1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стигнува „рентген снимката“ од ЕК: Дали сме на добар пат?

12 октомври 2022

Северна Македонија е умерено подготвена по речиси сите критериуми, било оценето во нацрт-извештајот на Европската комисија, објави РСЕ.

https://p.dw.com/p/4I48O
Европската Комисија денеска (12.10) треба го усвои и презентира пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан
Европската Комисија денеска (12.10) треба го усвои и презентира пакетот за проширување на земјите од Западен БалканФотографија: Government of North Macedonia

Европската Комисија денеска (12.10) треба го усвои и презентира пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан, со посебен извештај за секоја земја. Извештајот анализира колку земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Северна Македонија, напредувале на европскиот пат во однос на реформите, владеење на правото, почитувањето на основните права, битката со корупцијата, независноста на судството, а еден од важните елементи е и нивната усогласеност со надворешната политика на ЕУ.

Уште пред усвојувањето на Извештајот, протекоа информации од содржината на посебните нацрт-извештаи за земјите од Западен Балкан, според кои, потребата од реформи и битката со корупцијата генерално остануваат главни предизвици за регионот.

Да се изгради динамика за реформи

Според увидот што Радио Слободна Европа го имала во нацрт извештајот за Северна Македонија, во него било наведено дека земјата е умерено подготвена по речиси сите критериуми. Единствено во економските критериуми бил наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјата со европската надворешна и безбедносна политика - многу добар прогрес.

Во него се наведува дека работата на Собранието била нарушена со политичката поларизација, што го одложило усвојувањето на многу закони. Потребно е добро планирање и консултации за да се ограничи носењето на закони по брза постапка, а пратеничките прашања треба да бидат почести.

„Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи“, пренесе РСЕ акценти од нацрт извештајот.

Во нацрт извештајот се наведува дека работата на Собранието била нарушена со политичка поларизација, што го одложило усвојувањето на многу закони
Во нацрт извештајот се наведува дека работата на Собранието била нарушена со политичка поларизација, што го одложило усвојувањето на многу закониФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во него било нотирано и дека се направени реформи во службите за безбедност, но и дека треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби. Се забележува дека доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.

„Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во справување со случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорните и управни одбори“, било наведено во нацрт извештајот.

Умерено подготвена

Во однос на правниот систем, се оценува дека тој постигнал одреден степен на подготвеност и е умерено подготвен, дека започнала подготовка на нова судска реформа, која мора да биде посистематска и дека судството покажало заложба да го заштити својот интегритет и независност. Земјата постигнала одредено ниво на подготовка и е умерено подготвена за превенција и борба против корупцијата.

- повеќе: Маричиќ ја повикува опозицијата да ги усогласат преговарачките позиции за ЕУ

„Случаите отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство продолжија, утврдувајќи одговорност за нелегалното прислушување“, се наведува во извештајот. Забележано е дека за голем број предмети има првостепени пресуди, отворени се постапки и против високи владини функционери, но и дека се потребни повеќе пари и луѓе во јавното обвинителство и единиците за борба против корупцијата, како и поголеми напори за засилување на ефикасноста во борбата против перењето пари.

Во однос на правниот систем, се оценува дека тој постигнал одреден степен на подготвеност и е умерено подготвен
Во однос на правниот систем, се оценува дека тој постигнал одреден степен на подготвеност и е умерено подготвенФотографија: DW/P. Stojanovski

- повеќе: Ќе донесат ли преговорите со ЕУ повеќе пари и европски стандард?

Оценето е дека правната рамка за заштита на основните права во голема мера е според европските стандарди, и дека земјата е умерено подготвена во однос на слободата на изразување. Реформите во Македонската радиотелевизија се закочени поради одложувањето на именување членови во Програмскиот совет. Потребно е решавање на работничките права на новинарите - стои во извештајот.

- повеќе: Истражување: Длабок песимизам за во ЕУ и црвено светло за францускиот предлог

Во однос на економските критериуми, се наведува дека земјата постигнала добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Потребно е подобрување на управувањето со јавните инвестиции. Банкарскиот сектор останал стабилен, но од друга страна големата сива економија го кочи бизнисот.

- повеќе: Европска политичка заедница: „нов поредок“ без Русија

Доверлив партнер

Оценето е дека РСМ одржува добри односи со другите земји од регионот кои се во евроинтегративниот процес, а Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни. Во однос на усогласеноста на РСМ со надворешната и безбедносна политика на Европската унија се нотира многу добар прогрес, со тоа што земјата целосно застанала на страната на ЕУ во однос на руската инвазија врз Украина.

„Со тоа Северна Македонија покажа дека може да биде доверлив партнер“, било наведено во нацрт извештајот.

Висока оценка по прашањето за усогласеноста со надворешната политика на ЕУ има и Црна Гора, а се поздравува и и усогласеноста на Косово со одлуките на ЕУ по прашањето на руската агресија во Украина. Во извештајот за Србија, пак, се оценува дека низа изјави од на највисоките државни функционери биле во спротивност со надворешнополитичкиот став на ЕУ. Од Србија се очекува приоритетно и прогресивно да ги усогласи со надворешната политика на Унијата, односно со санкциите против Русија. Негативна оценка Србија добила и поради недостиг на напредок во преговорите со Косово, а и од Косово се очекуваат дополнителни напори на тој план.

Негативна оценка Србија добила поради недостиг на напредок во преговорите со Косово, а и од Косово се очекуваат дополнителни напори на тој план (фото: Александар Вучиќ, претседател на Србија и Албин Курти, премиер на Косово)
Негативна оценка Србија добила поради недостиг на напредок во преговорите со Косово, а и од Косово се очекуваат дополнителни напори на тој план (фото: Александар Вучиќ и Албин Курти)

Се оценува и дека односите меѓу Црна Гора и Србија „остануваат предзвикувачки“.

Она што се смета за изненадување, е потврдата од неофицијални извори од ЕУ, дека ЕК може да даде условена препорака - на Босна и Херцеговина да ѝ се даде статус на кандидат, под одредени услови. Ваквите наводи се изненадувачки, со оглед дека во извештајот за напредокот на БиХ не бил нотиран никаков напредок во повеќе области.