Самсоненко, Камчева и „Орка Холдинг“ на црната листа на САД
16 ноември 2023Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, мајката на бизнисменот Јордан Камчев- Ратка Камчева, како и неколку нивни компании се најновите имиња на црната листа на САД објавена во четвртокот попладнето.
Во одлуката на американското министерство за финансии се наведува дека сите споменати лица и фирми се ставени на листата поради нивната тесна поврзаност со Јордан Камчев, кој самиот беше ставен на „црната листа" во јули годинава, како и поради нивни коруптивни и незаконски активности.
„Нивните дејствија покажуваат како одредени елити профитираат од корупција и ги нарушуваат државните институции на сметка на граѓаните на државите“, се наведува во образложението.
Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер соопшти дека „ова е предупредување до поединци, кои ја злоупотребуваат својата моќ и ја злоупотребуваат довербата на луѓето, дека САД ќе ги повика на одговорност корумпираните актери“.
„Оваа назнака е потсетник дека соработката со одредени луѓе ќе има влијание врз вас и вашето семејство", вели Агелер.
Фирми вмешани во корупција?
Во образложението на одлуката се наведуваат и серија трансакции меѓу фирми на Самсоненко и Камчев- дел поврзани и со случајот „Плацови на Водно“. Меѓу компаниите кои се опфатени со санкциите се: заедничката обложувалница на Самсоненко и Камчев „Бет Сити“, „Орка Холдинг“, „Камчев Консалтинг“, „Орка Фајнанс“, „Систина лајф кер центер“.
Во јуни годинава, на листата санкционира од САД се најде градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко поради негова вмешаност во значајна корупција. Еден месец подоцна следуваше и Јордан Камчев.
Во април 2022 година, Министерството за финансии на САД објави листа на санкционирани лица, на која се најдоа и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.
На листата која во четвртокот ја објави американското министерство за финансии се најдоа и голем број лица од други држави од регионот на Западниот Балкан кои се осомничени за корупција и соработка со Русија.