1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСловачка

Словачка се нуди за домаќин за преговори за Украина

ЖА
27 декември 2024

Словачката влада го поздрави одговорот на рускиот претседател Владимир Путин на нејзината понуда да биде домаќин на можни мировни преговори со Украина.

https://p.dw.com/p/4odEF
Владимир Путин и Роберт Фицо во Москва
Рускиот претседател  Владимир Путин и словачкиот премиер Роберт Фицо во МоскваФотографија: Artyom Geodakyan/TASS/IMAGO

Словачка е подготвена да биде домаќин на можни преговори за мир во Украина. „Ние нудиме такви преговори на словачко тло“, изјави министерот за надворешни работи Јурај Бланар во петокот на онлајн сервисот Фејсбук. Претставниците на сите страни во конфликтот „а со тоа и Русија“ мора да учествуваат во разговорите, нагласи Бланар.

Рускиот претседател  Владимир Путин  ден претходно изјави дека Словачка предложила да служи како „платформа“ за мировни преговори во Украина. Путин го нарече предлогот „прифатлив“ и ја пофали  „неутралната позиција“ на Словачка.  Тој притоа ја потенцираше отвореноста на Русија за преговори за ставање крај на конфликтот, но и решеноста за остварување на нејзините цели во Украина. Според Путин, словачкиот премиер  Фицо при посетата на Кремљ  пред неколку дена ја понудил Словачка како домаќин за преговори  меѓу Русија  и Украина.

Словачкиот премиер Роберт Фицо е еден од ретките лидери во Европа кој продолжува да одржува блискост со Кремљ. Непосредно пред Божиќ, тој го посети Путин во Москва, што  беше критикувано од другите земји на ЕУ.Неколку недели пред Доналд Трамп да се врати на функцијата претседател на САД, се почесто се дискутира за можноста за мировни преговори за ставање крај на војната во Украина,  која трае од февруари 2022 година. За време на неговата изборна кампања, Трамп најави дека ќе го врати мирот во Украина „во рок од 24 часа“ по преземањето на функцијата. Неизвесноста околу тоа како планира да го постигне тоа предизвика загриженост во Украина. Киев стравува дека може да биде принуден да склучи  договор кој би бил штетен за земјата.