1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Раст, ред и реформи - приоритети во 2025 година

1 јануари 2025

Премиерот Христијан Мицкоски најави година на многу работа и реформи, и ефекти кои ќе ги почувствуваат сите граѓани.

https://p.dw.com/p/4ojA7
Премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски веќе најави дека Владата ќе се фокусира во повеќе области, но приоритетно на три темиФотографија: Government North Macedonia

Заврши новогодишната прослава по плоштадите низ Македонија, на Универзитетската клиника за гинекологија во Скопје во првата минута од Новата 2025 година се роди и првото (машко) бебе во земјата, а по бучната ноќ од петарди и огномети, осамна тивок ден во кој секојдневието се враќа во претходната рутина.

Претседателката и врховен командант на Вооружените сили,  Гордана Сиљановска-Давкова,  придружувана од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска ќе ги посети припадниците на Армијата во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Премиерот Христијан Мицкоски напладне ќе присуствува на свеченото отворање на новиот скијачки центар „Михајлово“ на Кожуф, кој официјално стартува со работа од денеска, засега со една главна и една помошна скијачка патека, но со добар потенцијал за понатамошен туристички развој.

Патеките на Македонија

Во фокусот на граѓаните е прашањето - какви се патеките по кои ќе се движи Македонија во 2025 година? Премиерот веќе најави дека Владата ќе се фокусира во повеќе области, но приоритетно на три теми.

„Прво -  економски и социјален раст  и развој и повисок стандард. Повеќе пари за сите. Второ - создавање на ред и систем, јакнење на институциите и борба против корупција, решавајќи ги притоа во од заостанатите и преостанатите дефекти на корупција во системот на сите нивоа како и нивните поддржувачи и соработници. Трето - интеграција во ЕУ и спроведување на реформи за членство  во ЕУ,  дури и ако опстојат предизвиците за почеток на преговорите, кои чекор по чекор ќе се трудам да ги надминуваме. На трите теми ќе правиме максимум со добро осмислен план и тајминг на активности“, најави Мицкоски.

План и за крај, а не само за почеток на процесот

Во однос на очекувањата за напредокот на земјата кон ЕУ годинава, премиерот смета дека е нужен заеднички план со Брисел, во кој ќе биде исклучена натамошна билатерализација во процесот на пристапување. Од денеска под слоганот „Безбедност, Европа!“ Полска ќе претседава со  Советот на ЕУ  во следните шест месеци.

Скопје, Северна Македонија
Премиерот ветува економски и социјален раст и развој и повисок стандардФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Очекувам дека  македонското досие конечно во Брисел ќе добие светлина,  и очекувам дека ќе седнеме заедно со луѓето во Брисел да разговараме и да направиме план и сценарио како до самиот крај, а не само за првите една или две пречки. Сакам да видам план во кој што ќе учествуваме активно како да дојдеме до самиот крај. Се разбира, никој не може нас да ни гарантира дека ќе дојдеме во одреден временски период, но може да ни гарантира дека немаме повеќе проблем со билатерални прашања. Затоа што ние милиметар не сме се поместиле овие 20 години, поради билатералните прашања“, рече Мицкоски на вчерашната прес-конференција.

Потенцираше дека тој процес е двонасочна улица.

„Газам на цврста штица и ако носам каква било одлука таа одлука сакам да значи крај на еден процес, а не само почеток. Кога  некој во Брисел  ќе биде подготвен да разговара со мене за крај на процесот, тогаш јас ќе бидам подготвен“, рече премиерот.

СДСМ критикува, Владата потсетува што наследила

Од опозициската СДСМ критикуваат дека Владата заборавила на интересите на граѓаните.

„Наместо економски раст, стабилност и европска перспектива, од новата Влада видовме стагнација и блокади. Владата ги изневери граѓаните уште во првите шест месеци. Не успеа да донесе реформи, го срози стандардот на граѓаните и ги замрзна платите. По шест месеци се живее полошо дури од времето на економските кризи кои се сега далеку зад нас“, рече лидерот на СДСМ,  Венко Филипче.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче: Владата заборави на интересите на граѓанитеФотографија: SDSM

Премиерот вчера се осврна и на тоа што го наследиле од претходна влада.

„Како Влада наследивме држава која тонеше во криминал и нефункционалност, која се соочуваше со сериозни проблеми, а турбуленциите, економско-социјалните и институционалните предизвици однесоа многу време и енергија“, рече Мицкоски.

Потсети дека во изминатите 6 месеци се направени низа чекори за стабилизирање на економијата кои довеле до раст од 3 проценти, кој претходно и во проекциите на Светската банка изгледал недостижен. Во графата „реализирано“ е зголемувањето на пензиите линеарно за 2.500 денари, по кое во март ќе следи уште едно, зголемување на платите во образованието, во здравството, мега проект за реализација на капитални проекти за општините од 250 милиони евра, како и 250 милиони евра за развој на стопанството, но и рекорд во привлекување на странски инвестиции над 1 милијарда евра, како и забрзување на 8 нови странски инвестиции за нови 2.800 вработувања.

На инфраструктурен план, се очекува да биде пуштен во употреба експресниот пат Куманово-Крива Паланка, Градско-Прилеп и да биде завршена првата фаза од пругата кон Бугарија. Интензивно ќе се работи на автопатите Гостивар-Букојчани, Прилеп-Битола и Кичево-Охрид, а треба да почне изградба на автопатот Тетово-Гостивар. Најавени се и погодности за младите - ваучери од 250 евра за електронски уреди за сите студенти, како и евтини кредити за млади до 30 илјади евра.