1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спас за должниците - се ограничува каматата на долговите

ДТЗ
5 мај 2023

Ова ќе биде можно доколку добијат поддршка законските измени коишто ги поднесоа СДСМ и парламентарното мнозинство со кои се ограничува каматата на долговите.

https://p.dw.com/p/4Qtfp
долгови
Задолжените граѓани наскоро би можеле да здивнатФотографија: picture alliance/dpa Themendienst/C. Seidel

Задолжените граѓани наскоро би можеле да здивнат - со законски измени ќе се бара спас од должничкото ропство и ќе се ограничува каматата на долговите, со цел да не биде повисока од долгот. Ова ќе биде можно доколку добијат поддршка законските измени коишто ги поднесоа СДСМ и парламентарното мнозинство со кои се ограничува каматата на долговите,

„Ставаме крај на огромните каматни стапки кои досега во некои случаи и повеќекратно беа повисоки од самиот долг“, изјави ,Снежана Калеска Ванчева, пратеничка на СДСМ на денешната прес-конференција. 

Каматата престанува да тече

Со предложените измени во Законот за облигациони односи и Законот за извршување, казнената камата нема да може да биде поголема од долгот. Тоа значи во ситуација кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече. Па така, за долг од 1.000 денари, се предлага максималниот износ на каматата да биде 1.000 денари. Со предлог законски измени се предвидува и скратување на рокот за застареност од 10 на 5 години од правосилноста на одлуката.

Ова во пракса значи намалување на можноста за акумулирање на каматата, но и стимулација за побрза наплата од страна на доверителите. „На овој начин ставаме крај на енормните камати што повеќекратно го надминуваа долгот и на тој начин граѓаните, па и цели семејства се туркаа во должничко ропство“, вели Калеска Ванчева.

Собрание
СДСМ и парламентарното мнозинство предлагаат законски измени со кои се ограничува каматата на долговитеФотографија: Government of North Macedonia

Овие предложени измени директно ќе се однесуваат и на Законот за финансиски друштва каде што е регулирано финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки кредит, ако трошоците што не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60% од износот на одобрениот кредит. Надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот, а кои произлегуваат или на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги.

СДСМ бара поддршка од сите пратеници за што поскоро да бидат усвоените овие законски измени. 

Аларм

Најголем проблем со кој се загрозуваат човековите права се превисоките камати на долговите. Една третина од вкупниот број на претставки поднесени до Омбудсманот во Северна Македонија се однесуваат токму на постапките со извршителите. Поради тоа, Народниот правобранител, Насер Зибери уште минатата година иницираше да се ограничи каматата на долговите кон извршителите

Според него, недозволиво е каматата да биде три пати повисока од основниот долг, поради што се бараше каматата да се плафонира најмногу до 100 проценти од основниот долг. Поради овој проблем има граѓани кои цел живот се должници кон доверителите, поради ниските примања и превисоките камати. „Со постоечкиот начин на спроведување на извршувањето утврдивме дека се нарушуваше и загрозуваше егзистенцијата на граѓаните, а некои поради затезните камати слободно може да се каже дека запаѓаа во должничко ропство бидејќи не можеа да ги исплатат главницата и каматата“, рече Зибери во октомври минатата година. Според него, ќе биде потребно да се интервенира и во Законот зa облигационите односи и Законот за извршување, во делот на наплатата на каматите во постапките за извршување.