1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиПортугалија

Смртоносни шумски пожари во Португалија

СН/агенции
17 септември 2024

Португалија беше главно поштедена од големите шумски пожари оваа година. Но, сега некои пожари предизвикуваат голема загриженост, особено во регионот Авеиро.

https://p.dw.com/p/4khSZ
Хеликоптер во операција на гаснење на шумски пожар во Португалија
Хеликоптер во операција на гаснење на шумски пожар во ПортугалијаФотографија: HELDER SANTOS/AFP

Најмалку три лица загинаа, а 17 се повредени во шумските пожари кои беснеат во регионот Авеиро во Португалија, објавија португалските власти.

Пожарникар починал од срцев удар, а пронајдени се телата на двајца цивили, објави новинската агенција ЛИСА, повикувајќи се на агенцијата за цивилна заштита АНЕПЦ.

Еден од загинатите е 28-годишен вработен во шумарство кого пожарот го изненадил во шумата. Според извештаите, втората жртва, како и пожарникарот, починала од срцев удар додека се обидувала да го изгаси пожарот надвор од својот дом.

Најкритично во северна и во централна Португалија

Според властите, речиси 3.500 пожарникари, војници и припадници на цивилната заштита ги гаснат пожарите. Ситуацијата е најлоша на северот и во центарот на државата.

„Ситуацијата не е надвор од контрола, но е сложена“, рече шефот на АНЕПЦ, Андре Фернандеш. Тој додаде дека гаснењето на пожарот напредува добро со оглед на околностите.

Шпанија, Франција, Италија и Грција ќе испратат по два канадери откако Лисабон тоа го побара од Европскиот механизам за цивилна заштита.