1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се обезбеди ли мнозинство за нови министерства?

ДТЗ
3 јуни 2024

ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека ќе добијат поддршка за формирање нови и трасформација на постоечките министерства, во пресрет на доделувањето на мандатот за формирање на новата влада.

https://p.dw.com/p/4gZUZ
собрание
Ќе се обезбеди ли мнозинство за нови министерства?Фотографија: Petr Stojanovski

Новоформираното Собрание се наоѓа пред првиот предизвик - дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за да се изгласаат законските измени со кои ќе се овозможи реорганизација на министерствата. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, како и нивните коалициски партнери „Вреди“ се надеваат дека ќе добијат поддршка за формирање нови и трасформација на постоечките министерства, во пресрет на доделувањето на мандатот за формирање на новата влада. 

„Тоа е предизборно ветување што го дадовме на граѓаните. Во моментов, работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски по прва официјална координација на собранискиот спикер Африм Гаши со претставници на партиите.  

Деновиве се очекува да биде поднесено и законско решение. Според Мицевски, поприоритетно во моментот е да се формираат комисиите, односно работните тела за да можат сите овие закони да поминат низ соодветните комисии.

„Во моментот ја имаме формирано само Верификационата комисија и Комисијата за прашањата на именувања и изборите. Потребни се и другите – Комисијата за политички систем, Законодавно правната комисија и другите комисии за кои на денешната првична координација имаше разговори. Очекувам да најдеме разбирање со колегите координатори за тоа која комисија, на која пратеничка група да припадне за да може Собранието целосно да биде функционално“, рече Мицевски. 

Христијан Мицкоски
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова неделава треба да му го додели мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Фотографија: Petr Stojanovski

Потребна е поддршка и од опозицијата 

И пратеникот на Коалицијата „Вреди“, Халил Снопче вели дека даваат поддршка и очекуваат дека и другите пратеници ќе ги поддржат измените на системските закони за да се овозможи формирање нови и трансформација на постоечките министерства. 

„За двотретинско мнозинство сигурно ни треба поддршка од пратеници од опозицијата. Без таква подддршка не може да помине“, вели Снопче.

Мицкоски изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Платформа 1198“ најави отворање на Министерство за енергетика рударство и минерални суровини, се планира досегашната Агенција за млади и спорт да биде трансформирана во Министерство за спорт, а секторот млади да влезе во министерство Министерство за социјална политика, демографија и млади. Ресорот труд да влезе во Министерство за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура. Министерство за информатичко технологија и администрација ќе биде министерство за дигитална трансформација и за 10% треба да се намали бројот на јавни институции.

Пратеникот на Коалицијата „Европски фронт“, Блерим Беџети во изјава за медиумите во Собранието нагласи дека законските измени поврзани за реорганизацијата на министерствата уште не стигнале до нив и потенцира дека ќе дадат конкретен став откако ќе ги видат и разгледат.

Сличен став изнесе и пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски. Тој вели дека поддршка не може да биде дадена на „невидено“.  

Партиски препукнувања 

Но, прво треба да се формираат работните тела низ кои треба да поминат овие законски решенија, односно собраниските комисии - Комисијата за политички систем и Законодавно правната комисија. Снопче вели дека на координацијата имало препукувања околу тоа дали двете потребни собраниски комисии треба да бидат формирани посебно, поради што смета дека треба поголема координација од страна на политичките партии.

„Роковите веќе течат. Заради тоа овие две комисии - Комисијата за политички и Законодавно правната комисија треба да се формираат што побргу, за да можеме во Собранието да го процесуираме законот“, рече тој. Снопче не гледа никаква причина овие законски измени да не бидат поддржани и од опозициските партии СДСМ и Коалицијата „Европски фронт“.

Претходно и Демократскиот сојуз се изјасни дека промената на надлежностите на некои министерства и формирањето нови треба да се одвива со брзо темпо за да се формира нова Влада и да се спречи целосен колапс на државата.

„Сведоци сме на целосно разградени институции и нивна неефикасност и разнебитеност. Најеклатантен пример е Министерството за здравство, каде Клиничкиот центар е во целосен колапс и истиот не може да обезбеди врвна здравствена заштита на граѓаните. Состојбата е слична во многу други институции, а перфидните најави и закани за дестабилизација на државата на етничка основа само ја изоструваат потребата од брзо формирање Влада, која треба да профункционира со полн капацитет“, велат од партијата на Павле Трајанов.  

собрание
ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека ќе добијат поддршка за формирање нови и трасформација на постоечките министерстваФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Министри како декор 

Но, според министерот за правда и генерален секретар на Алијанза за Албанците, Кренар Лога, давањето поддршка од страна на „Вреди“ за програмските цели на ВМРО-ДПМНЕ (Програма 1198) преку менување на системски закони со 2/3 мнозинство, создавајќи министерства за да ги развластуваат Албанците, покажува нивна примерна вазалност.

„Создавањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го прави Министерот за економија неважен и само декор, односно министер без ресор. Истото се очекува да се случи и со Министерството за труд и социјална политика, одземајќи ги надлежностите за предучилишното образование,  односно градинките, и префрлувајќи ги тие надлежности во Министерството за образование, што ќе направи уште едно министерство водено од Албанци безвредно“, вели Лога. 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова неделава треба да му го додели мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од моментот кога ќе стане мандатар, Мицкоски ќе има рок од 20 дена да ја состави новата Влада.