1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Растот на цените носи „жешка есен“ во Германија

12 септември 2022

Левицата и десницата во Германија протестираат против растечките цени на гасот, струјата и храната. Понеделничките демонстрации 2022 будат сеќавања на мирната револуција во ГДР, Пегида и корона-протестите.

https://p.dw.com/p/4GSMU
Протест во Лајпциг против растечките цени на енергијата и на трошоците за живот, 5.09.2022
Протест во Лајпциг против растечките цени на енергијата и на трошоците за живот, 5.09.2022Фотографија: Christian Mang/REUTERS

Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година цените се зголемуваат насекаде во светот. Во Европската унија, инфлацијата, односно стапката на пораст на цените, е само малку под границата од десет проценти. Најголема инфлација во 27-те земји на ЕУ има во трите балтички држави - Естонија, Летонија и Литванија, со вредности над 20 проценти. Од оваа гледна точка, Германија, со инфлација од 7,9 проценти, сѐ уште е во релативно добра позиција.

Но, има многу луѓе кои буквално не можат да си купат ништо. Драстично зголемените цени се чувствуваат кога ќе се погледнат цените на горивото на бензинските пумпи, кога се купува во супермаркет и особено кога ќе се погледнат трошоците за гас, нафта и струја. Поради тоа, сојузната влада реагираше со дополнителен пакет мерки за помош во обем од 65 милијарди евра.

Лајпциг беше жариште на понеделничките демонстрации против режимот на ГДР 

Многумина сметаат дека тоа е недоволно, особено левичарските и десничарските партии во Германија. Затоа уште пред последните политички одлуки најавија „жешка есен“ - со редовни демонстрации во понеделник, почнувајќи од 5 септември. Прво на тоа повика најмалата опозициска пратеничка група во Бундестагот, Левицата. Таа го избра Лајпциг како прва локација. Митингот што го иницираше левичарскиот пратеник Серен Пелман е со мотото „Намалете ги цените - енергијата и храната мора да бидат достапни“. 

Изборот падна на Лајпциг, универзитетски град на истокот на земјата меѓународно познат по саемите, каде граѓаните со своите понеделнички демонстрации во 1989 година дадоа одлучувачки придонес за соборување на диктатурата во Германската Демократска Република (ГДР). Стотици илјади луѓе протестираа против комунистичкиот режим на Партијата за социјалистичко единство на Германија (СЕД) со извикот „Ние сме народот“. 

АфД и Слободна Саксонија се натпреваруваат со Левица 

Тоа што Левица мобилизира демонстранти за протести токму во понеделник, според некои е историска амнезија. Зелените го критикуваа Серен Пелман, пратеник во Бундестагот од Лајпциг и претставник на неговата парламентарна група за Источна Европа, бидејќи го користел и терминот „понеделнички демонстрации“: Зборот, како што се вели, има симболично значење од времето на мирната револуција во ГДР, која беше против СЕД, а со тоа и против партијата претходник на Левица.

Демонстрациите во понеделинк во Лајпциг со свеќи в раце и повикот „Без насилство“ го најавија крајот на ГДР
Демонстрациите во понеделинк во Лајпциг со свеќи в раце и повикот „Без насилство“ го најавија крајот на ГДРФотографија: Waltraud Grubitzsch/ZB/picture alliance

Друга точка на критика: Пелман, кој во Лајпциг доби директен мандат за Левица, и неговата партија со тоа прифаќале „десничарските присвојувања на понеделничките демонстрации во центарот на градот да станат општествено прифатливи“. Алузија на фактот дека покрај Левица, на демонстрации повикаа и неколку десничарски партии: десноекстремната партија Слободна Саксонија и Алтернатива за Германија (АфД), која има свои претставници во Бундестагот и е под надзор на Сојузната служба за заштита на Уставот. 

Ширдеван најавува „моќен, мирен протест“ 

Сојузното раководство на Левица се брани од обвинувањата. Свесни се за опасноста од десницата, вели Жанин Вислер, која ја дели лидерската позиција во партијата со Мартин Ширдеван. И тој ги оправдува демонстрациите во понеделник во Лајпциг и очекува „моќен, мирен протест“ за корекција на курсот во политиката.

Под мотото „Растоварете ги луѓето. Ограничете ги цените. Оданочете го вишокот профит“, Ширдеван сака да изврши притисок врз сојузната влада. И Жанин Вислер нагласува дека протестите против економските и социјалните последици од војната во Украина не треба да ѝ се препуштат на десницата. Впрочем, Левица е партија на социјалната правда, додава таа.

Раководното дуо на Левица: Мартин Ширдеван и Жанин Вислер
Раководното дуо на Левица: Мартин Ширдеван и Жанин ВислерФотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

Во 2004 година повод за понеделничките демонстрации беше Агендата 2010 

Десницата веќе докажа колку е голем ризикот од присвојување на протестите од нејзина страна: „Слободните Саксонци го поддржуваат понеделничкиот протест на Серен Пелман и Левицата - заедно против оние горе“. Под ова мото, најмалата партија го регистрираше својот митинг на истото место како и Левица, во близина на главната железничка станица во Лајпциг, оставајќи впечаток како да се на иста линија со нивните политички противници. Левицата презеде правни мерки против тоа - со успех. 

По крајот на диктатурата на ГДР постојано има протести под ознаката „понеделнички демонстрации“. Некогаш доаѓаа од лево, некогаш од десно. Во 2004 година, Партијата за демократски социјализам (ПДС), која произлезе од СЕД и денешната Левица, се мобилизираа против реструктуирањето на социјалната држава познато како „Агенда 2010“ под тогашната влада на социјалдемократите (СПД) и Зелените. Сржта на реформите беа намалена државна поддршка за невработените и примателите на социјална помош. 

Пегида го присвои борбениот крик: „Ние сме народот“ 

Од 2014 година, ксенофобните „Патриотски Европејци против исламизацијата на Оксидентот“ (Пегида) секој понеделник демонстрираа против зголеменото доселување, прво во сојузната покраина Саксонија, а подоцна и низ цела Германија. Движењето го достигна својот врв кога демохристијанската канцеларка Ангела Меркел во 2015 година ги отвори границите за околу милион бегалци, главно од земјите каде имаше граѓанска војна, како Сирија, Авганистан и Ирак.

Понеделнички Пегида-протест против доселувањето на бегалци во Германија, Дрезден 2.10.2015 година
Понеделнички Пегида-протест против доселувањето на бегалци во Германија, Дрезден 2.10.2015 годинаФотографија: picture alliance/AA/M. Kaman

Само во главниот град на покраината Саксонија, Дрезден, на улиците излегоа околу 25.000 луѓе и со слоганот „Ние сме народот“ се обидоа реторички да се надоврзат на мирната револуција во ГДР. Протести на Пегида сѐ уште има и во 2022 година, но одзивот е скромен: ретко има повеќе од 200 демонстранти. 

Корона-протести маскирани како „прошетка“ 

Од друга страна, масовно движење привремено имаше во екот на пандемијата на корона. Протестите против политиката на сојузната влада за сузбивање на вирусната болест, познати како „прошетка“, секогаш се одржуваа во понеделник. Со падот на бројот на заразени и укинувањето на речиси сите ограничувања, како што е обврската за носење маски во продавниците, кината или концертните сали, оваа модификација на понеделничките демонстрации исто така исчезна.

Учесниците на корона-протестите ги нарекуваа своите понеделнички демонстрации „прошетки“, како оваа во Нирнберг
Учесниците на корона-протестите ги нарекуваа своите понеделнички демонстрации „прошетки“, како оваа во НирнбергФотографија: Daniel Vogl/dpa/picture alliance

Сега секој понеделник треба да се одржуваат протести против сѐ поголемите трошоци во речиси сите области од животот. Политичарите и безбедносните власти се подготвуваат за „жешка есен“. Жешка есен со редовни протести против последиците од инфлацијата и политиките на сојузната влада. Така, понеделничките демонстрации се повторно конјунктурни. А спорот околу наводната или вистинската злоупотреба на оригиналот од есента 1989 година веројатно ќе продолжи.