Рација против шверцери на луѓе во Германија
17 април 2024Сојузната полиција и јавното обвинителство изутринава (17.04) во голема операција во осум германски покраини презедоа мерки против членови на меѓународна шверцерска банда. Јавното обвинителство во Диселдорф и Сојузната полициска управа Санкт Аугустин (Северна Рајна-Вестфалија) соопштија дека се уапсени десет лица. Рации има во покраините Баварија, Баден-Виртемберг, Берлин, Хамбург, Хесен, Северна Рајна-Вестфалија, Рајнланд-Пфалц и Шлезвиг-Холштајн.
Поткупени биле вработени во службата за странци
Искористувајќи ги посебните правила за странски квалификувани работници, осомничената шверцерска банда, како што се вел, добила дозволи за престој за околу 350 претежно кинески државјани во замена за десетици, па и стотици илјади евра. Според весникот „Билд“, постои сомнеж дека биле поткупени вработени во службата за странци во Германија. Фокусот на истрагата е во покраината Северна Рајна-Вестфалија, каде и се уапсени десеттемина осомничени. Меѓу нив има и двајца адвокати.
Шверцерскиот криминал во пораст
Во 2022 година, Сојузната криминалистичка служба и Сојузната полиција регистрираа речиси 5.000 случаи на шверц на луѓе во Германија - што претставува зголемување од речиси 30 проценти во споредба со претходната година. Заднина е наглото зголемување на нерегуларната миграција во Европа. Во извештајот за шверцерските кривични дела од 2022 година се наведува дека криминалците постапувале „многу професионално и флексибилно“ и дека е видлива зголемена подготвеност за преземање ризици.