САД сакаат да го забрзаат трансферот на Ф-16 во Украина.
18 август 2023САД, според пишувањата на светските новински агенции, одобриле испраќање на борбени авиони Ф-16 во Украина од Данска и од Холандија веднаш штом ќе заврши обуката на украинските пилоти и техничари.
Вашингтон ги увери данските и холандските власти дека САД ќе го забрза одобрувањето на барањето за трансфер на Ф-16 во Украина откако пилотите и техничарите ќе бидат обучени, потврди портпарол на американскиот Стејт Департмент за германската новинска агенција ДПА.
Ние цениме дека Данска и Холандија ја предводат оваа коалиција за обука на украински пилоти“, истакнал портпаролот.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен испратил писма до своите дански и холандски колеги во кои ги уверува дека барањата ќе бидат одобрени.
„Пишувам за да ја изразам целосната поддршка на САД за трансферот на борбените авиони Ф-16 во Украина и украинските пилоти да бидат обучени од квалификувани инструктори за Ф-16“, напиша Блинкен во писмото до двајцата министри, кое Ројтерс го имал на увид.
Блинкен во писмото истакннува дека е клучно Украина да може да се одбрани од тековната руска агресија и кршење на нејзиниот суверенитет.
Американскиот претседател Џо Бајден во мај одобри програми за обука на украинските пилоти за Ф-16, но досега не беше дадена временска рамка за испорака на воените авиони.
Украина долго време бара борбени авиони Ф-16 од американско производство за да се спротивстави на воздушната супериорност на Русија. Во средата портпаролот на украинското воздухопловство, меѓутоа, изјави дека оваа година повеќе не се очекува авионите Ф-16 да се вклучат во воените операции.