1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

ЖА
24 април 2024

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 милијарда долари. Се очекува уште оваа недела првите пратки ново американско оружје да стигнат во земјата.

https://p.dw.com/p/4f7Eo
САД Капитол
САД: Сенатот ја одобри помошта за УкраинаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Reynolds

Со 79 гласа „за“ и 18 – „не“, значи со големо, надпартиско мнозинство и во Сенатот беше одобрена помошта за Украина од 61 милијарда долари,  по шест месеци натегања.

Лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер изјави дека тоа претставува „обединета порака од Сенатот до целиот свет“. Америка „секогаш ќе ја брани демократијата кога има потреба“, рече Шумер. Веднаш по гласањето во Сенатот, претседателот Џо Бајден најави дека ќе го потпише законот веднаш штом ќе биде на неговото биро оваа среда.

Бајден ги најави првите  нови испораки на оружје за Украина  уште оваа недела. Според весникот „Њујорк тајмс", тука се вклучени и залихите на американската армија кои се веќе складирани во Германија и може да се донесат во Украина со воз за многу кратко време. Пат Рајдер, портпарол на американското Министерство за одбрана, веќе најави пред гласањето во Сенатот дека првично ќе бидат доставени првенствено противвоздушни системи и  артилериска муниција.

На прашањето колкаво е значењето на долгоочекуваната одлука на САД за  текот на војната,  поранешниот американски амбасадор во Украина Џон Хербст оцени: „Дефинитивно  не е уште доцна за Украина.  Нашиот неуспех, шест месеци да не обезбедиме воена помош, доведе до значително повеќе мртви во Украина, вклучително и меѓу цивилното население, со оглед на масовните руски воздушни напади“, рече Хербст на радио станицата НПР. Но, украинскиот фронт во голема мера се одржа.

„Од сега па натаму, ако ја одржиме поддршката за Украина на нивото пред ова одложување, Украина ќе победи“, убеден е Хербст. „И ако владата на САД има храброст да и` обезбеди на Украина оружје со уште подолг дострел, таа победа ќе се случи уште побрзо.“

Пакетот одобрен од американскиот Сенат вклучува и  нова поддршка за Израел  во вредност од 26 милијарди долари. И тука, меѓу другото, вклучува и противвоздушни системи и дополнителна воена помош. Девет милијарди долари се наменети за хуманитарна помош, вклучително и за  луѓето во Појасот Газа.