Смртоносно невреме предизвика пустош во делови од Европа
1 јули 2024Екстремните временски услови на викендот во Франција, Швајцарија и во Италија предизвикаа големи штети и однесоа седум животи, соопштија локалните власти.
Три лица на возраст меѓу 70 и 80 години загинаа во саботата во североисточниот француски регион Обе, кога дрво го здробило автомобилот со кој патуваале за време на силните ветрови, изјавија локалните власти за новинската агенција АФП во неделата.
Во соседна Швајцарија четири лица загинаа, а уште две се водат како исчезнати, според локалната полиција, откако силното невреме со грмотевици и топењето на снегот предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во два јужни кантони.
Три лица загинаа рано во неделата во лизгање на земјиште во оддалечената долина Маџија, во алпскиот кантон Тичино, каде што се зборува италијански, се вели во соопштението на полицијата.
Службите за цивилна заштита објавија дека во Валис се евакуирани „неколку стотици“ луѓе и дека патиштата се затворени откако реката Рона и нејзините притоки се излеале на различни места.
Итните служби го проценувале најдобриот начин за евакуација на 300 лица кои пристигнаа на фудбалскиот турнир во Печија, додека речиси 70 беа евакуирани од кампот за одмор во селото Моњо.
Лошото време особено го отежна спасувањето, соопшти претходно полицијата, бидејќи неколку долини биле непристапни и отсечени од електричната мрежа. Федералниот систем за предупредување, исто така, соопшти дека дел од кантонот е без вода за пиење.