1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРоманија

Романија: Една доцна победа на Секуритате

Сабина Фати | Роберт Шварц
1 август 2023

Двајца поранешни офицери на романската комунистичка тајна полиција, Секуритате, се ослободени од обвинение за убиство на дисидентот Георге Урсу сторено пред речиси 40 години.

https://p.dw.com/p/4UeQF
Георге Урсу романски дисидент
Романскиот инженер и дисидент Георге Урсу беше убиен во комунистички затвор во 1985 годинаФотографија: Gheorge Usu Foundation

Романија ја тресе нов судски скандал: Врховниот суд ги ослободи двајцата поранешни офицери на злогласната комунистичка тајна полиција Секуритате, Марин Парвулеску и Василе Ходиш, од обвинението дека биле вмешани во убиството на режимскиот критичар Георге Урсу во истражен затвор во 1985 година.

Во неколку писма до западното Радио Слободна Европа, инженерот Урсу го осудил површното и неодговорно санирање на зградите оштетени во разорниот земјотрес во 1977 година. Според Урсу, фушерајот бил нареден од комунистичкиот режим поради трошоци. Покрај тоа, во својот дневник тој ја критикувал политиката и култот на личноста на диктаторот Николае Чаушеску. Негова колешка од канцеларија, која, како што подоцна се покажало, била доушник на Секуритате, го украла дневникот и им го предала на властите. Следувал претрес на куќата, при што биле пронајдени десетици тетратки со дневни записи од 1949 до 1984 година. Неколкуте странски банкноти и монети во станот на Урсу довеле до тоа тој официјално да биде уапсен за поседување на 17 долари, што во тоа време било нелегално.

Според историчарите, вообичаена практика била да се апсат политички непожелни граѓани за наводни ситни деликти. Од досието подготвено од тајната служба за Георге Урсу и пронајдено дури во 2014 година од страна на експертите на Националниот совет за проучување на архивите на Секуритате (ЦНСАС), се чини дека дисидентот одлучил да стори сé што е можно за да се бори против политиката на Чаушеску: „ Ако не ги спречиме, морално ќе се проституираме и ќе станеме лигуши под власта на лудакот и терористичката свиња“ - притоа се мислело на Николае Чаушеску и неговата семоќна сопруга Елена.

За време на неговиот двомесечен притвор, Георге Урсу бил брутално малтретиран и од иследниците на Секуритате и од колегите од ќелијата. Починал затоа што не сакал да се огради од својот став и затоа што одбил да соработува со Секуритате.

Георге Урсу романски дисидент
Георге Урсу со семејствотоФотографија: Gheorge Usu Foundation

Ослободителна пресуда и нејзините последици

Според мислењето на Врховниот суд, офицерите од Секуритате кои биле задолжени за постапката во тоа време не ги прекршиле неприфатливо правата на затвореникот. И во моментов, според судиите, кривичните истраги се тешки за обвинетите. Освен тоа, како што се вели, режимот не ги прогонувал дисидентите систематски од 1965 година, значи по доаѓањето на Чаушеску на власт. Дисидентноста на инженерот во секој случај, како што се нагласува, е под знак прашалник, бидејќи не била јавно искажана и препознатлива. Покрај тоа, на Урсу му било дозволено неколкупати да патува во западните земји, се вели во образложението на судиите. Тие со својата пресуда ја потврдија првостепената ослободителна пресуда за двајцата поранешни офицери на Секуритате. Тие повеќепати изјавија дека постапувале по наредби од повисоки инстанци, во согласност со тогашното законодавство.

Политичарите и граѓанското општество реагираа со шокираност на пресудата. Според соопштението на Институтот за проучување на комунистичките злосторства, ослободителната пресуда има сериозни последици за соочување со минатото. Либералната министерка за правда Алина Горгиу рече дека никогаш не сакала да види „легитимирање на инструменти на прогон и тортура кои ги засенуваат основните права и слободи“.

Но, како воопшто беше можно двајцата поранешни офицери на Секуритате да бидат ослободени? Во 2019 година, Апелацискиот суд во Букурешт ја смени правната класификација на обвинетите поранешни чувари во комунистичките затвори од „злосторства против човештвото“ во категоријата „нечовечки третман“. Ова им овозможува на криминалците да избегнат построга казна. Покрај тоа, процесите - како во случајот со Урсу - беа одложени за неколку години, така што вистината и одвратните методи на Секуритате на виделина излегуваа полека и беа казнувани колебливо. Натаму, првостепените судии во случајот Урсу соопштија дека „отпорот на жртвата кон комунистичкиот режим бил незначаен“ - како да се повикани да судат за постапките на жртвата, а не за оние на криминалците.

Поетесата и активистка Ана Бландијана
Поетесата и активистка Ана Бландијана: „Се чувствувам понижена од овие судии“Фотографија: gezett/imago images

Тага и вознемиреност

„Се чувствувам понижено од овие судии“, изјави за ДВ познатата поетеса и антикомунистичка активистка Ана Бландијана, додавајќи: „Судиите никогаш не би си дозволиле да кажат дека комунистичкиот режим бил криминален само до 1965 година, ако Романија донесеше закон против негирање на комунистичките злосторства, исто како што постои закон против негирањето на Холокаустот“.

Гермина Нагат, членка на романската Агенција за досиејата на тајната служба, ЦНСАС, за ДВ изјави: „Записите на ЦНСАС документираат илјадници случаи на сериозна злоупотреба од страна на Секуритате во последните години од диктатурата, од апсења под изговор за заеднички злосторства до стрелање на оние кои се обидувале илегално да ја преминат границата“.

Андреј Урсу, син на жртвата, кој во 33-те години по политичкиот пресврт се посвети на пронаоѓање на вистината, за ДВ изјави дека судиите „се во сојуз со Секуритате“. Тие, вели Андреј Урсу, ги зеле предвид аргументите на сведоците на обвинетите - тројца високи поранешни офицери на Секуритате сведочеа во полза на своите колеги. За разлика од тоа, судиите целосно ги игнорирале сведочењата на поранешните дисиденти кои презентирале докази и опишале како биле измачувани.

ДВ-интервју со Андреј Урсу
Андреј Урсу (д.), син на убиениот дисидент Георге Урсу, во разговор со новинарот на ДВ, Петер ЈанкуФотографија: DW

Синот на жртвата е убеден дека судиите сакале да докажат „дека Секуритате во последните години на комунистичкиот режим веќе не била насилна“. Тоа, пак, додава Андреј Урсу, „значи дека никогаш веќе нема да добиеме правда за оние кои загинаа за време на револуцијата во 1989 година“.

Јавното обвинителство најави дека има намера да разгледа вонредни правни лекови против пресудата. Андреј Урсу, син на убиениот критичар на режимот и истакнат претставник на романското граѓанско општество, сака да се обрати до Европскиот суд за човекови права.