Русија предупреди од можната испорака на Ф-16 на Украина
22 мај 2023Иако сѐ уште официјално не е донесена одлука за испорака на борбени авиони Ф-16 во Украина, Русија го предупреди НАТО да не се меша во конфликтот.
Трансферот на борбени авиони Ф-16 во Украина би го отворило прашањето за вмешаност на НАТО во конфликтот, изјави денеска рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов. Во соопштението тој наведува и дека секој украински напад на Крим ќе се смета за напад врз Русија.
„Нема инфраструктура за операциите на Ф-16 во Украина, а и не постои потребен број на пилоти или персонал за одржување. Што ќе се случи ако американските ловци полетаат од аеродромите на НАТО кои ги контролираат странски „волонтери“? Важно е Америка да биде целосно свесна за рускиот одговор на таквите удари“, праша Антонов во својата изјава објавена на Телеграм.
Вчера, американскиот претседател, Џо Бајден, им рече на останатите лидери на самитот на Г7 во Хирошима дека Вашингтон ги поддржува заеднички програми за обука на украинските војници за Ф-16, иако сојузниците на Киев сè уште немаат донесено конкретни одлуки за обезбедување на борбените авиони.
Според германскиот канцелар Олаф Шолц по состанокот, САД сè уште не одлучиле конечно „што ќе се случи на крајот на обуката“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, изрази уверување дека Киев ќе ги прими по повеќемесечно лобирање. Украина ги интензивираше нападите врз цели под руска контрола, особено на полуостровот Крим, кој Русија го анектираше од Украина во 2014 година.