1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што остана од ерата Меркел?

ЕМФ | АРД
17 јули 2024

Влезе во историјата. Беше прва жена што ја извршуваше канцеларската функција - и тоа 16 години! Што остана од нејзиното владеење? И која е всушност Ангела Меркел? Документарниот филм на АРД се обидува да даде одговори.

https://p.dw.com/p/4iMQU
Бегалец со слика на Меркел по пристигнувањето во Минхен од Унгарија
Бегалец со слика на Меркел по пристигнувањето во Минхен од Унгарија (5.09.2015)Фотографија: Getty Images/AFP/C. Stache

На Ангела Меркел, родена во Хамбург и израсната во Темплин, во регионот Укермарк, политиката не ѝ била предодредена. Ќерка на свештеник, физичарка, која не припаѓала на движењето на отпорот - вака се карактеризира нејзиното време во Германската Демократска Република (ГДР). Дури со падот на Берлинскиот ѕид и промените што следеа кај неа се буди желбата за политика, за тоа да придвижи нешто. Тогаш е веќе во средината на своите триесетти.

Тогаш се приклучува на Demokratischer Aufbruch, помало граѓанско движење кое подоцна се топи во Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Таму, вниманието на канцеларот Хелмут Кол му го привлекува млада жена која изгледа незабележливо. Тој ја поставува за министерка во првиот кабинет на обединета Германија во 1990 година. Молневита кариера.

Затоа Ангела Меркел го добива прекарот „девојчето на Кол“. Таа беше позната како „двојна квота“: и жена и „Оси“ (име за лице од Источна Германија, н.з.). На Ангела Меркел ќе и треба долго време да се ослободи од тој имиџ.

Од друга страна, тоа ќе биде една од тајните на нејзиниот успех, смета Томас де Мезие, нејзин долгогодишен политички сопатник. Многумина ја потценуваат. Не само машките политичари во сопствената партија. Не ја сфаќаат сериозно. Дури и кога таа придонесе за падот на Хелмут Кол по скандалот со донации на ЦДУ и стана лидер на партијата, тие сепак веруваа дека тоа е само привремено. Се излажаа - долгорочно.

Во документарниот филм на АРД е прикажан уште еден истакнат пример на машка ароганција. Герхард Шредер, нејзин претходник на функцијата канцелар, кој тесно ја победи нејзината ЦДУ по сојузните избори во 2005 година, злонамерно праша: „Дали навистина мислите дека мојата партија ќе се приклучи на владата предводена од г-ѓа Меркел?“ Како што е познато, неговата партија го направи токму тоа; Ангела Меркел беше трипати канцеларка во Голема коалиција. Само што го немаше Герхард Шредер.

Прагматизмот како политичка стратегија

Стилот на владеење на Меркел како канцеларка често се опишува како прагматичен. Самата тоа го формулира вака: „Копнеам по она што е можно. Прво да се размисли и да се посоветува, а потоа да се одлучи.“ Умерениот, прагматичен пристап ѝ овозможува да ја води Германија низ бројни кризи: финансиска, економска, миграциска, корона-криза. За време на нејзиното владеење, се чини дека земјата сѐ надминуваше подобро од другите.

Сепак, денес постојат сомнежи. Новинарката Марина Вајсбанд за тоа вели: „Меркел само управуваше со кризи, не ги водеше“. Инвестициите во иднината, вели Вајсбанд, доцнеа бидејќи немаше стратешки одлуки кои на краток рок би биле непопуларни, но долгорочни корисни. Вајсбанд ја обвинува дека не направила повеќе за заштита на климата во Германија.

За Томас де Мезие, Меркел е повеќе типичен претставник на актуелното расположение во Германија. Граѓаните и компаниите, вели тој, долго време живееле добро со одлуките на владата на Меркел. Никој не сакал многу повеќе промени. Меркел, вели тој, е прагматичарка, а не визионерка. И, се разбира, сакаше да биде реизбрана, вели тој.

Ја обвинуваат и за одлуките што ги донела, а кои биле изненадувачки: напуштање на атомската енергија по катастрофата на реакторот во Јапонија во 2011 година и оставање на границите отворени за бегалците кои во Германија пристигнаа од Унгарија во 2015 година.

Поделба на општеството

Нејзината реченица „Ќе успееме“ сè уште предизвикува поделби во општеството. Има онакви - особено од други политички кампови - кои ја ценат за нејзината рана политика кон бегалците. Тие ја истакнуваат нејзината хуманост. А има и други, за кои оваа изјава беше погрешна. Јутјуберката ЛеФлојд смета дека Меркел не ги сфатила сериозно стравовите на луѓето. Таа преоптовари многу луѓе, смета ЛеФлојд.

За многумина, ова преоптоварување е и дел од објаснувањето зошто моќните политички сили од екстремно десничарскиот спектар успеаја да се етаблираат во текот на 16-те години од владеењето на Ангела Меркел. Прво Пегида, а потоа Алтернатива за Германија (АфД). Има уште една причина за триумфот на АфД, особено во нејзината партија: Меркел ја одведе ЦДУ предалеку во центарот и остави премногу простор на десната страна, оценува ЛеФлојд.

Сите се согласуваат за едно: таа никогаш не била конзервативна. Сепак, не е сосема јасно за што се залага Ангела Меркел. Нејзината политика на „она што е можно“ честопати беше прилично неидеолошка.

Од друга страна, тоа ја направи баран кризен менаџер на меѓународната сцена. Нејзините претежно машки колеги ги ценеа и стравуваа од ноќните конференции со „Ангела“, во кои таа наоѓаше компромиси и во безизлезни ситуации, кои сите можеа официјално да ги поддржат без да го загубат образот.

Неуспеси во политиката кон Русија

Имаше само една работа каде волјата на Меркел да постигне консензус не се оствари: рускиот претседател Владимир Путин секогаш ја следеше само својата агенда. На почетокот имаше забележителен напор - од двете страни. Но, брзо стана јасно дека и двајцата не се сакаат. Путин додуша преговараше, но потоа го правеше она што мислеше дека е соодветно.

На пример, Ангела Меркел ширум светот доби пофалби за мировните преговори за сепаратистичките области во источна Украина во 2015 година. Но, резултатот беше отрезнувачки. Прекинот на огнот не траеше ниту 48 часа.

Марина Вајсбанд, родена во Украина, ја обвинува Ангела Меркел за зајакнувањето на Путин со ваквите неефикасни договори. Сето ова многу ѝ наштети на Украина, која додуша доби време пред војната, која веќе беше на хоризонтот, но никој не го искористи тоа време за да обезбеди материјална поддршка за земјата, вели Вајсбанд. Меркел и Германија, смета таа, требало да обезбедат поголема воена помош пред рускиот напад.

Владимир Путин и Ангела Меркел во Дрезден во 2006 година
Владимир Путин и Ангела Меркел во Дрезден во 2006 годинаФотографија: /AP Photo/picture alliance

Вајсбанд смета дека е јасно зошто тоа не се случило: Германија, а со тоа и Меркел, не сакаа да го налутат Путин. Снабдувањето со евтини руски суровини, особено нафта и гас, им било премногу важно, смета таа. Интересите на бизнисот триумфираа над интересите на политичкиот разум и меѓународното право - со драматични последици, оценува Вајсбанд.

Драматични последици и за германската економија: евтината нафта и гас го одложуваат проширувањето на обновливите извори на енергија на штета на климата, нагласува Вајсбанд.

Значи, што останува од „вечната канцеларка“? Билансот е мешан. Има и пофалби и критики - во зависност од темата и кого го прашувате за неа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи