Сирија: Исламистичките бунтовници се доближуваат до Хомс
6 декември 2024По Алепо и Хама, сириските бунтовници под водство на исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) очигледно напредуваат понатаму кон југот на земјата. Активистите на Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија изјавија дека џихадистите ја презеле контролата врз северната околина на Хомс, третиот по големина град во Сирија.
Според тоа, тие се на пет километри од северот на градот. Населбите Талбисех и Растан сега се под нивна контрола. Провладината телевизија Шам ФМ објави дека бунтовниците не наишле на отпор при пристигнувањето во населбите.
Хезболах испраќа борци во Хомс
„Битката за Хомс е мајка на сите битки и ќе одлучи кој ќе владее со Сирија“, истакнува Рами Абдел-Рахман, шеф на Сириската опсерваторија.
Хомс е на околу половина час возење од границата со Либан. Според американскиот Институт за проучување на војната, владината контрола над регионот е клучна за да се овозможи континуирана испорака од Иран, кој го поддржува сирискиот лидер Башар ал-Асад, до милицијата Хезболах во Либан. Хомс нуди пристап до неколку гранични премини во соседната земја.
Како што објави новинската агенција Ројтерс, цитирајќи ги либанските безбедносни сили, Хезболах ноќеска испратил „трупи за надзор“ во Хомс. Тие треба да ги поддржуваат трупите на Асад во борбите за градот. Според Ројтерс, вакви извештаи стигнале и од сириски воени кругови.
Агенцијата цитираше и висок ирански владин претставник, според кого иранскиот режим очигледно планира да испрати повеќе воени советници и оружје во Сирија. „Може да се предвиди дека Техеран ќе мора да испрати воена опрема, ракети и беспилотни летала во Сирија. Покрај тоа, Техеран ги презел сите неопходни чекори за да го зголеми бројот на своите воени советници во Сирија и да стационира вооружени сили“, изјавил изворот, кој сакал да остане анонимен. Иран во моментов и обезбедува на Сирија разузнавачка поддршка и сателитски податоци.
Исламистите: Режимот е мртов
Минатиот викенд исламистите го зазедоа античкиот деловен центар Алепо и во четвртокот вмаршираа во четвртиот по големина град Хама. Според лидерот на ХТС, Абу Мохамед ал Џолани, нивната цел е да го соборат сирискиот владетел Асад. Неуспехот отсекогаш никнувал во самиот режим, изјави Ал Џолани за американската телевизија Си-Ен-Ен. Иранците и Русите се обидоа да го оживеат, „но, вистината останува: овој режим е мртов“, изјави водачот на милицијата.
По падот на Хама, опозициските активисти пријавија бегство на илјадници жители на Хомс лојални на Асад. Тие бегаат кон Дамаск и кон брегот. Според ОН, вкупно околу 280.000 луѓе избегале од насилството во северозападниот дел на земјата во изминатите неколку дена. Се стравува дека до 1,5 милиони луѓе би можеле да бидат раселени, оцени Самер Абдел Џабер, директор за итна помош на Светската програма за храна на ОН.
Според сириските Курди, терористичката организација „Исламска држава“ (ИД) очигледно има корист од борбите меѓу џихадистите и владините трупи, таа презела контрола врз некои области во источна Сирија. „Поради неодамнешните случувања, има зголемени движења на платеници на 'Исламска држава' во сириската пустина, на југ и запад на Деир Ал-Сор и во околината на Ал-Рака“, изјавил шефот на Курдите поддржани од САД, Маслум Абди.
По избувнувањето на сириската граѓанска војна во 2011 година, ИД привремено имаше контрола над делови од земјата. Подоцна, ИД беше воено потисната и до неодамна зајакнато оперираше од подземјето.