Сенатот на САД ја блокираше помошта за Украина и за Израел
7 декември 2023Пакетот нова безбедносна помош за Украина и за Израел вреден милијарди долари, предложен од претседатлот Бајден е блокиран од страна на републиканците во американскиот Сенат кои инсистираат на построги мерки за контрола на имиграцијата на границата на САД со Мексико.
За пакетот за помош гласаа 49 сенатори, 51 беа против, што значи дека мерката од 110,5 милијарди долари не доби 60 гласови потребни во 100 члениот Сенат за да се отвори патот за дебата.
Гласањето беше по партиски линии, при што сите републиканци во Сенатот гласаа против заедно со сенаторот Берни Сандерс, независен кандидат кој обично гласа со демократите, но изрази загриженост поради финансирањето на сегашната, како што ја нарече, „нехумана воена стратегија“ на Израел против Палестинците.
„Трајни последици за 21 век“
Против гласаше и лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер, за да може да поднесе предлог за повторно разгледување. По гласањето, демократот Шумер рече дека тоа е „сериозен момент кој ќе има трајни последици за 21 век“, ризикувајќи го падот на западните демократии.
„Не грешете, денешното гласање ќе се памети долго. Историјата ќе се суди строго... не смееме да дозволиме Путин да победи“, рече Бајден претходно во обраќањето во Белата куќа.
Републиканците рекоа дека вакво гласање е важно за да се нагласи нивното барање за построга имиграциска политика и контрола на јужната граница.
Група демократи од Сенатот свикаа пресконференција на која тврдеа дека блокирањето на предлог-законот ќе испрати порака и до противниците и до сојузниците на САД, дека Соединетите држави не стојат покрај своите меѓународни партнери.