1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал! Мицкоски и Ковачевски договараат набавка

3 октомври 2022

Не знам дали гледате дека пи-арот на партиите во моментов е главна пречка да направите нешто добро. Затоа „налутете“ им се неколку денови, седнете заедно и направете нешто добро за државава. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4HgKZ
Христијан Мицкоски Димитар Ковачевски
Христијан Мицкоски и Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Гледам дека многу популарно, во нашава политика, стана организирање на вонредни прес конференции во доцни полноќни часови, па затоа решив и јас да напишам една ваква вонредна колумна. Вонредна е затоа што е вонредно важно она што сакам да го напишам и е од вонреден интерес за граѓаните. Инаку интересот на граѓаните е како оче наш, нешто во што секој политичар се колне и без што ниту може да почне, ниту да заврши ниту некое од оние досадни дневни соопштенија преку кои партиите им ја сервираат на своите членови задолжителната доза на „две минути“ дневна омраза, која има за цел кај секој член на партијата да предизвика чувство на страв измешан со гадење спрема спротивниот табор. 

Вонреднава колумна всушност е транскрипт на телефонски разговор помеѓу премиерот Ковачевски и лидерот на опозицијата Мицкоски, како дел од проектот Вистината за Македонија... пародија.

Тииит, тииит, тииит...

Мицкоски: Ало, Димитар здраво, Христијан Мицкоски е на телефон! Како си?

Ковачевски: Добро, благодарам.

Мицкоски: Семејството, децата, како се?

Ковачевски: Добро, фала.

Мицкоски: Тоа е најважно!

Ковачевски: Ти како си Христијан? Дома добри?

Мицкоски: Да, да фала. Види Димитар, те барам во врска со енергетската состојба во државава. Проблемот е голем и сметам дека ги надминува границите на вообичаена демократска битка помеѓу власта и опозицијата, па сакам нешто да ти предложам. Знаеш дека имам експертиза во областа на енергетиката, а и бев дел од овој бизнис подолго време, што приватно, што како советник за енергетика на премиерот, а потоа и директор на ЕЛЕМ. Имам доста контакти во овој сектор, па си дозволив со дел од нив да поразговарам со цел да се обидам да обезбедиме поволни понуди за енергенси за стопанството. Зборев со Г-дин Ханс и Г-ѓа Рита, кои ми се добри познаници, а на времето и деловни партнери. Има можност да обезбедат мазут и електрична енергија по далеку поповолни цени од тие на пазарот. Ова ќе овозможи да произведуваме преку ТЕЦ Неготино електрична енергија за компаниите по цена не повисока од 150 евра за мегават час. Знаеш дека денес некои од нив плаќаат и по 500 евра за мегават час, што нашето домашно производство го прави крајно неконкурентно во однос на сите останати, а особено во однос на соседите со кои имаме голема трговска размена. 

Никола Тодоров
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Ковачевски: Фала Христијан, ми звучи како ова да има потенцијал! Која ти е идејата, како ова да се разработи? Може ли малку подетално да ми објасниш, што ти е предлогот! 

Мицкоски: Види, знам дека од политички аспект, повеќе ми одговара да те напаѓам јавно, да си гледам сеир и да постапам така како што моите партиски експерти за односи со јавноста ме советуваат и да се надевам дека нема да успеете, ама со тоа нема да успее ни мојата држава. Јас, како и ти се разбира, си ја сакам државата и нема да дозволам заради дневно политички поени да ни пропаѓа стопанството. Од друга страна не сакам ова да изгледа како да си ја насочувам водата кон мојата воденица и дека можеби имам некаков интерес од овие потенцијални државни зделки, па ти предлагам да формираме една мешовита собраниска група која во соработка со владиниот економски тим, транспарентно ќе ги разгледа понудите што ги имам обезбедено. Добро е да побараме мислење и од антикорупциска, со цел целиот процес да биде целосно законски и да нема никаква можност за корупција, ниту пак да има било каков сомнеж дека тоа е можно. Целта ми е во рамки на законот, да обезбедиме поевтини енергенси за домашните компании, а не некој да се збогати.

Ковачевски: Предлогот ми изгледа рационален, кога би можеле да се сретнеме и да ги разгледаме деталите?

Мицкоски: Состојбата е драматична и бара брза реакција. А и преку глава ми е од постојано меѓусебно плукање и навредување. Треба да ја спуштиме топката, состојбата во светот е алармантна, а кај нас народот е уморен од ова што го гледа на политичката сцена. Сигурен сум дека сака да види дека можеме да соработуваме кога е во прашање државата.

Ковачевски: Така е, ајде јас ќе откажам се што имав планирано за до крајот на денот и да седнеме да ги разгледаме понудите. Да ги баталиме партиските пи-ар експерти барем денеска. Веднаш ќе ја формираме и мешовитата парламентарна група која во соработка со нашиот владин економски тим ќе се зафати за оваа работа. Добро е веднаш да ги известиме антикорупциска комисија, државниот завод за ревизија и новинарите и да им овозможиме и тие да го следат целиот овој процес одблиску. Сепак законитоста и транспарентноста мора да ни бидат приоритет. Мислам дека ако има ваква можност, треба брзо да ја зграпчиме, зошто секој ден повеќе, значи помала конкурентност на нашите производни компании и загуба во економијата. Ти одговара за еден час од сега да се најдеме во парламентот?

Мицкоски: Да!

Ковачевски: ОК, се гледаме таму за еден час.

Пријатно. Пријатно.

Ова е идеално замислен разговор во нашава неидеална државичка. За жал ова е пародија. Или пак не е... Или пак нашата политичка сцена е пародија сама по себе! Не знам дали дневната доза на меѓусебни партиски омаловажувања, навредувања и плукања можат да донесат нешто добро, ама знам дека фирмите во државава ни пропаѓаат, ја губат конкурентноста, ги губат странските пазари, го губат дури и нашиот домашен пазар. Мислам дека не е време за бескрајни надмудрувања, плукања и омаловажувања меѓу партиите, туку е време за заедничко делување, па колку и тоа да изгледа утопистички и невозможно. 

Ве молам не им кревајте телефон на луѓето од партиските центри за комуникација неколку денови и правете го спротивното од тоа што тие ве тераат да го правите. Не знам дали гледате дека пи-арот на партиите во моментов е главна пречка да направите нешто добро. Затоа „налутете“ им се неколку денови, а за тоа време, седнете заедно и направете нешто добро за државава.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема