1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шангајската листа недостижна за македонските универзитети

ДТЗ
26 август 2024

Ниту еден македонски универзитет и годинава не се најде меѓу најдобрите 1.000 високообразовни институции во најновата Шангајска листа, на која се дава пресек за најдобрите универзитети во светот.

https://p.dw.com/p/4jv7k
универзитет Скопје
Македонските универзитети неколку години наназад не само што ги нема на Шангајската листаФотографија: DW/P. Stojanovski

Ниту еден македонски универзитет и годинава не се најде меѓу најдобрите 1.000 високообразовни институции во најновата Шангајска листа, на која се дава пресек за најдобрите универзитети во светот.

Трите врвни позиции ги држат универзитети од САД. Универзитетот Харвард веќе две децении е на врвот на листата. Веднаш зад него е Универзитетот Стенфорд, а на третата позиција е Институтот за технологија Масачусетс (МИТ). Потоа следат  „Кембриџ“ и „Беркли“.

Од високообразовните институции во регионот, Универзитетот во Белград се наоѓа од 301-500 место, и бележи пад во однос на лани кога беше на позиција меѓу 301-400 место. Универзитетот во Нови Сад се најде меѓу 901-1000 место, а на листата си обезбеди место и Универзитетот во Загреб ( 401-500 место). Универзитетот во Љубљана на 501-600 место. 

Меѓу најдобрите универзитети, има шест универзитети од Грција и ниту една нема високообразовна институција од Бугарија и Албанија. 

Драстично намалување на квалитетот

Шангајската листа се објавува од јуни 2003 година. Повеќе од 2.500 универзитети се вклучени во Академското рангирање на универзитетите во светот секоја година, а се објавуваат најдобрите 1.000.

Негрижата на државата за квалитетот на образованието генерално, невложувањето средства за ангажирање подмладок и техничка опременост на универзитетите, изминатите години вродија со драстично намалување на квалитетот на високото образование што се покажа и во рангирањето на македонските универзитети во светски рамки.

Македонските универзитети неколку години наназад не само што ги нема на Шангајската листа, туку во 2022 година и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) забележа пад од 47  места во однос на 2021 година. Професорите сметаат дека ваквите поразителни резултати се сплет на повеќе околности, но главно забелешките се однесуваат на тоа дека во изминатите 30 години, државата и Министерството за образование не направиле доволно за подобрување на квалитетот, опременоста, компетитивноста на универзитетите, положбата, условите и стандардот на студентите, за финансирање на научната работа, ниту пак се води грижа за талентирани ученици и студенти.