За Германците што живеат по долината на Рајна, холандското Северно море е најблиското, затоа и најомиленото за кратки престои. Од Келн до холандскиот брег близу Амстердам се патува со кола 3-4 часа. Холандија е непрегледна зелена низина. Се вели дека низината најчесто буди меланхолија, но тоа не важи за холандскиот пејзаж. Веројатно затоа што цела Холандија е една огромна градина. Секоја педа е култивирана. Се чувствувате како да чекорите низ некој градинарски бескрај, во кој постојано нешто расте и цути. Тоа го прави пејзажот пријатен и благ, жив и радосен. Си велите постојано дека во оваа земја мора да живеат многу среќни луѓе.
А кога ќе стигнете на холандскиот брег, притоа доколку имате среќа небото да е ведро, глетката е толку возвишена, што ви се чини дека сте првиот човек што ја здогледал убавината на творението. Низината ја редуцира земјата во видикот на тенка линија. Врз неа небото изгледа многу високо и опфаќа две третини од сликата. Недогледната низина дозволува да се заборавите како набљудувач и да станете едно со синилото на морето и небото. Во холандскиот пејзаж секогаш одново ги препознавам мотивите од делата на холандските сликари од 17-от век. Во малечкото градче во кое престојувавме, една од најстарите куќи беше изградена 1601-та. Sидана од ситни црвени цигли, таа имаше прозорци со стакло, врамено во многубројни метални коцки. Градбата ми падна в очи затоа што ми се пристори дека излегла од платната на прочуениот сликар Јан Вермер, притоа таквите куќи биле мотивот за неговите познати слики. Толку добро се одржани семејните куќи и ден-денес, што ви се чини дека не поминало ниту деценија од времето кога нив ги гледал славниот Вермер. Во прочуените пејзажи на фламанските сликари веднаш ќе го препознаете холандското небо. Модерната современа архитектура во холандските малечки крајбрежни градови хармонично е вклопена во глетката со традиционалните холандски семејни куќи, стари неколку века, сите препознатливи според истите мотиви во градбата на покривите, прозорците, еркерите, црвените и жолтеникавите цигли. Холандското културното наследство е успешно заштитено, бидејќи државата и сопствениците се свесни за среќата да се поседува семејна куќа, стара три века.
Се прашувам, дали е така и во Македонија? Дали странецот веднаш го препознава белегот на македонскиот пејзаж? Или особеноста на куќите во македонските села и градови? Свесно ли е македонското општество за најубавото во природните или културните богатства на Македонија? Се одржуваат ли природата и старите градби во Македонија на најдобриот начин, за да бидат сочувани за многу поколенија, како во Холандија или во Германија? Дали типичниот пејзаж на македонските плодни долини, како Овче Поле, за туристите остава впечаток на бескрајна градина, во која се‘ расте и цути, грижливо се одгледува и одржува? Секако, Македонија не поседува барокно сликарство како тоа на холандските сликари, затоа што таа уметност е тесно поврзана со појавата на граѓанската класа во европските општества. Меѓутоа, пејзажите со расцутените полиња во Овче Поле може да се видат во сликите на Личеноски. Дали денешните полиња во Пелагонија уште дозволуваат во нив да ги препознаете пејзажите на македонските сликари? Кога го гледате филмот „Земјата на медот”, ќе помислите дека Македонија денес има само пусти ридови и полиња, напуштени села, со распаднати куќи. Во урнатините од старите селски куќи само уште понекој одржан детал од портите или чардаците сведочи за посебноста на македонската традиционална куќа.
Истото важи и за македонската градска архитектура. Од детството ги паметам старите куќи во Гази Баба и во Дебармаало. Само мал број од нив е одржан до ден-денес. Ако Холандија буди во мене восхит за европската граѓанска култура, Македонија денес најчесто ме прави тажна, затоа што во неа ( барем во Скопје) полека исчезнуваат и последните сведоци на старите градски јадра. Се чини дека денешните Македонци немаат сетило за вредноста на старите градби, за македонската архитектура. Во Велес, во кој во шеесеттите уште беше жив автентичниот архитектонски белег, денес ги нема многу од старите куќи. Во новоградбите во македонските градови не се препознаваат старите урнеци на куќите. Затоа како минувач не посакувате да „ѕирнете” во тајната на таквите домови, онака како што таа магија на убавите куќи ја предава Вермер, сликајќи ги куќите во родниот Делфт, градот каде се произведува и денес најубавата холандска керамика. И Велес беше некогаш познат по грнчарството, по велешките стомни. За жал, дарбите на старите велешки или охридски градители и грнчари не станаа визијата и на новите генерации уметници и занаетчии, па затоа особеностите на македонското грнчарство и градежништво не продолжија да живеат во нови варијанти и облици. Затоа што македонската култура не успеа да ги популаризира македонските типични урнеци и како подлошка за современата применета уметност, старите занаети во Македонија речиси изумреа. Чувањето на своето, пак, почнува од најситното па се‘ до најголемото – од семејната куќа, па се‘ до градот.
Старите семејни куќи во Гази Баба, на пример, ги нема, а ако уште стојат, тогаш само како полу-урнатини, додека со центарот на Скопје владее кичот. Државата не помисли никогаш дека би можела да ги субвенционира сопствениците на старите куќи, за можат да ги реновираат и одржуваат. Во Германија има многубројни фондации за заштита на спомениците на културата. Тие на сопствениците на стари градби, заштитени како споменици на културата, за секое санирање им доделуваат субвенции во износ од 50% од трошоците. Тоа е европската пракса во чувањето на културата на старите градби, со што се зачувува автентичниот изглед на градовите. За да се постапува така и во одржувањето на автентичните македонски куќи, Македонија не мора да чека да стане членка на ЕУ. Тоа може да се стори во секој момент, доколку одговорните луѓе во надлежните институции посакаат да се информираат како тоа се чини во земјите како Германија или Холандија, за да можат брзо истите постапки да ги применат и во Македонија. Европската култура не е бриселската администрација. Европската култура е тајната на земјите како Холандија, кои си ја сакаат и негуваат природата и архитектурата во која живеат, затоа што знаат дека без неа и тие ќе го изгубат својот белег. Македонците се заглавени во историјата сфатена како митолошка слика. Тие живеат во замисленото блескаво минато, додека нивната стварност најчесто е грда. Затоа старите куќи им пропаѓаат пред очи. Би требало само еднаш да се загледаат со сочувство во нивните распаднати чардаци и порти, како што јас со восхит се загледував во убавите холандски куќи, за да можат да сознаат дека историјата најсилно говори токму низ немиот говор на старите зданија. Особено на старите македонски куќи!
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.