Разговори со Путин? Минимални шанси за крај на војната
6 јули 2024Дали се можни преговори за крај на војната во Украина уште пред истекот на годинава? Можеби уште пред претседателските избори во САД во ноември и со учество на руската страна?
Украина работи на подготовка на нова мировна конференција која треба да се одржи по неколку месеци. Како можна локација сѐ почесто се споменува Саудиска Арабија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да го задржи темпото на неговата дипломатска офанзива и затоа за месецов најави „нови конкретни” чекори. Очигледно станува збор за работни групи за украински мировен план.
Дипломатија, за да не прекине дијалогот
Првата конференција со претставници од висок ранг се одржа кон средината на јуни во Швајцарија. Учествуваа околу 80 држави, Русија не беше поканета, претставник од Кина не дојде.
Дебатите беа ограничени на теми како слободни трговски патишта, атомска безбедност и размена на затвореници. Се отвора и дипломатска врата за идно учество на Русија.
Мирот во Украина има потреба од „учество и дијалог меѓу сите страни”, се вели во заклучокот.
Дали во третата година од војната има конечно можност за вистински мировни преговори?
ДВ разговараше за тоа со двајца претставници на германската дипломатија, Рудигер фон Фрич, поранешен амбасадор во Москва и некогашен втор човек на разузнавачката служба и Кристоф Хојсген, шеф на Минхенската безбедносна конференција и поранешен советник на Ангела Меркел.
Фон Фрич: „Путин нема интерес да стави крај на војната"
Двајцата дипломати не оставаат простор за големи надежи за брзи преговори со Русија бидејќи уште пред конференцијата во Швајцарија, кога Путин го претстави своето гледиште за примирје, се покажаа спротивностите на двете страни.
Според Москва, украинската армија треба да се повлече од четири од страна на Русија анектирани региони во 2022 година на југот и истокот и да се откаже од членство во НАТО. Тогаш ќе има примирје, вели Путин. Рудигер фон Фрич смета дека Путин „во моментов нема никаков интерес да стави крај на војната, ако на крај биде награден за неговата агресија", што според дипломатот би се случило ако се прифатат неговите замисли. Содржински понудата од Путин “воопшто не е сериозна”, смета и Хојсген кој вели дека целта на рускиот претседател е да пушти пробен балон и да ја види реакцијата.
Хојсген: „На Украина ѝ е потребно членство во НАТО"
Од таму двајцата дипломати се сомневаат дека наскоро би можеле да започнат преговори. Прво „Путин мора да ја признае легитимната влада на Зеленски како преговарачки оартнер”, посочуваат тие. Но, Путин кон крајот на мај го стави под прашање легитимитетот на украинската влада и на Зеленски заради формалното завршување на неговиот мандат, кој според украинските закони беше продолжен бидејќи военото право не познава избори.
Хојсген посочува и дека Русија треба да се држи до Повелбата на ООН, што е содржано и во коминикето од Швајцарската конференција. „Единствена шанса за мир гледам во тоа Украина да биде ставена во позиција на сила во овој конфликт", вели шефот на Минхенската конференција, кој оценува дека Русија е далеку од украинската позиција и од можно решение. Затоа не верува „дека на есен ќе има конференција со учество на Русија". Украина и партнерите на запад треба да имаат „истрајност”.
Фон Фрич: Путин се плаши од бунт
Хојсген го кажува тоа што смета дека малку луѓе на запад сакаат да го чујат. Дека во случај на договор со Русија, на Украина ќе и требаат поголеми безбедносни гаранции од досегашните.
„Од моја гледна точка, договор со Русија може да биде поднослив за Украина само ако со тоа е поврзано и членство во НАТО", вели Хојсген. Украина од 2008 година има ветување за членство во НАТО, но нема статус на кандидат. Фон Фрич не верува дека ќе има брзи дипломатски успеси. Тој смета дека Путин ќе биде подготвен за супстанцијални преговори, само ако неговата моќ во рамки на Русија загрозена.
„Владимир Путин мора на сомашен терен постојано да си ја обезбедува поддршката од народот и владее со репресија, пропаганда и постојан поткуп", вели Фрич.
Под притисок не е само руската економија, туку Кремљ се плаши и од нешто неочекувано, како на пример побуна која би можела да му ја загрози моќта.
Како пример дипломатот ги наведува протестите на мајките на војници против впјната во Авганистан во 80-тите години за време на Советскиот сојуз, или масовните демонстрации на синдикатот Солидарност под водство на Лех Валеса, кои го урнаа комунистичкиот систем во Полска, исто така во 80тите години.
„Од тоа се плаши Путин", вели фон Фрич и додава дека „тој мора да се доведе до таа точка и ако дојде до такво одмерување, ќе биде подготвен за преговори". Патот до таму води преку зајакнување на Украина и санкции за Русија, смета фон Фрич.