1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руска шпионажа во ЕУ: Агенти во соседството

14 јуни 2024

Од почетокот на руската агресивна војна, во повеќе земји на ЕУ се откриени „илегалци“ - руски шпиони со лажни идентитети. Германската тајна служба смета дека руските шпиони се сè поприсутни и во Германија.

https://p.dw.com/p/4h09n
руски шпиони
Руски шпиони беа откриени во неколку земји од ЕУ. Тие се повеќе се присутни и во Германија.Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Тие изгледаат како фини, пријателски соседи. Некои имаат семејства со деца и живеат мирен, граѓански живот. Другите се студенти, посетуваат универзитети во различни земји, работат како научници. Во Русија тие се сметаат за елита меѓу шпионите. Владимир Путин гордо ги нарекува „Вундеркиндер“ - „чудо од деца“. Таканаречените „илегалци“ се руски разузнавачи, кои живеат под лажен идентитет: често со години, а понекогаш и децении во земјата каде што се на задача, собираат информации и извршуваат задачи. За разлика од шпионите, кои работат од амбасадите и конзулатите, илегалците немаат дипломатска заштита. Доколку бидат откриени, им се закануваат долги затворски казни.

Според истражувањето на ВДР и НДР, германските безбедносни служби веруваат дека Русија во иднина сè повеќе ќе ги користи овие „тајни“ шпиони - и дека таквите тајни шпиони се веќе активни во Германија „Да, претпоставуваме дека има разни илегалци “, рече претседателот на Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок (BfV) Томас Халденванг. „Овој инструмент, овој многу сложен систем на илегалци, се чини, сè уште се користи“. Канцеларијата за заштита на уставниот поредок, интензивно  работи за откривање на такви случаи“, рече Халденванг. 

Шпионирале со децении 

Од крајот на Студената војна, руски „илегалци“ беа откриени во Германија само во еден случај: Во октомври 2011 година, беше уапсена брачна двојка под лажни имиња Хајдрун и Андреас Аншлаг и беа осудени на затворски казни. Подоцна беа депортирани во Русија. Се преправале дека се Австријци, израснати во Јужна Америка и со децении шпионирале во Германија. Новиот подкаст на ВДР и НДР „Семејството Аншлаг - руски шпиони меѓу нас“, го расветлува овој случај. Новинарите ги следеле трагите на шпионската двојка и истражувале како се подготвувале за задачата во Германија, како можеле да останат неоткриени долги години и што довело до тоа на крајот да бидат фатени. За прв пат се огласи и најважниот извор на овие шпиони: холандски дипломат кој со години објавува тајни документи на НАТО.

Откриени повеќе агенти? 

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, неколку руски тајни шпиони се откриени во Холандија, Грција, Норвешка и Словенија. Ова вклучува Русин, кој се преправал дека е Бразилец, студирал на универзитети во Ирска и САД, пред да замине во Холандија. Својата пракса ја започнал таму - во Меѓународниот кривичен суд.

Во Тромсо, Норвешка е уапсен универзитетски истражувач, кој се занимавал со геополитичкото значење на арктичкиот регион. Тој исто така тврдел дека е роден Бразилец.

Во декември 2022 година, брачна двојка со деца беше уапсена во главниот град на Словенија, Љубљана. Овој пар, како што се претпоставува, ја следел работата на другите руски „илегалци“ во Европа и финансиски ги поддржал обезбедувајќи им пари. При претресот истражителите пронашле изненадувачки големи суми на пари. Германската канцеларија за заштита на уставниот поредок им помогна на словенечките власти во разоткривањето на контактите на оваа шпионска двојка и нивните патувања во Германија. Уапсениот, кој тврдеше дека е по потекло од Намибија, посетил, на пример, ИТ-саем во јужна Германија. Неговата сопруга, наводно Аргентинка, водела галерија и работела, меѓу другото, со уметници од Германија.

Андреас Аншлаг
„Андреас Аншлаг“ во 2013 година со своите бранители на судењето во ШтутгартФотографија: Bernd Weißbrod/dpa/picture alliance

Халденванг: „Енергично ќе се спротивставиме“ 

Според Канцеларијата за заштита на уставниот поредок, Русија спроведува обемни шпионски активности во Западна Европа: „Претпоставуваме дека Русија користи целосен арсенал на секоја шпионска алатка што можете да ја замислите, вклучително и убиство на противници“, рече Халденванг. Веќе неколку недели европските разузнавачки служби се повеќе предупредуваат за саботажа и пожари, кои би можеле да ги предизвикаат руски шпиони. Во Полска веќе имаше неколку апсења. Двајца мажи се уапсени во Баварија под сомнение за шпионажа. Тие се обвинети и дека планирале саботажа за да ја нарушат воената поддршка за Украина.

Шефот на Канцеларијата за заштита на уставниот поредок вели дека Германија е „во фокусот на разузнавачката работа на руските служби“. Според него, интерес се информациите за одбранбената политика, политиката за оружје, поддршката за Украина или санкциите против Русија. Сето ова треба да се разјасни и се прават соодветни напори во оваа насока“, рече Халденванг. „Ние енергично ќе се спротивставиме на тоа.

Стратегии за откривање 

„Илегалците“ според безбедносните кругови се поважни за Русија во овој момент од кога било. Зашто, од рускиот напад на Украина до денес, стотици вработени во руските амбасади се протерани од Европа. Ова значително го намали бројот на луѓе кои можат да шпионираат за Русија со заштитата што ја дава дипломатскиот имунитет. Според прогнозите на безбедносните служби, Русија затоа се повеќе ќе се потпира на нелегалните шпиони, кои незабележано веќе се во Европа. Во меѓувреме, „руските илегалци“ ги окупираат и европските разузнавачки заедници.

Долга традиција 

Шпионската програма за „илегалци“ во СССР беше формирана набргу по основањето на Советскиот Сојуз во 1922 година. Тогаш КГБ испрати шпиони со лажни биографии ширум светот за да собираат информации, да ги шпионираат неистомислениците и опозиционерите. По крајот на Студената Војна, оваа шпионажа продолжи да ја спроведува новата руска разузнавачка служба СВР. Покрај тоа, руската воена разузнавачка служба ГРУ веќе неколку години користи „илегалци“.

Европските безбедносни служби сметаат дека постои и еден вид илегална програма во Русија, каде шпионите се обучуваат пократко и се опремени со помалку детални лажни биографии, за да можат побрзо да бидат ангажирани - маскирани, на пример, како студенти или бизнисмени.

Пораки преку приемници со кратки бранови 

Според информациите на ВДР и НДР, Русија сè уште користи класична алатка за шпиони, кои работат илегално, што изгледа како остаток од Студената војна: радио комуникација со кратки бранови. На овој начин задачите се префрлаат на шпионите. Овие пораки, во принцип, може да ги слуша секој, што го отежнува идентификувањето на вистинските примачи. Пораките се исто така шифрирани и може да се читаат само со соодветниот код за дешифрирање. Од почетокот на руската агресивна војна против Украина, активноста на овие радио станици, кои и се припишуваат на Русија, се зголеми. Ова е показател дека можеби веќе регрутирани шпиони добиваат нови задачи или дека бројот на илегалците е значително зголемен последните години.