Повици за блокади и ноќни стражи, МВР апелира за воздржаност
27 јануари 2023Во пресрет на одбележувањето на 4 февруари, годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, надлежните институции во Скопје упатуваат апели за смиреност и воздржаност, откако на социјалните мрежи се појавија повици за блокади на патиштата и стражи пред гробот на македонскиот великан.
„Нема никаква потреба од какво било организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи на денот на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, затоа што тука се институциите на системот“, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Сценарио и дел од хибридната војна
Тој смета дека последниот случај во Охрид е сценарио и дел од хибридната војна. Во емисијата „Утрински печат“, Спасовски истакна дека „од иста групација се и тие што тепаат и тие што се тепани“.
„Тоа ја докажува таа хибридна војна. За секое инкриминирачко дејство што се прави, државата реагира. Не може во ниту еден момент, ниту еден граѓанин, без разлика на национална, верска, политичка и која било друга припадност да биде физички нападнат и да биде малтретиран. На тоа државата јасно ќе се спротивстави и ќе преземе мерки какви што презема и во овој случај“, рече Спасовски.
Повик да не се блокираат патиштата
Спасовски апелира за мирно, достоинствено чествување, потенцирајќи дека МВР и безбедносните служи ќе ги преземат сите мерки за настанот да помине мирно и без инциденти.
МВР ќе формира посебен штаб за оваа цел, а Спасовски е уверен дека нема да биде многу голем бројот на оние кои се организираат и сакаат да дојдат на гробот на Гоце Делчев, бидејќи „граѓаните не се расположени за конфликти, сакаат стабилизација и напредок“.
„Апсолутно нема да дозволам како МВР понижување на македонскиот народ и држава, најмалку да не понижи некој кој доаѓа од надвор. Ние сме народ кој е гостопримлив, кој знае да укаже чест и почит, но таа чест и почит мора да ни биде возвратена. Нема да дозволиме дома некој да ни дојде за да не понижува. Во тој дел институциите работат и прибираат информации, нагласи Спасовски.
За тоа дали европратеникот Ангел Џамбаски ќе биде прогласен за персона нон грата, Спасовски рече дека ќе ја носат одлуката кога ќе дојде време за тоа. „Одлуките не се прејудицираат, посебно во делот на безбедноста. Не може да ги кажете плановите и да излезе во јавност и така да се отвориме пред сите. Тоа можат да го прават неодговорни политичари. Институциите ќе работат сериозно врз основа на сите сознанија, ќе бидат вклучени сите сектори задолжени во овој дел за на крајот да ја постигнеме целта, а тоа да биде со мир, стабилност и безбедност за нашите граѓани и држава“, вели Спасовски.
Мерки
Ваквите мерки се преземаат откако на социјалните мрежи е објавен повик до граѓаните на 4 февруари да се блокира патарината Куманово – Скопје, бидејќи на тој ден се очекува бугарски граѓани да дојдат во Скопје за да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев. Во исто време има и иницијатива за ноќна стража на гробот на Гоце Делчев.
„Повик до сите родољуби! Дојдете со камиони, трактори, автомобили и друга машинерија и поддржете го протестот. Кумановчани – ве повикуваме во 9 часот да ја блокирате патарината кон Скопје. Да не дозволуваме бугарските неонацисти да плукаат по споменот на великанот Гоце Делчев“, се вели во објавата.
Во меѓувреме Бугарија најави дека ќе бара со нота да им се обезбеди пристап на Бугарите што патуваат во Северна Македонија за да се поклонат на споменикот на Гоце Делчев на 4 февруари. На настанот ќе учествуваат и претставници на бугарската амбасада.