Серија смртоносни напади во руската република Дагестан
24 јуни 2024Во серијата напади во градовите Дербент и Махачкала, во јужната руска република Дагестан, загинаа најмалку 15 полицајци и неколку цивили, го соопшти денеска најновиот трагичен биланс од нападите гувернерот на Дагестан, Сергеј Меликов.
Во неделата (23 јуни, 2024) беа извршени неколку напади врз синагога и црква во Дербент, како и врц православна црква и две полициски станици во Махачкала. Во овие градови е воведен режим на антитерористичка операција, соопштија дагестанските власти.
„Повеќе од 15 полицајци се жртви на терористички напад“, наведе Меликов на својот канал Телеграм по резултатите од оперативниот штаб формиран по нападите во Дербент и во Махачкала.
Тој додаде дека загинале уште неколку цивили.
Националниот антитерористички комитет ги класифицираше нападите како акти на тероризам. Властите започнаа антитерористичка операција во регионот.
Националниот антитерористички комитет (НАК) извести за ликвидарање на пет милитанти во Дагестан, каде живеат мнозинство муслимани. Тројцата ликвидирани беа идентификувани како синови и внуци на началникот на областа Сергокалински во републиката.
Според податоците на републичкото Министерство за внатрешни работи, во болницата во Махачкала се префрлени 16 лица - 13 повредени полицајци и тројца цивили.
Во Дагестан од денеска е на сила тридневна жалост.
Гувернерот Меликов го опиша нападот на Телеграм како обид за дестабилизација на ситуацијата во регионот. Претежно исламскиот Дагестан е еден од најсиромашните региони во Русија. Оваа руска република во Северен Кавказ се граничи и со Чеченија.