вознемиреност реагираа и руските државни медиуми кога се дозна дека во Украина бил испратен еден вработен во градската управа во Москва, кој немал воено искуство. Дваесет и осумгодишниот Алексеј Мартинов, кој беше мобилизиран на 23 септември, загина на фронтот на 10 октомври. Како може да се случи ова?, го праша Путин минатиот петок новинар близок до Кремљ на прес-конференција во Астана, Казахстан. Тој потсети и на се почестите вести за смртта на руски војници во Украина.
Ниту збор за мртвите
Но, Путин не кажа ниту збор за убиените мажи од Чељабинск и многу други места кои се враќаат во ковчези. Тој нагласи дека 220.000 од планираните 300.000 се веќе мобилизирани. И дека десетици илјади се веќе во нивните единици на фронтот. Точно е дека Путин исто така рече дека мора да се почитуваат фазите на подготовка за акција на бојното поле и дека во последно време неколку пати морал да ги признае грешките во мобилизацијата.
За околу две недели, а тоа го рече Путин во Астана, треба да се заврши „делумната мобилизација“. И повтори дека мобилизираните пред се треба да ја заштитат линијата на фронтот во Украина долга 1.100 километри. „Мобилизацијата е поврзана со тоа“, рече Путин. А, бидејќи таа линија веројатно никогаш нема да биде сигурна, многу Руси очекуваат да следи понатамошна мобилизација.
И речиси осум месеци по почетокот на војната, Путин не размислува за запирање на крвопролевањето. Во Астана, новинарите го прашаа дали жали што започна „специјална операција“ во Украина, како што официјално се нарекува војната во Русија. Но, никој не очекуваше дека Путин ќе покаже жалење. Она што се случува денес е непријатно, но она што би што се случило подоцна, би било уште полошо, рече Путин.
„Затоа, мојата постапка е правилна и соодветна“, нагласи Путин.