Снус меѓу младите - колку е штетна неговата употреба?
27 март 2024Снусот сѐ повеќе се шири меѓу младите во Северна Македонија, но надлежните сè уште немаат утврдено колкави се штетните последици од неговото користење. Владата со низа мерки најавува дека ќе ја контролира употребата на никотинските кесички меѓу младите. По седницата во вторникот (26.03), дадени им се задолженија на надлежните институции, а пред сѐ на Министерството за здравство.
Колку се безбедни?
Ова министерство треба да изработи анализа со која што ќе се утврди дали никотинските вреќички се безбедни за населението од здравствено токсиколошки аспект и дали производот треба да биде во слободна продажба во земјата, или при евентуално одобрување на пазарот треба да се стави забрана за продажба на лица помлади од 18 години.
Владата го задолжи и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира работна група со претставници од Министерството за здравство, Министерството за економија, Министерството за финансии и Државен инспекторат за земјоделство и Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).
Компаративна анализа
Оваа работна група треба да изработи компаративна анализа на законодавството за проблематика во врска со никотинските вреќички во ЕУ и Западен Балкан, како и да даде предлози за изменување и дополнување на прописите во областа со која што се регулира здравствената безбедност, прометот, даноците и акцизите за никотинските вреќички во државата.
Популарен меѓу младите
Снусот е популарен меѓу младите во целиот регион. Станува збор за супстанца која е евтина, но може да предизвика зависност. Станува збор за тутунски производ во прав, кој може да се набави и во трафиките. Дел од младите го набавуваат и во Србија.
Снусот е форма на бесчаден, влажен тутун со потекло од Скандинавија. За разлика од многу други производи без чад, снус се става во горната усна. Се здоби со популарност како потенцијално помалку штетна алтернатива на пушењето во Шведска.
Но, биохемичарите предупредуваат дека во случај на користење на чист никотин во каква било форма, особено ако е комбиниран со емулгатори како што е случајот во снус, ефектите на никотинот врз централниот нервен систем се исти како при употреба на дроги.
Анализа
Институтот за јавно здравје во анализа од 2023 година за употребата на тутун, снус и други сродни производи во Македонија наведува дека состојбата со употребата на тутунските производи е на многу лошо ниво.
Бројните недостатоци во законската легислатива, но и во неспроведувањето и не вршењето на контрола за спроведување на одредени закони, резултира со многу широко распространета употреба на тутунските производи. Исто така недоволната поддршка на здравствените работници и на советувалиштата за откажување од пушење, недоволниот број на кадар, недостатокот од обуки и буџет насочен за превенција и откажување од употреба на тутунски производи, се само дел од причините поради кои има и незадоволство од граѓаните, но и од здравствените работници кои работат на ова поле, се вели во анализата.
Во неа се посочува дека Министерството за здравство треба да иницира донесување на нова Национална стратегија за контрола на тутунот и тутунските и сродни производи до 2040 година.