1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД и Кина на курс на претпазливо приближување

Арнд Рикман
24 септември 2022

Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен на маргините на Генералното собрание на ОН разговараше со кинескиот колега Ванг Ји. Теми - Тајван и Украина.

https://p.dw.com/p/4HHxB
Министрите Ентони Блинкен и Ванг Ји во Њујорк
Министрите Ентони Блинкен и Ванг Ји во ЊујоркФотографија: Ron Przysucha/imago images

Разговорот помеѓу шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк траеше 90 минути. Се разговарало „отворено и искрено“, рекоа по средбата високи американски дипломати. Во фокусот на разговорите во прва линија бил Тајван, но станало збор и за рускиот напад на Украина.

Целта на американскиот министер била да ја повика Кина да престане со провокациите кон Тајван и да го предупреди раководството во Пекинг да не дава каква било активна поддршка за Русија во нејзината војна против Украина, се вели во САД.

Преставниците на американската влада не сакаат да ја опишат кинеската реакција во разговорите, но велат дека Ванг Ји бил приемчив за пораките на Блинкен и дека двајцата министри разговарале за потребата „да се одржат отворени линии на комуникација и одговорно да се градат американско-кинеските односи, особено во време на тензии“.

Малку помалку дипломатски звучи кинеската оценка за средбата во Њујорк. Обвинението од Пекинг по средбата на министрите за надворешни работи гласи: САД му даваат лажни и опасни сигнали на Тајван. „Прашањето со Тајван е внатрешно кинеско прашање. САД немаат право да се мешаат во начинот на којшто се решава ова прашање“, го цитираше кинеското Министерство за надворешни работи првиот дипломат, министерот Ванг Ји. Колку повеќе Тајвансе стреми кон независност, толку е помала веројатноста за мирно решение.

Кина го третира Тајван како отцепена провинција, а тајванското прашање ги затегнува односите меѓу САД и Кина со децении.

Изразен интерес за соработка

Според американски информации, Блинкен за време на разговорите во Њујорк уште еднаш јасно ставил до знаење дека ништо не се променило во долгогодишната политика на САД за „една Кина“ и дека одржувањето на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснеце од најголема важност. Американскиот Стејт департмент претходно соопшти дека САД со разговорот сакаат да ги задржат отворени линиите на комуникација со Кина и да ја покажат подготвеноста на САД да соработуваат за прашања од глобален интерес.

Разговорот на Блинкен и Ванг дојде во време на интензивни тензии во пресрет на средбата меѓу претседателите Џо Бајден и Ши Џинпингшто треба да се одржи во ноември. Неодамнешните коментари на Бајден за Тајван и досегашниот молк на Кина за војната во Украина се само две од последните иритации во односите Вашингтон-Пекинг. Американскиот претседател претходно неделава изјави дека САД ќе испратат војници да го бранат Тајван во случај на кинеска инвазија.

Во однос на Русија, американските претставници сега се претпазливи оптимисти. Причината за тоа се најновите изјави на кинеското раководство, кое ја изрази својата загриженост за војната и нејзините последици. Блинкен ја предупреди Кина дека ќе сноси последици ја поддржи руската инвазија на суверена држава.