Руски ракетни напади на Украина
28 април 2023Во ракетниот напад врз централноукранскиот град Уман погодена е станбена зграда. „Има жртви“, напиша шефот на претседателскиот кабинет во Киев, Андриј Јермак на Телеграм. Според украинските власти, убиени се три лица, а повредени осуммина.
Во градот Дњепар, во нападите во текот на ноќта загинале една жена и едно тригодишно дете, соопшти градоначалникот Борис Филатов, не наведувајќи други детали.
Главниот командант на украинската армија Валериј Залужниј соопшти дека во текот на изминатата ноќ кон Украина биле исфрлени 23 ракети, од кои соборени биле 21. Како што наведе Залужниј, соборени биле и два дрона. Нападите биле изведени од руски авиони од типот Тупољев Ту-95 преку Каспиското Море. Според украински воени извори, противвоздушната одбрана пресретнала и 11 ракети во близина на Киев.
„Ракетниот напад беше спроведен додека цивилите спиеја, типично за руските терористи“, изјави Јермак, барајќи санкции за земјите „кои ѝ помагаат на Русија да купува западни чипови за производство на ракети заобиколувајќи ги западните санкции“.
Од почетокот на војната пред 14 месеци, Русија постојано врши ракетни и напади со дронови врз Украина. Според наводи на Обединетите нации, од почетокот на руската инвазија досега се убиени 8.490 цивили и официјално се регистрирани 14.244 повредени цивилни лица. Многу случаи не се регистрирани.