1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц и Ердоган: Ледена атмосфера пред посетата

17 ноември 2023

Турскиот претседател Ердоган денеска доаѓа во посета на Берлин. Посетата не изгледа баш пријателска, постојат огромни разлики во ставовите, посебно за војната на Блискиот Исток меѓу Израел и Хамас.

https://p.dw.com/p/4Ysel
Олаф Шолц Реџеп Таип Ердоган
Германскиот канцелар Олаф Шолц и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, март 2022 годинаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Германија, од денеска (17.11) веројатно до сабота, не е со добри предзнаци: атмосферата меѓу Берлин и Анкара е ледена. Причината за тоа е војната на Блискиот Исток, пред сѐ  различните позиции кон Израел и исламистичкиот Хамас.

Шолц за критиката на Ердоган против Израел: „Апсурдно!"

Ердоган во повеќе наврати во последно време употреби  остри зборови против Израел  и застана во одбрана на терористичкиот Хамас. Израел веќе 75 години се обидува „да создаде држава на територијата која му ја украде на палестинскиот народ“, изјави Ердоган неодамна во Анкара. Тој го стави под прашалник легитимитетот на Израел поради „неговиот сопствен фашизам“. Во вторникот германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференција во Берлин ги отфрли зборовите на Ердоган како „апсурд“, истакнувајќи – „Израел е демократска земја."

„И тоа мора многу јасно да биде кажано, а за тоа не постои никаков сомнеж“, рече Шолц.

Уште претходно, претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јозеф Шустер, остро го нападна Ердоган: турскиот претседател „со својата пропаганда ги разгорува немирите на германските улици и психичкиот терор против Евреите во Германија“, рече Шустер.

Симпатизери на Ердоган во Германија
Турскиот претседател Ердоган е омилен кај неговите сонародници во Германија - собир на негови симпатизери во Келн во 2016 годинаФотографија: picture alliance/dpa/H. Kaiser

Владата и опозицијата сепак се за посетата

Во Берлин не малку политичари се на мислење дека би било подобро посетата да се откаже во овој деликатен момент. Но, германската влада не дели такво размислување, исто како ни опозицијата во Бундестагот – шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц, во оваа точка го поддржува канцеларот. Турција е премногу важна за Германија и обратно, смета тој. Таков став има и Родерих Кизеветер, надворешнополитички експерт на ЦДУ, кој меѓутоа потсетува на скандалот при посетата на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас на Берлин во средината на август 2022 година. Кизеветер за Дојче веле истакнува: „Не смее да се повтори ситуација како онаа при посетата на Абас лани, кога тој го негираше Холокаустот, без Шолц да му противречи“.

Махмуд Абас  Олаф Шолц
Изјавите на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас на прес во Берлин беа катастрофа за канцеларот Олаф Шолц во 2022 годинаФотографија: Wolfgang Kumm/dpa/picture alliance

Бидејќи такво нешто не сака никој во владата, ситуацијата е исклучително напната. Постои големо стравување дека Ердоган ќе ја искористи посетата за да создаде расположение против Израел и Евреите кај околу 1,5 милиони Турци кои живеат во Германија. А владата е свесна дека околу две третини од  турските државјани кои живеат во Германија,  лани му помогнаа на турскиот претседател во неговиот реизбор.

Екстремно скромна програма на посетата

Тоа е една од причините поради кои програмата на посетата е изразито „тенка“. Ердоган доаѓа денеска попладне и ќе биде примен од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во дворецот Белви. Потоа на агендата е вечера кај канцеларот Олаф Шолц. Така е според досега предвиденото. Дали ќе има прес-конференција, евентуално в сабота, е отворено прашање. Владиниот портпарол Штефен Хебештрајт во средата не исклучи таква можност, но со дополнување дека уште се преговара.

Во секој случај, едно е јасно – германската влада по можност сака да избегне секакви термини на Ердоган во јавноста, на улиците на Берлин. На германско олеснување, не е планирано Ердоган да присуствува на фудбалскиот натпревар на репрезентациите на Германија и Турција на Олимпискиот стадион во Берлин в сабота, што инаку го посакуваа многу Турци. 

Во Берлин е крајно непријатно сеќавањето на говорот на Ердоган на стадион во Келн во мај 2010 година, кога упати повик до своите околу 15.000 сонародници да се интегрираат и да учат германски, но на крајот додаде: „Никој не може да очекува да бидете асимилирани."

Бенјамин Нетанјаху и  Реџеп Таип Ердоган
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и турскиот претседател Ердоган во септември 2023 - односите уште беа добри пред нападот на ХамасФотографија: AK Party/Zuma/picture alliance

Сепак – Германија и Турција си се меѓусебно потребни

Но, и Ердоган денес е свесен за ова – со оглед на турската економска криза, Турција е зависна од добрите економски односи со Германија. Анкара од друга страна е важна за Германија и за ЕУ, зашто Турција уште може да помогне во  ограничувањето на бројот на бегалци  кои се упатуваат кон Европа. Ердоган пред седум години, на врвот на бегалската криза, се договори со ЕУ да ги запре шверцерските активности на турската граница и да ги прифати бегалците чии барања за азил во Грција се  одбиени. За возврат Анкара доби многу милијарди евра за згрижување на луѓето. 

Договорот во моментов помалку или повеќе е ставен на мраз, но ЕУ се надева на негово заживување. Надворешнополитичката експертка од ФДП, Мари-Агнес Штрак-Цимерман верува дека на Европа Ердоган ѝ е потребен и во однос на темата војна на Блискиот Исток. За Дојче веле таа изјави: „Важно е војната таму да не се прошири. А во тоа, и Турција секако игра важна улога. Затоа, мораме да разговараме меѓусебно. Прашањето е само со колкава јасност."

Највисок степен на безбедност во Берлин

Значи, погледите на политички Берлин се вперени кон канцеларот Олаф Шолц, кој треба да контрира на евентуални испади на Ердоган. Односот меѓу двајцата политичари од почеток е студен, уште од инаугуративната  посета на Шолц на Турција во март 2022 година. Потоа возвратната посета на Берлин беше привремено одложена, за уште пред терористичкиот напад на Хамас врз Израел, да биде презакажана за ноември.

Во секој случај, во Берлин се прогласува највисок степен на безбедност кога доаѓа турскиот претседател. Дали на покривите ќе бидат поставени и снајперисти, како при државната посета во 2018 година, не е познато. Во 2018 година во акција на обезбедување беа ангажирани околу 4.000 полицајци, во владиниот кварт важеше вонредна состојба. Така ќе биде веројатно и овојпат, зашто илјадници Курди сакаат да демонстрираат за забранетата Работничка партија ПКК и против политиката на Анкара.