1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Родова еднаквост - во менгеме меѓу табуата и реалноста

9 ноември 2023

Не смееме да отстапиме од пораката за држава во која секоја индивидуа ги ужива сите права, порачува пратеничката Санела Шкријељ.

https://p.dw.com/p/4Ydwi
Протести Осми март Скопје
Протести за Осми март во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Што е потребно за да се запали „оган“? Доволна е една дезинформација со потенцијал брзо да произведе други, и работата е завршена. Македонскиот пример со „третманот“ на предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост го отслика токму тоа.

„За жал годинава видовме како тие движења се зајакнуваат и дека им се приклучија верски лица, одредени интелектуалци, јавни личности и таканаречени граѓански организации, кои протестираа и против вакцините за време на пандемијата и реформата во образованието. Годинава повод за тоа навидум беше предлог законот за родова еднаквост", вели Санела Шкријељ, пратеничка од мнозинството и членка на интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето.

Да е апсурдот поголем, протестирале и пратеници кои претходно веќе гласале за заклучоците за носење на закон за родова еднаквост.

„Во 2022 година во Собранието донесовме национална стратегија за родова еднаквост и сите го поздравија тој чекор. На пленарната седница по повод Осми Март заеднички изгласавме заклучоци со кои се обврзавме дека ќе го донесеме овој закон до крајот на 2023 и ќе го воспоставиме Секретаријатот за родова еднаквост. И одеднаш, терминот родова еднаквост стана проблематичен во нашата земја па гледаме на локално ниво дека некои општини стратегиите за родова еднаквост ги преименуваат. На собирот организиран од МПЦ-ОА, а поддржан и од другите верски заедници, видовме и пратенички и пратеници кои претходно гласале за заклучоците за носење на овој закон“, објаснува пратеничката. 

Санела Шкријељ, пратеничка и поранешна министерка за труд и социјала
Санела Шкријељ, пратеничка и поранешна министерка за труд и социјалаФотографија: Government of North Macedonia

Вели дека предлог законот за родова еднаквост е од исклучително значење не само заради фактот дека ги јакне институционалните механизми за еднаквост меѓу жените и мажите и на централно и на локално ниво, туку и заради вредносната порака што ја носи.

„Од таа порака - за држава во која секоја индивидуа ги ужива сите права, не смееме да отстапиме“, порачува Шкријељ.

Порозна секуларност

Една од дезинформациите беше дека законите ќе се носат по скратена постапка, а предлог законот за родова еднаквост не беше ни влезен во процедура, додека за матична евиденција беше пуштен во редовна постапка. Но, игнорирањето на тие факти стана движечки погон за тврдења дека некој сака да набрзина да ги донесе законите. Наместо аргументиран одговор, се повтори долгогодишната пракса - политичарите решија да не се замеруваат со верските власти. Стигна заклучок од Извршниот одбор на СДСМ дека за Предлог на законот за родова еднаквост треба да продолжат консултациите и да се прошири јавната дебата со вклучување на сите засегнати страни, со цел да се донесе решение во интерес на целото општество, пред тој за влезе во владина и собраниска процедура.

Македонија е секуларна држава, што не го исклучува демократското право на верските заедници да се вклучат во дебата и да ги искажат нивните ставови за разни општествени прашања. Но, секуларноста во пракса е прилично порозна. На кокетирањето на политичарите со верски лидери, во октомври годинава кусо се осврна холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп, при пошироката експликација за отуството на желба да се спроведат реформи во земјава.  

Холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп
Холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан КопФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Нема вистинска политичка волја за промена, не само во политиката, туку, на пример, и во верските заедници, коишто блокираат промена и ја блокираат Истанбулската конвенција. А политичарите и понатаму се нечујни и сакаат да се фотографираат со свештениците и оџите. Која е пораката за нас во ЕУ?“, праша амбасадорот.  

Поглаварите на пет верски зедници во Македонија (на МПЦ - ОА, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и Еврејската заедница), пролетта во заедничко обраќање „го лоцираа изворот на загрижувачкиот тренд во ратификувањето на Истанбулската конвенција, која, благородната цел на заштита на жените и децата, ја користи како параван за затскриено наметнување на родовата идеологија“.

Медиумите потфрлија

Иако од клучно значење е родовите дезинформации да се идентификуваат и да се третираат како проблем за демократските институции заради негативни последици врз родовата еднаквост, освен голо пренесување кој што изјавил, медиумите во овој случај ја пропуштија можноста за аналитичност и истражување. Според Шкријељ вели дека тие не само што не успеале да ја задржат објективноста и истражувачкиот аспект при известувањето, туку станале и дел од ширењето на родови дезинформации и говор кој поттикнува омраза.

„Впечатокот, поткрепен и со последното истражување на Институтот за комуникациски студии („Родовата еднаквост во време на родови дезинформации“ - н.з.), е дека медиумите многу повеќе простор им отстапија на гласноговорниците на антиродовите движења отколку на експертите од оваа проблематика. Имавме ситуации кога на национални телевизии, во ударни термини, гледавме емисии во кои верски лица зборуваа за закони и како треба да изгледаат законите во нашата земја. Тоа директно придонесе и за поткопување на секуларноста како една од темелните вредности во нашата земја. Притоа, секогаш нагласувам, дека слободата на верување е подеднакво човеково право, но мешањето на верските институции во пишување на закони е недозволиво“, вели пратеничката. 

Зошто потфрлија медиумите? Мери Јордановска, заменик уредник во новинската агенција Мета, смета дека и тоа е рефлексија на поларизираноста во општеството.

„Кога станува збор за родовите теми, особено во случајов, кога имавме директно мешање на црквата и организирање протести, онака како што се однесуваат граѓаните така се однесуваат и медиумите - поларизирано. Едните настапуваат со целосна скепска и жестоки напади, со пласирање непроверени информации, а со тоа и ширење дезинформации; други кои бледо ги следат случувањата и со страв да излезат од границите пренесуваат единствено кој што кажал; и оние најмалубројните, кои аналитички пристапуваат кон темата и даваат детален, точен, професионален пристап преку кој граѓаните би добиле целосна слика“, ги наведува Јордановска разликите во пристапот. 

Смета дека сето тоа делува крајно конфузно и збунувачки за публиката, па секој се приклонува кон она мислење што му одговара на неговите вредности и верувања.

„Во случајов голема улога игра и фактот што сè уште живееме во општество со изразени традиционални вредности, без никаква подготвеност да ги прошириме погледите, особено кога станува збор за сензитивни теми и прифаќањето на различностите. Тоа јасно се гледа и преку известувањата на медиумите, а и на коментарите на социјалните мрежи под новинарските објави, полни со говор на омраза и дискриминација. А тоа веројатно дополнително влијае на медиумите со резерва да пристапуваат кон известувањето на теми од овој вид, за да не ја изгубат ‘традиционалната' публика", оценува Јордановска.

Тоа го смета за разочарувачко, бидејќи улогата на медиумите не е само да известуваат кој што кажал, туку и да едуцираат и аналитички да пристапат кон проблемите, особено за родовите теми кои допрва ќе бидат предмет на дебати и дискусии. 

Аѓутантка, прва жена воена советничка на претседателот во независна Македонија

„Токму затоа, повеќе од потребна е едукација и обука на медиумските работници за известување на теми од оваа област, бидејќи во спротивно, штетите можат да бидат преголеми“, предупредува таа.

Според Шкријељ, важно е да се зборува и дека антиродовите движења се всушност антидемократски движења.

„Тие добро организирани и финансирани од екстремни десничарски организации надвор од земјата и имаат за крајна цел дестабилизација на демократските процеси во регионот и пошироко. Не може да не разговараме за тоа како овие движења се поврзани со руската пропаганда, особено по агресијата врз Украина“, вели пратеничката.

Во финална фаза

Во меѓувреме, иако се чини дека предлогот законот за родова еднаквост е заборавен, Шкријељ вели дека процесот не е во застој.

„Согласно информациите кои ги имаме од ресорното министерство, предлог законот е во финална фаза и треба да влезе во владина процедура и тоа е нешто што сите одговорни чинители во општеството треба да го поддржат. Сакам да верувам и дека сите во Собранието, а особено ние пратеничките, ќе застанеме овој пат многу посилно и погласно во одбрана на еднаквоста како вредност. Всушност, тоа е и целта на нашата заложба за поголемо учество на жените, на места каде што се носат одлуки, нели?“, вели пратеничката.

Верските поглавари веќе порачаа дека „предлог-законите, во основа, им противречат на доктрините на сите верски заедници!“ Но, Црквата на пример, никогаш нема да рече дека кај неа има полова дискриминација, затоа што жената не може да биде свештеник. Сајтовите на епархиите изобилуваат со четива во кои тоа се објаснува со „различните замисли на Творецот во однос на улогите на мажот и жената". Оттука, често се поставува прашањето - колку Црквата е релевантен соговорник на темата за еднаквост? 

Цане Т. Мојаноски
Универзитетскиот професор и поранешен директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Цане Т. МојаноскиФотографија: privat

„Ваквото прашање се отвора во контекстот дека аврамските религии поседуваат зони, согласно нивното учење, во кои жените немаат пристап“, вели универзитетскиот професор и поранешен директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Цане Т. Мојаноски.

„Оттаму се извлекува идејата, дали треба и дали е согласно со моралот да се изјаснуваат против решенијата, или поточно, дали тие треба да се вклучуваат во дебатата и аргументациите pro et contra определен проект или идеја за законско регулирање на односите во општеството? Одговорот на ова прашање има повеќе димензии. Ќе споменеме две: Прво, дали се воспоставува морален цензор, кој ќе определува кој е квалификуван, кој не е. Во тој контекст, што ќе остане од слободата на уверувањето, ако некој има функција да пресудува. Второ, за плуралната демократија и демократскиот процес во неа е специфична отвореноста и подготвеноста да се трага по решенија. Таа е простор во која се артикулираат интересите и потребите, но и простор каде се испреплетуваат разликите. Задачата на субјектите што ги донесуваат одлуките, на пример на парламентот, е успешно да ја води дебатата, да ги синтетизира потребите и интересите и согласно со својата положба да гради решенија и да ја канализира активноста", вели Мојаноски.

Тој смета дека државата треба да обезбеди нормативни услови  поединците да имаат полна слобода да ја практикуваат и уживаат слободата на совеста и уверувањето. Во тој контекст тоа подразбира слобода да се прифаќа, но и слобода да се одбива, да не се прифаќа.

 „Основната задача на државата треба да се сведе, да ги стесни границите за злоупотребата на слободата на совеста и уверувањето, да создаде претпоставки поединецот, како слободен субјект, сам да ја гради својата среќа и да не се обидува да ги „преуредува“, вредносните ориентации и практики на субјекти кои изразуваат или се начин на остварување на други слободи и права. Таа умешност подразбира, неутрален, непристрасен и одговорен однос, кон било која страна и разлика во општеството. Секое повикување на странски авторитет и ‘преземени обврски', дополнително го зголемува чувството на нееднаквост и отсуството на непристрасност и неутралност“, посочува тој.

Според Мојаноски, дебатата е најдобриот механизам во кој и преку кој можат да се „избистрат" нејаснотиите, да се продлабочат видиците, да се сознаат димензиите и непознатите аспекти на отвореното прашање.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи