Се заканува ли трговска војна меѓу САД и ЕУ?
5 декември 2022Во конфликтот околу американската политика на субвенционирање, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен повика на промена на курсот во европската инвестициска политика. Таа, меѓу другото, предлага да се поедностави регулативата на ЕУ за јавните инвестиции. Покрај тоа, мора да се стават на располагање и дополнителни средства за промовирање чисти технологии, рече таа во говорот на Европскиот Колеџ во Бриж.
Таа не кажа колку дополнително пари треба да обезбеди ЕУ, но конкретно предложи прво да се прошири постојната програма REPowerEU која овозможува инвестиции во енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и инфраструктура. На среден рок, парите треба да бидат достапни за истражување, иновации и стратешки проекти преку Фондот за суверенитет што таа го предложи уште во септември.
САД - 369 милијарди долари субвенции
„Законот за намалување на инфлацијата“ (ИРА) на претседателот Џо Бајден, кој наиде на критики во Европа, предвидува инвестиции од околу 369 милијарди долари, со цел изградба на нов индустриски екосистем на чиста енергија во стратешките сектори. Обезбедени се субвенции и даночни олеснувања за компаниите кои користат производи од САД или произведуваат во САД. Во ЕУ ова се смета за дискриминаторско и некомпатибилно со правилата на Светската трговска организација (СТО). Фон дер Лајен, меѓу другото, ги критикуваше „двојните предности“ на производителите на автомобили од САД: „Како потрошувач во САД, добивате даночно олеснување при купување електрични автомобили ако се тие произведени во Северна Америка. Но и ако сте производител на батерии за истите тие електрични возила, добивате даночно олеснување ако ги произведувате во САД."
Тоа исто така би можело да се одрази и врз критичните компоненти и суровини со САД и надвор од трансатлантските синџири на снабдување. „Веќе гледаме како, пренасочувањето на тековите на инвестициите би можело да влијае и на европската база на чиста технологија,“ предупреди Фон дер Лајен. Но во овој натпревар би морало да се игра според исти услови и правила.
Линднер предупредува од „трговска војна“
Германскиот министер за финансии, Кристијан Линднер пак предупреди на трговска војна со САД. „САД ни се партнер кога се работи за вредности, но во исто време таму има огромна протекционистичка економска политика,“ изјави тој за „Велт ам зонтаг’
Затоа германската влада мора во Вашингтон да ги застапува германските интереси и да укаже на негативните последици за Германија. Германското стопанство е тесно поврзано со американскиот пазар и Германија не може да биде заинтересирана за трговската војна, туку мора да се потпре на економската дипломатија рече министерот за финансии.
Истовремено, Линднер се заложи за тоа законот да се земе како шанса да се “подобри конкурентноста на Германија. Ако погледнете реално мора да се сфати дека растечките барања на ЕУ во врска со цените на енергенсите се исто толку опасни како и овој вид нелојална конкуренција од САД.“
Фербер: „На маса треба да се стават сите расположливи средства за притисок“
Шефот на трговската комисија во Европскиот парламент, Бернд Ланге (СПД), се залага за поостра акција кон САД. Во следните месеци, Европската унијамора да поднесе жалба против САД во СТО, изјави тој за германските медиуми. И покрај критиките од ЕУ, американската влада не планира никакви последователни измени на законот.
„Не планираме да бараме од Конгресот да го промени законот, но, работиме со европските партнери за да ги земеме предвид нивните грижи “, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер. Таа не кажа како што конкретно би значело тоа. Можно е да мислела на состанокот на Заедничкиот совет на владите на САД и ЕУ за трговија и технологија (TTF) овој понеделник (5 декември).
Ланге поаѓа од тоа дека во овие разговори може да се договорат одредени мали измени. “Но мислам дека тоа нема да донесе суштински промени, бидејќи законот е веќе донесен. Затоа ЕУ од своја страна сега мора да ја зајакне поддршката за домашната индустрија,“ смета тој.
„Исто така мора да видиме дали и како можеме да ја намалиме цената на енергенсите за индустријата кои во моментов се и до десет пати повисоки отколку во САД,“ рече Ланге.
Експертот за економија на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент, Маркус Фербер од ЦСУ исто така повика да се преземат европски контрамерки: „Ако САД на состанокот во понеделник не направи исчекор кон Европа, Европската комисија би морала да размисли за активирање на таканаречените европски инструменти за трговска одбрана. Тоа секако би била ‘нуклерана опција’ и е нешто што воопшто не е пожелно во моменталната ситуација. Сепак, европската страна мора ‚да ги стави на маса сите расположливи средства за притисок“, изјави Фербер.
„Клубови за критични суровини“
Со цел соработка со САД, Фон дер Лајен во Бриж меѓу другото предложи, формирање на „клуб за критични суровини“. Производството и преработката на одредени критични суровини сега се контролирани од Кина, рече таа. Соработката со партнерите и сојузниците во областа на набавката, производството и преработката би можела да овозможи разбивање на монополот. Сега со нетрпение се чека како земјите од ЕУ ќе реагираат на предлозите на Фон дер Лајен. Германската влада постојано нагласува дека во моментов не гледа потреба од нови паневропски инвестициски програми. Дополнително, земјите-членки во повеќе наврати тврдеа дека на кршењето на правилата на СТО не треба да се одговори со ублажување на нивните сопствени стандарди. /dw/a-63981669