1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

САД: Спорната мерка за депортација останува во сила

СН/агенции
28 декември 2022

Врховниот суд го запре истекувањето на важноста на уредбата за депортација на мигранти воведена во времето на екс-претседателот. Неколку сојузни држави сакаат да го задржат правилото и поднесоа жалба до Врховниот суд.

https://p.dw.com/p/4LTQe
Американската војска ги спречува мигрантите да ја преминат американската граница во близина на градот Ел Пасо во сојузната држава Тексас
Американската војска ги спречува мигрантите да ја преминат американската граница во близина на градот Ел Пасо во сојузната држава ТексасФотографија: Christian Chavez/AP/picture alliance

Врховниот суд на САД  соопшти дека ја задржува уредбата со која се овозможува брзо протерување на мигрантите од границата со Мексико, донесена за време на пандемијата на Ковид-19.

За задржување на оваа мерка, заснована на Законот за јавно здравје од 1944 година, беа 19 американски сојузни држави кои стравуваат од голем прилив на мигранти преку границата со Мексико ако таа се укине.

Оваа мерка беше воведена на почетокот на пандемијата, кога на власт беше тогашниот претседател Доналд Трамп. Врз нејзина основа властите, повикувајќи се поради спречување на ширење на коронавирусот, протераа 2,5 милиони баратели на азил и го одбија мнозинството од нив.

Претставниците на мигрантите поднесоа тужба да се запре примената на оваа мерка, бидејќи е спротивна на американските меѓународни обврски кон луѓето кои бегаат во САД од прогон, а сметаат и оти оваа политика е застарена, бидејќи е надмината со смирување на пандемијата.

Одлуката на Врховниот суд е донесена во време кога илјадници мигранти се собраа на мексиканската страна на границата, во надеж дека мерката заснована на санитарно ограничување ќе биде укината и оти ќе можат да влезат во САД.