1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопскиот клинички центар на „ремонт“ по изборите

ДТЗ
11 декември 2023

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, вели дека реорганизираниот Клинички центар ќе стане реалност, но во мај или почетокот на јуни идната година.

https://p.dw.com/p/4a1tS
Клиника „Мајка Тереза“ Скопје
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, вели дека Клиничкиот центар ќе се реорганизира во мајФотографија: DW/P. Stojanovski

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје ќе почека на ветената реорганизација во работењето. Поголеми промени во работењето се најавуваат по изборите во мај идната година. Тогаш треба да се заокружи долго најавуваното укинување на организациските и на медицинските директори на клиниките, со цел Клиничкиот центар да функционира како целина, најверојатно со еден генерален директор. 

„Тоа е процес којшто е почнат и ќе заврши, бидејќи да бидеме реални на еден километар квадратен шеесет организациски директори, шеесет управни одбори, нема никаква потреба од тоа“, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски при посетата на МАНУ. 

Долг процес 

Процесот е почнат уште одамна. Вакво ветување дадоа од владејачката СДСМ, а и актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити редовите на Алијанса за Албанците, во повеќе наврати го потенцираше како приоритет во неговото работење.

Премиерот вели дека во ваквите планови биле спречени поради пандемијата и енергетската криза. 

клиника Скопје
Се најавува укинување на организациските и на медицинските директори на клиникитеФотографија: Petr Stojanovski

„Скоро четири години сме прво во ковид криза, енергетска криза, економска криза, меѓутоа кога првиот момент кога капацитетите на медицинскиот кадар и кога капацитетите на Министерството за здравство влегоа во понормални води, министерот веднаш поднесе информација што едногласно беше усвоена во Владата“, вели Ковачевски.

Што ќе се спојува? 

Се предлага повторно спојување во еден клинички центар во којшто точно ќе се знае одговорноста, обврските и надлежностите. Министерот за здравство вели дека реорганизираниот Клинички центар ќе стане реалност, но во мај или почетокот на јуни следната година. 

„Течат сите процедури, треба да се спојат 33 управни одбори, 33 медицински, 33 организациски директори. Веќе нема да дозволиме здравството да биде во ваква состојба, сите наши планови се реализираат со конкретната динамика што ја имавме досега“, рече Меџити.

Тој информираше дека околу Нова година ќе има нови тендери за доградба на новите згради на болниците во Кичево и во Штип. Новата зграда за болницата во Кичево е почната уште во 90-тите години, а во Штип темели за нов објект се почнати пред седум години во 2016 година.