„Зошто не сум ја посетил оваа земја пред војната?“ неодамна напиша на Твитер, германска новинарка од Украина. Лута е што не ги видела величенствените градови Лвов и Одеса без блокади на улиците. Ова е прашање кое си го поставуваат многумина на Западот што дојдоа во Украина по руската инвазија која започна во февруари. Медиуми, политичари и бројни волонтери често сега се во земјата по првпат. Од распадот на Советскиот сојуз во 1991 година земјата никогаш до сега не добила толку многу внимание. Совети за патување кои произлегоа од војна. Колешката со право се лути. Пропуштила нешто што никогаш нема да се повтори. Не станува збор само за видливите траги од војната. Старата, силно постсоветски обележана Украина во моментов умира под руските бомби – луѓе, куќи, фабрики и илузии. Позитивниот, речиси братски однос со Русија повеќе никогаш нема да биде ист како пред војната. Во меѓувреме, не може да биде поголемо отуѓувањето меѓу двата народа кое започна со анексијата на Крим во 2014 година. Омразата и бесот ќе обликуваат генерации.
Најголема закана во 100 години
Со мешавина од тага, солзи и пркос, Украина на 24 август ќе го слави својот Ден на независноста– осми пат среде војна. Овојпат тој датум означува посебна пресвртница – точно шест месеци откако Русија варварски се обидува да ја уништи украинската независност. Досегашниот биланс гласи: Украина крвари и страда, но стои! Таа се бори!
Заканата за земјата и нејзиниот народ е иста како и пред 100-ина години. Тогаш болшевиците ја урнаа кусата независност на Украина, а потоа ја русифицираа Украина според традицијата на царска Русија. Може ли историјата да се повтори?
Нема сомнеж– рускиот претседател Владимир Путин има намера да го стори токму тоа. Неговата „денацификација“ на Украина, прогласена за главна пропагандна цел, не е ништо друго освен де-украинизација. Од подрачјето под руска окупација стигаат извештаи дека се што е украинско, а особено јазикот, се потиснува и уништува. Лудиот план на Путин е да ја уништи Украина е во долга исцрпувачка војна. Сепак тој нема да успее во тоа.
„Генерацијата на независноста” се бори
Шефот на Кремљ ја започна својата борба против старата Украина. Таа му се чинела лесен плен: економски и воено многу послаба од Русија, политички често раскарана, социјално поделена, само половично поддржана од Западот. Поголемиот дел од тоа беа факти, но сепак беше колосално погрешна проценка. Шест месеци подоцна Путин си има работа со новата Украина која допрва настанува. Консолидацијата започна многу порано, па сепак воената инвазија сѐ забрза. Новата Украина брзо се простува од сѐ што со децении, па и столетија ја врзувало за Русија: јазикот, имињата на улиците, спомениците. Што е најважно, новата Украина се учи да се брани самата себеси и брзо учи.
Оваа нова Украина воено е посилна од било кога и постојано се засилува - со помош на Западот, но и од сопствени сили. За разлика од пред 100 години, денешната Украина има решавачка предност: “генерацијата на независноста”. Претседателот на Украина, Зеленски, роден во Советскиот сојуз со своите 44 години припаѓа токму на таа генерација. Сржта на отпорот се сепак младите на 20 до 30 години кои се жртвуваат на фронтот или неуморно се грижат како цивилни волонтери за војската или внатрешно раселените лица. Тоа е генерација на која украинското и е само по себе разбирливо. За тоа се борат и тоа го сакаат и ќе победат. Оваа нова Украина е кошмар за Путин.