1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

ДКСК бара одговорност од Оливер Спасовски за „Беса транс“

ДТЗ
18 јануари 2023

Случајот се актуелизира со вадење нови докази и барање одговорност од врвот на полицијата. Антикорупциската комисија смета дека има пропусти направени од страна на министерот Оливер Спасовски

https://p.dw.com/p/4MOO1
Автопат Струма Бугарија
Несреќата се случи на 23 ноември 2021 година на автопатот Струма во Бугарија Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Автобуската несреќа на автопатот Струма во Бугарија, кога се запали автобус на компанијата „Беса транс“ при што загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени, сè уште ја бранува јавноста. Додека семејствата бараат правда во Бугарија, Државната комисија за спречување корупција во Северна Македонија (ДКСК), случајот повторно го актуелизира со вадење нови докази и бара одговорност од врвот на полицијата.

Антикорупционерите бараат одговорност од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со ненавремено донесено решение за забрана за вршење технички преглед на правното лице „Виа Комерц“, станица во која по утврдувањето на неправилностите, технички преглед бил извршен и на превозникот „Беса Транс“, чиј автобус се запали во Бугарија. 

Комисијата утврдила дека министерот не постапил правилно, бидејќи по добиениот извештај од инспекторатот кој извршил контрола и утврдил неправилности во работењето на станицата, не издал наредба во предвидениот рок од станицата да ги отстранат неправилностите. Наредбата напротив била издадена по три месеци од добиениот извештај, односно три дена по несреќата во Бугарија. 

Беса транс
Случајот со „Беса транс“ се актуелизира со вадење нови докази Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Нови докази 

Јавното обвинителство во земјата веќе има отворено предмет и се води судски процес за овој случај. Поради тоа Комисијата сите докази кои ги има ќе ги достават како дополнување на докази во обвинителството, а до Владата да достават иницијатива за утврдување на одговорност на министерот Оливер Спасовски. Иницијативата се поднесува иако сè уште не е утврдено дека сообраќајната несреќа се случила поради техничка неисправност на автобусот. 

Во Основниот кривичен суд – Скопје на 15 ноември започна судењето за „Беса Транс“. Според обвинителството, со фалсификуван извод од лиценца за меѓународен сообраќај автобусот лани, во периодот од 10 јануари до несреќата во ноември, 20 пати излегол од државата. Тој дури 10 пати поминал на „Деве Баир“ и возел на релација од Скопје кон Истанбул. Управителот, Беким Хаџиу кој е обвинет за фалсификување извод од лиценца за вршење меѓународен патен сообраќај, изјави дека не се чувствува виновен.  

Оливер Спасовски
Антикорупционерите бараат да се утврди одговорноста на МВР, Оливер Спасовски за автобуската несреќа во БугаријаФотографија: Regierung Nordmazedoniens

Несреќата се случи на 23 ноември 2021 година, во раните утрински часови. Туристички автобус на компанијата Беса транс“ којшто од Истанбул се враќаше во Македонија, удри во ограда на бугарскиот автопат Струма, по што се запали. Меѓу загинатите имаше 12 деца.

Повеќе од една година од автобуската несреќа на бугарскиот автопат „Струма“во која загинаа 45 македонски граѓани, семејствата на загинатите се уште чекаат обесштетување и заокружување на судската постапка за „Беса транс“ во чија сопственост бил автобусот којшто се запали. Во декември 2021 година , истрагата во Бугарија покажа дека главна причина за настанатата катастрофа била брзината која не соодветствувала со условите на патот.  

Трагедија на автопатот „Струма“