САД: Трамп треба да се појави пред суд во Флорида
13 јуни 2023Доналд Трамп денеска првпат треба да се појави пред федерален суд во Мајами во сојузната американска држава Флорида, а се очекува 76-годишниот Републиканец да пледира дека е невин. Минатата недела против него беше подигнато обвинение од 37 точки.
Специјалниот обвинител Џек Смит на товар на поранешниот претседател става противправно земање на тајни документи од Белата куќа по крајот на неговиот мандат во јануари 2021 година и нивно пренесување во неговата приватна резиденција Мар-а-Лаго, сокривајќи ги од надлежните служби. Покрај илегалното чување документи со ранг од највисока доверливост во 31 точка, во обвинението против Трамп стои и заговор заради спречување на работата на правните органи.
Доколку Трамп биде прогласен за виновен, му се заканува повеќегодишна затворска казна.
Ова е прв пат да биде подигната тужба против поранешен претседател пред федерален суд. Трамп во април веќе се најде пред суд во Њујорк поради случајот со поткуп на порно ѕвезда, купување на нејзиниот молк околу нивна наводна врска, апротив него се во тек и неколку други постапки.Но, обвиненијата поврзани со тајните документи имаат досега најголема правна тежина. Федералната полиција ФБИ во август изврши претрес во неговиот имот и заплени бројни тајни акти. Мар-а-Лаго е клуб со соби за бројни гости и јавни манифестации, а тоа што Трамп таму ги чувал тајните документи е кривично дело. Меѓу запленетите документи, според обвинението, биле и такви кои содржеле детали за нуклеарните способности на САД и други држави, како и за воените слабости во одбраната на САД и нивните партнери и потенцијални воени акции.
Со опсежни безбедносни мерки Мајами се подготвува за пречек на радикалните поддржувачи на екс претседателот Доналд Трамп и евентуални насилства при протестите. Шефот на полицијата во Мајами Мени Моралес изјави дека безбедносните служби се добро опремени и во состојба да спречат ескалација на ситуацијата.