1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Самит на ЕУ: Мишел со обвинување на сметка на Израел

Бернд Ригерт
18 октомври 2023

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, смета дека целосната блокада на Појасот Газа од страна на Израел е незаконска. Таков став немаат сите учесници на ЕУ-самитот.

https://p.dw.com/p/4XfR1
Брисел | претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел
Виртуелен самит: претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен (л.) и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл МишелФотографија: Johanna Geron/REUTERS

Тоа беше прва виртуелна средба на шефовите на држави или влади на 27-те членки на ЕУ од крајот на корона-пандемијата. Повторно, секој учесник седеше сам во својата канцеларија или беше некаде на пат - канцеларот Олаф Шолц во Израел, унгарскиот премиер Виктор Орбан во Кина. Во Брисел, во празната сала на зградата на Европа, претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, кој набрзина ги собра своите колеги, зборуваше пред голем екран. Ако темата на вонредниот самит не беше толку сериозна, ќе можеше да падне по некоја шега со бизарните спомени од пандемијата, која сега се чини толку далеку. Но, бидејќи стануваше збор за тероризмот во Брисел и, пред сè, за борбата на Израел против палестинскиот Хамас, кој е класифициран како терористичка организација од ЕУ, САД и другите земји, сите, се разбира, останаа сериозни.

Појас Газа Египет граничен премин Рафах
Затворен е единствениот граничен премин од Појасот Газа кон Египет, како за бегалци, така и за испорака на помошФотографија: Firas al-Shaer/newscom/picture alliance

Мишел: Блокадата на Израел не е во согласност со меѓународното право

Шефовите на држави или влади имаа едноминутен молк во спомен на двајцата Швеѓани кои во понеделникот (16.10) беа застрелани во Брисел од исламист, за кој се вели дека е од Мароко. Тие истовремено одржаа и помен на жртвите од терористичкиот напад на исламистичкиот Хамас врз Израел пред десет дена и на стотиците цивилни жртви во Појасот Газа. Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, уште еднаш ја нагласија сега практикуваната формула дека Израел има право да се брани од Хамас и други напаѓачи, во согласност со меѓународното право. „Целосната израелска блокада на Појасот Газа не е во согласност со меѓународното право“, рече Шарл Мишел. Урсула фон дер Лајен не сакаше да се изрази на тој начин. Наместо тоа, таа препорача да се прочита заедничка изјава од земјите на ЕУ. Таму обвинението на Мишел не може да се најде во тој облик.

Во име на ЕУ, Мишел повика на пристап до вода, храна и медицинска нега за 2,1 милиони жители на Појасот Газа, од кои повеќето, по повикот на Израел за евакуација, сега се во јужниот дел на територијата.

Појас Газа | Пренесување на тела на загинати по израелски воздушен напад во Рафах
Пренесување на тела на загинати по израелски воздушен напад во Рафах, во Појасот ГазаФотографија: SAID KHATIB/AFP

Снабдување на цивилното население

„Нема противречност во тоа да се стои со Израел и да се има грижа за хуманитарните потреби на Палестинците“, рече Урсула фон дер Лајен. Затоа, ЕУ ќе ги зголеми своите финансиски средства за хуманитарна помош и ќе се обиде да воспостави воздушен мост за испорака на помош. Сепак, треба да се преиспитаат средствата за развојна помош за инфраструктурни и други проекти. Својата помош треба да ја преиспитаат не само централата на ЕУ во Брисел, туку и земјите-членки.

Израел Тел Авив | Мајката на француската заложничка Миа Шем бара од Хамас нејзино ослободување
Мајката на француската заложничка Миа Шем во Тел Авив бара од Хамас нејзино ослободувањеФотографија: Ronen Zvulun/REUTERS

Ослободување на заложниците, отворен граничен премин за странци

ЕУ уште еднаш побара од Хамас веднаш безусловно да ги ослободи сите околу 200 заложници. Од Египет се бара да го отвори својот граничен премин Рафах со Појасот Газа за испорака на помош. На странците треба да им се дозволи да ја напуштат земјата преку Рафах, побара Шарл Мишел. Во Појасот Газа се заглавени и десетици граѓани на ЕУ. Египет веројатно нема да ја отвори границата за Палестинците, изјави претседателот на Советот на ЕУ, бидејќи не сака милиони бегалци на своја територија. Мишел прикриено изрази разбирање за ставот, зашто многу бегалци во Египет би го зголемиле и миграцискиот притисок врз Европа.

Во име на ЕУ и по терористичките напади во Франција и Белгија во последните денови, Шарл Мишел, Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон предупредија дека исламистичкиот терор се враќа во Европа. „Затоа е толку важно да се намалат тензиите во регионот“, рече Урсула фон дер Лајен. ЕУ-дипломатите стравуваат дека претстојната копнена офанзива на Израел во Појасот Газа и претпоставените жртви меѓу цивилното население би можеле да ги зголемат тензиите и радикализацијата во Европа.

Израел Кфар Аза | Израелски војници извлекуваат тела на загинати цивили во терористичкиот напад на Хамас
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го посети кибуцот Кфар Аза - претходно израелските војници ги извлекоа телата на жртвите од терористичкиот напад на ХамасФотографија: Ilia Yefimovich/dpa/picture alliance

На унгарскиот премиер не му е гајле за единството

Во својата декларација од самитот, членките на ЕУ го истакнуваат своето единство. Шарл Мишел, претседателот на Советот на ЕУ, истакна дека слично единство се покажува и во поддршката на Украина во нејзината одбранбена борба против агресорот Русија. Во таквата слика воопшто не се вклопува тоа дека еден премиер на земја од ЕУ, Унгарецот Виктор Орбан, штотуку радосно се ракуваше со рускиот владетел Владимир Путин во Пекинг. Путин и Орбан, кои продолжуваат да одржуваат блиски економски контакти, се сретнаа на маргините на инвестицискиот самит на „Патот на свилата“ во Кина.

Во Брисел, претседателката на Европската комисија се обиде да ја исправи оваа искривена слика. Таа ја обвини Русија дека ја искористила израелската војна против Хамас во својата пропаганда за да постигне оддалечување од нејзината агресивна војна против Украина и за да ја дискредитира Европа. Урсула фон дер Лајен рече дека ќе се стои и покрај Израел и покрај Украина: „Некои веруваат дека можат да ни го одвлечат вниманието од Украина. Ќе им покажеме дека грешат. Ќе стоиме покрај нашите пријатели сѐ додека е тоа потребно“.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема