1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Се очекува моќна порака од Бајден во Полска

Бернд Ригерт
21 февруари 2023

Пред една година Русија ја нападна Украина. Американскиот претседател Бајден на два дена пред годишнината ќе одржи говор во Полска. Неговата порака ќе биде - поддршка за Украина до победа.

https://p.dw.com/p/4Njvz
Претседателот Џо Бајден, како што се вели, би можел да укаже и на можен пат за окончување на воениот конфликт
Претседателот Џо Бајден, како што се вели, би можел да укаже и на можен пат за окончување на воениот конфликтФотографија: Slawomir Kaminski/AGENCJA WYBORCZA via REUTERS

Говорот кој американскиот претседател Џо Бајден во вторник попладне (21.02) ќе го одржи пред претседателската палата во Варшава, треба да биде посебен и упатен кон светот. Тоа го најави домаќинот, полскиот претседател Анджеј Дуда. Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен на безбедносната конференција во Минхен даде мал увид во „многу значајниот говор”. Ќе стане збор за патот што заеднички се помина во изминатата година, за состојбата денес и признание за успехот на нападнатата Украина. „Тоа е и наш успех”, рече Блинкен. Заменичката на Џо Бајден, потпретседателката Камала Харис, во Минхен го цитираше својот шеф и го повтори неговото повеќекратно ветување: „САД ќе продолжат со силната поддршка за Украина сѐ додека е потребно”, рече Харис на безбедносната конференција. „НАТО-алијансата е посилна од кога било. САД се држат цврсто до членот 5 и НАТО“, рече таа.

Порака до светот

Бајден во вторник во Полска сигурно ќе изговори реченици со вакво значење на гаранција за одбраната на Европа во случај на руски напад. Не случајно американскиот претседател ќе држи говор на истиот ден кога и рускиот претседател Владимир Путин ќе има обраќање до нацијата. Бајден сака на два дена пред годишнината од нападот врз Украина да го диктира тонот наместо да му ја препушти сцената на Путин, смета Михал Барановски од трансатлантскиот тинк-тенк „Германски Маршалов Фонд”. Барановски раководи со варшавската канцеларија на организацијата. „Претседателот Бајден може да им се обрати на Полјаците, на Украинците, но пред сѐ на целата трансатлантска заедница и на американскиот народ. Мислам дека ќе ја нагласи обединетоста. Останете силни и на страна на Украина во долгорочните напори и можеби долгата војна со Русија.“

Бајден во Варшава (26.03.2022)
Бајден во Варшава (26.03.2022)Фотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

Источното крило на НАТО на самит во Варшава

Досега немаше потврда дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе допатува во Варшава за да се сретне со американскиот и девет други шефови на држави или влади. Во среда (22.02) ќе се соберат претставниците на Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Бугарија и Романија кои се протегаат на источното крило на НАТО и се во директно соседство на Русија и Белорусија, како и на Украина. Финска, која исто така има долга погранична линија со Русија, но заради отпорот на Турција сѐ уште не може да стане членка на НАТО, нема да учествува на самитот на т.н. „Букурешка деветка“.

Тежиштето поместено на исток

Полските политичари во изминатите денови постојано нагласуваат дека американскиот претседател веќе втор пат за само 11 месеци доаѓа во Полска, со што, според нив, се оддава признание за военото и стратешкото значење и пријателството со САД. Шефот на полската армија, генералот Рајмунд Андрезејчак, за американската телевизија Си-Ен-Би-Си изјави дека војната во Украина зацврстила едно различно видување на нештата во САД. „Тежиштето од времињата на студената војна сега многу јасно е поместено од Германија на Полска. Геостратегијата е важна, географијата е важна, исто како и нашите напори да го стабилизираме Западот”.

Дали Полска сега ќе стане најважен НАТО сојузник на САД? Марек Мадеј, политиколог на универзитетот во Варшава, не гледа така на работите. „Концентрирањето на Полска не е прашање на избор или преференции, туку факт е дека сите транспорти за Украина водат низ Полска. Повеќе се работи за геополитичка логика.“

Дали Полска сега ќе стане најважен НАТО сојузник на САД?
Дали Полска сега ќе стане најважен НАТО сојузник на САД?Фотографија: JANEK SKARZYNSKI/AFP/Getty Images

100 илјади американски војници во Европа

Слично мислење застапува и Барановски. Интересите на САД и Полска во военава состојба, според него, толку се поклопуваат што останатите политички ставови на националконзервативниот Дуда и либералниот демократ Бајден кои се разликуваат, не играат голема улога. „Мислам дека за Бајден и неговата влада Европа е севкупно најважниот сојузник за САД, а НАТО - најважната алијанса. Дури и ако тежиштето со војната се помести на исток, улогата на Германија, Франција, Велика Британија и Италија нема да се намали”, оценува Барановски.

Повеќето од околу 100 илјади американски војници во Европа се стационирани во Германија, и тоа 38 илјади. По нив доаѓаат Италија и Велика Британија. Во Полска актуелно има 10 илјади војници, кои главно ротираат. Но, има постојан генералштаб за американската војска кој брзо може да се погрижи за распоредување на нови војници. Во Полска, САД предводат и воена формација на НАТО со околу илјада војници.

Американскиот претседател Бајден со американски војници во Полска (25.03.2022)
Американскиот претседател Бајден со американски војници во Полска (25.03.2022)Фотографија: Brendan Smialowski/Getty Images/AFP

Желби упатени до Бајден

Полска и останатите источни членки на НАТО на средбата со Бајден би можеле да побараат поголем број и постојано стационирани американски војници на своја територија. „Ако се укаже прилика, полската влада ќе побара повеќе војници”, смета политикологот Мадеј.

Нејасно е дали претседателот ќе излезе во пресрет на таквите барања. Воената соработка помеѓу Полска и САД веќе сега е многу блиска. На тоа посочи и генералот Андрезејчак. Полска веќе со години издвојува два процента од БДП за одбрана. „Најголемиот дел од ултрамодерната опрема потекнува од САД - воени авиони, тенкови М-1, кои се најмодерните на светот, како и серија други програми. И ќе направиме уште повеќе на тоа поле”, рече генералот за телевизијата Си-Ен-Би-Си.

Која порака ќе се упати до Путин?

Во март минатата година претседателот Бајденсо својот говор во Варшава се најде на насловните страници со изјавата „Господе Боже, овој човек не смее да остане на власт”. Притоа алудираше на Владимир Путин. Белата куќа тогаш ја смируваше топката тврдејќи дека не се барала промена на режимот во Москва. Но, Бајден тогаш уште повеќе ја вжешти атмосферата откако Путин го нарече „кланичар” со оглед на страдањето на цивилното население во Украина.

Речиси една година подоцна американската администрација на Путин му припишува најтешки воени злосторства. Со нетрпение се очекува како Бајден овојпат ќе се изјасни за непријателот во Кремљ. Претседателот би можел да укаже и на можен пат за окончување на воениот конфликт.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија